1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лина Ќостарова- Унковска: Нема насилство без причина

ДТЗ
9 мај 2023

Како 13-годишно дете стана масовен убиец во Белград? Реномираниот клинички психолог Лина Ќостарова- Унковска за Дојче Веле анализира дека многу нешта можеле да се видат, препознаат и спречат.

Лина Ќостарова Унковска
Нема насилство без причина и без состојба на умот. Луѓето не се раѓаат со насилнички склоности, вели Лина Ќостарова УнковскаФотографија: privat

Нема насилство без причина и без состојба на умот. Луѓето не се раѓаат со насилнички склоности. Насилството е вид празнење на наталожен, често  неподнослив товар од повреди, болка, стравови, закани, несигурност, хаос, што „нема кој“ да ги разбере. Во сите нив се вградени човековите уверувања, умешности и влијанија, неговиот поглед за тоа кој/а е, каков сака и може да биде. Празнењето е силно, често разурнувачко и без заддршка, сеедно дали е кон себе си, или кон другите. Вака Лина Ќостарова-Унковска, клинички психолог, раководител на Центарот за психосоцијална и кризна акција - Малинска за Дојче Веле ги анализира последните случувања во регионот и  експлозијата на насилство кај малолетник кој стана масовен убиец.

„Сепак, бруталните, масовни насилства, се многу повеќе од тоа“, вели таа. Долго и добро подготвувани, врз силна идеја, тие не доаѓаат изолирано и ненадејно. Создавани во конкретни, поттикнувачки околности, масовните злосторства имаат навестувања и  знаци кои можат да се препознаат, но тие сознанија доаѓаат задоцнето. „А, потребно е и изводливо, да се пресече само една карика од кругот на насилството, за тој да не може да се затвори“, вели Ќостарова Унковска, по последните немили случувања во соседството, коишто го вклучија алармот и во земјата.  

Се бара одговорност од родителите и од училиштата, се отвараат прашањата за борба против нелегалното оружје и неговата достапност, за влијанието на социјалните мрежи врз детската психа и се бара забрана на ТикТок, како една од мрежите која што е најпопуларна меѓу младите. Можат ли ваквите мерки да вродат со плод?  

Може ли да се препознае и спречи? 

Особено кога се работи за дете, кое пресметливо и интелигентно планира, до најситни детали, со планови А и Б, со цртежи и мапи, со листи за отстрел, со калкулации со возрасни граници за одговорноста за делото, Ќостарова Унковска вели дека многу нешта можеле да се видат, препознаат и спречат.

„И сега отпосле, како секој од нас, како луѓе, да ја симнеме од себе одговорноста, во делот во кој сме можеле да бидеме поотворени за можностите, или помалку слепи за знаците? Како да го најдеме мирот?“, прашува таа. 

Реномиран клинички психолог со специјалност во психологијата на траума, смета дека за детето убиец, кое на 13 години, прецизно и ладно испукало 57 куршуми во свои соученици и возрасни, одземајќи 10 животи, „имаме доволно емпириски и стручни познавања да проговориме трезвено и јасно“.

„Знаеме за детскиот развој, за околностите на попкултурата на младите и нивните животни навики, за предизвиците на образованието, за општата култура на вредности што ги практикуваме... Но, дали е тоа доволно да составиме слика која не доближува до одговорите, зошто и како? Знаеме дека развојните потреби на денешните млади се истите оние како и на сите претходни генерации. Потребата за безбедност, за заштита, за припадност, за почит и вклученост во животот на заедницата се базични развојни потреби за кои денес знаеме многу повеќе, колку се клучни за детскиот здрав развој, но и колку е нивното задоволување кршливо и тешко. Денес тие бараат сосема поинаков пристап, контакт и размена, со учество на децата, од она што сме навикнале да им го пружаме во минатото“, вели нашата соговорничка. 

По масакрот во основно училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, се множат шпекулации околу тоа што го навело 13-годишникот да тргне во отстрелот. Кој е виновен за незапаметениот масакр во Србија?Фотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Родителите не ги разбираат децата 

Но, на возрасните тешко им е да го увидат и сфатат тоа, во брзо менливиот свет на неконтролабилни информации, влијанија и инстант решенија, кои и самите не ги разбираат. Немоќта и неспособноста на возрасните во новите улоги, нивната агонија да се справат со потребите и интересите на младите, често се гледа и во отвореното непријателство со кое тие неретко ги ословуваат како дефектна, извитоперена, размазена, невоспитана младина. 

„Премногу често го слушаме тоа. Фразите „во мое време“, или „кој мене...“, или „јас кога бев млад/а“, се никогаш поапсурдни од денес. Поддршката од возрасните (родители, наставници, авторитети) е толку повеќе неопходна, токму во вакви времиња, а изостанува во најкритичните моменти од детскиот развој, заменета со страв, загриженост, немоќ, закани, манипулации и казни, наместо отворено водство, респект за можностите, и конструктивна соработка“, вели Ќостарова Унковска и додава: 

„Изгубената врска и контактот со детето, возрасниот неретко ќе се обиде да ја надомести со сопствени, често манипулативни замисли, во решавање на проблемот. Па, ќе го однесе повреденото и социјално изолирано дете на стрелиште и ќе го обучува да пука, за да се почувствува моќно и јако. А тоа и натаму, во својата група, ќе остане маргинализирано, до моментот на одмазда - колку е само погрешно прочитана пораката, што е тоа што му е потребно“. 

Отуѓеност и на училиште 

Се повеќе млади не го сакаат училиштето - тоа е тренд којшто е во континуиран пораст во последните 14 години, што го потврдуваат и резултатите од значајно истражување. Чувството дека во училиштето не се слушнати и разбрани, уште помалку почитувани и дека својата припадност не ја гледаат таму, е доминантно за мнозинството млади. Тоа ги прави отсутни, површни, нетрпеливи и често насилни кон послабите од себе. На часовите се досадуваат, „глупираат“ и „губат време“. Нивните интереси се надвор од училишните клупи.

„Неразбрани, децата остануваат да растат во празен простор, несигурни, апатични, во недостиг од мотивација и други интереси. Наместо да одат, напред потпирајќи се и надградувајќи ја стварноста, тие растат и учат во паралелни системи, помогнати од нови технологии, мрежи на поврзувања и лажни слики за светот, игнорирајќи ја реалноста, која ги загрозува. И во тоа се брзи и добри, далеку подобри од возрасните. И поуспешни, во споредба со редовното образование“, посочува раководителката на Центарот за психосоцијална и кризна акција - Малинска. 

Се повеќе млади не го сакаат училиштето и живеат во алтернативни световиФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Живот во алтернативни светови 

Препуштеноста на себе и прекинот на контактот со значајниот возрасен, а потоа и одлепувањето (напуштањето) на реалноста, младите го решаваат во свртување кон сопствените, фабрикувани реалности, таканаречени. „ментални слики“ од алтернативни светови, изградени по сопствена мерка и контрола, каде што сè е можно, со новите технологии, брзите вмрежувања и размени. Тие стануваат полигонот за експериментирање и проверка на способностите, вештините, умешноста и знаењата и тоа без какви било последици, без клучниот тест на реалноста.

Детето убиец, вели говорничката на ДВ, е прототип дете на генерацијата, недоволно слушнати, неразбрани, исклучени, неадаптирани, социјално изолирани и емоционално неписмени деца, и покрај надпросечните способности, знаења и стекнати вештини. И со погрешно прочитани пораки за неговите потреби од страна на возрасниот.

„Горкото чувство на фатален пропуст во препознавање на знаците на тоа тешко недоразбирање кое мораше и можеше да биде надминато останува: оружјето во домот, часовите по стрелање, недостигот од макар еден близок другар или наставник, вклученоста во животот на заедницата, како и отсуството на суштинска размена со возрасниот, на значајни теми од неговиот живот„, вели клиничкиот психолог Лина Ќостарова- Унковска. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми