Избори: Дел од општините остануваат со помалку советници
25 септември 2025
Дел од општините ќе останат со намален број советници, откако Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за ваквата владина одлука. „Неколку аспекти се битни за донесената одлука. Најнапред околу надлежноста на Владата, дали таа има надлежност да донесе ваква одлука. Апсолутно Владата е единствениот орган кој може да ја донесе оваа одлука, а надлежноста ја црпи од Уставот, член 91, алинеја 1, бидејќи таа е надлежна за извршување на законите. Воедно надлежноста произлегува и од член 63, став 3 од Законот за Влада на Република Северна Македонија“, информираше на прес-конференција судијката Добрила Кацарска.
Според член 34 од Законот за локална самоуправа, бројот на советници во општините не може да биде помал од 9, ниту поголем од 33. Според член 6 од Законот за локална самоуправа жители на општината се само оние кои лица кои имаат постојано живеалиште во таа општина.
„Не залудно и Изборниот законик прави разлика меѓу избор на претседател на републиката и пратеници од една страна, а од друга страна советници и градоначалници. Членот 7, точка 4 точно зборува дека советник во општина или градоначалник може да биде избран само оној кој е жител во општината зошто токму овие органи одлучуваат за секојдневниот живот на граѓаните во матичната општина“, појасни Кацарска.
Незадоволство во ДУИ
Одлуката на Уставниот суд, којашто се носи во пресрет на локалните избори во октомври, предизвика незадоволство во ДУИ. Според нив, станува збор за уште една скандалозна одлука.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на вонредна прес-конференција рече дека Уставниот суд одлучил да ја потврди одлуката на Владата за намалување на бројот на советници, особено во оние општини каде што мнозинството жители се Албанци.
„Уставниот суд уште еднаш потврди дека е параполитичка институција која работи по партиски диктат, која има за цел да реализира една опасна идеолошка платформа против своите сограѓани, во овој случај против своите сограѓани Албанци“, рече Адеми.
Според него, Уставниот суд одлучил спротивно на својата одлука со која ги укина деловите од Методологијата за пописот во 2021 година кои се однесуваа на категоризација на населението на резидентно и нерезидентно.
Кацарска смета дека не се точни тезите за наводна дискриминација во неколку општини каде мнозинството население се помалите етнички заедници. „Тоа не е точно затоа што во поголем број општини се намалува бројот на советници. Такви се на пример Кратово, Куманово, Крива Паланка, Пехчево, Струга, Јегуновце, Ново Село, Центар Жупа, а од друга страна има зголемување на бројот на советниците во општините: Студеничани, Карпош и Кисела Вода“, рече Кацарска.
Како ќе изгледа гласачкото ливче
Државната изборна комисија (ДИК) со ждрепка ја утврди листата на кандидатиза локалните избори во Македонија. Влечењето се одвиваше по азбучен редослед.
Прва на гласачкото ливче од партиите и коалициите ќе биде Искуство за успех, под број два Движење ЗНАМ, За наша Македонија, трета Демократска Партија на Србите во Македонија ДПСМ, четврта Национална алијанса за интеграција- НАИ-ДУИ, петта е Коалиција за локални избори 2025 - СДСМ, шеста Левица, седма Коалиција ВЛЕН, осма Коалиција - За зелена иднина, а деветта е Коалиција Твоја Македонија - ВМРО ДПМНЕ.
Изборната кампања за изборите започнува в понеделник на 29 септември а завршува на 17 октомври односно 24 часа пред изборите. Граѓаните ќе избираат градоначалници и совети на 19 октомври. Вториот круг на изборите ќе се одржи на 2 ноември.