Избори: „Втора среќа“ за 33 кандидати за градоначалници
20 октомври 2025
Четириесет и четири општини во Македонија добија градоначалници уште во првиот круг од локалните избори во земјата. Во 33 општини, кандидатите ќе бараат втора среќаво вториот круг којшто треба да се одржи на 2 ноември. Со оглед на тоа дека уште трае пребројувањето на гласовите во одредени изборни места, неизвесно е дали во Старо Нагоричане ќе има втор круг, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Славковски има 50% од гласовите од 99,83% од преброените гласови.
Според првичните неофицијални резултати, во најголем дел од нив победија кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од обработени 99,94 отсто од гласовите на избирачите на 3472 од вкупно 3474 избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди место за градоначалници во 32 општини уште во првиот круг.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Гостивар, Липково, Пласница, Чашка.
Втора шанса на локалните избори ќе добијат водечките кандидати во Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани, Град Скопје.
Изборите се неуспешни во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше, каде не излегоа најмалку една третина од бројот на запишаните избирачи во Избирачкиот список.
Трката за Скопје
Според податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, градоначалници во првиот круг ќе добијат скопските општини Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај и Чаир.
Трката во вториот круг продолжува во четири скопски општини – Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари и за челната функција во Град Скопје.
По првиот круг во Општина Аеродром, каде што се обработени 99,90 отсто од избирачките места, води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен в.д. градоначалник, Дејан Митески, со 49,09 отсто од гласовите на скопјани или 16.225 гласа. Зад него е Александар Трајановски од СДСМ, кој има 20,79 отсто или 6.872 гласа.
Во Општина Центар, во првиот круг од обработени 99,86 отсто од избирачките места, најмногу гласови има кандидатот на СДСМ, кој е и актуелен градоначалник, Горан Герасимовски - тој има освоено 38,21 отсто од гласовите или 8.525 гласа. Зад него е Мирослав Лабудовиќ од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кој со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ освои 25,53 отсто или 5 695 гласа.
Во првиот круг не успеа обидот за избор на градоначалник и во Карпош. Во трката во вториот круг влегуваат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски и актуелниот градоначалник од коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски. Лукровски во првиот круг води со освоени 34,51 отсто или 10.284 гласа наспроти Јакимовски, кој има 29,40 проценти или 8.761 глас.
Во Шуто Оризари во вториот круг ќе се соочат актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Дудуш во првиот круг од обработени 99,66 отсто од избирачките места има освоено 36,57 отсто или 3.217 гласа. Демир, пак, има освоено 20,69 отсто или 1.820 гласа.
Втор круг од локалните избори ќе има за Град Скопје. Битката ќе се води меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ од Левица. Ѓорѓиевски е прв на листата на ДИК, со освоени 39,43 отсто од гласовите во Скопје или 91.582 гласа, додека кандидатот на Левица има освоено 13,20 отсто од гласовите (30.659 гласови).