Скопје: Лидерска средба ЕУ-Западен Балкан за Планот за раст
28 јуни 2025
Главниот град на Северна Македонија, Скопје, ќе биде домаќин на значајна лидерска средба ЕУ-Западен Балкан на 30 јуни и на 1 јули 2025 година. Средбата ќе биде посветена на напорите за забрзување на спроведувањето на Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.
На средбата ќе присуствуваат еврокомесарката за проширување Марта Кос и лидерите на сите земји од Западен Балкан.
Според најавата од Европската комисија, покрај домаќинот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во Скопје ќе пристигнат и претседателите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
Европската комисија во пресрет на средбата во Скопје уште соопшти дека Планот за раст за Западниот Балкан нуди придобивки за шесте земји кои се подготвуваат за членство во ЕУ, и на средбата ќе биде разгледан напредокот и ќе се дискутира за следните чекори во неговото проведување.
Дводневната средба започнува во понеделник, 30 јуни, со средба меѓу премиерот Мицкоски и комесарката Марта Кос. По ова ќе следува билатерална средба со пошироки делегации. Официјално соопштение од Владата ќе биде објавено веднаш по завршувањето на овие состаноци.
Главниот дел од програмата е закажан за вторник, 1 јули, со пристигнувањето на останатите лидери од Западен Балкан. Првиот панел ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан, со воведни обраќања од премиерот Христијан Мицкоски и комесарката Марта Кос.
Вториот панел во вторник ќе се фокусира на конкретни механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст. На оваа дискусија ќе учествуваат министри од регионот, претставници на Европската Унија, регионални организации и меѓународни партнери, со цел да се обезбедат практични решенија за забрзување на реформите.
Очекувањата се дека средбата ќе донесе важни заклучоци и насоки за иднината на евроинтегративниот процес и економскиот развој на земјите од Западен Балкан. Целта е да се зајакне регионалната соработка и да се забрза пристапувањето кон ЕУ.
Планот за раст на Западниот Балкан, промовиран од Европската комисија во октомври 2023 година, има за цел да го поттикне економскиот раст на регионот и да им помогне на земјите да се приближат до ЕУ. Тој предвидува финансиски средства од шест милијарди евра за реформи и инвестиции во клучни области како што се енергетиката, транспортот и дигиталната трансформација. Овие средства, кои ќе бидат исплатени во форма на грантови и поволни заеми, имаат за цел да го зголемат просперитетот и стабилноста на Западниот Балкан.