1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска победа или изгубени една третина од гласовите?

ДТЗ
20 октомври 2025

По првиот круг на локалните избори, партиските аналитички центри ги сумираат резултатите - ВМРО-ДПМНЕ се пофали со историска победа, СДСМ ги брои изгубените гласови на владејачките партии.

Централата на СДСМ во Скопје
Од СДСМ тврдат дека тие остануваат втора најсилна партија во земјата.Фотографија: MAKFAX

Историска победа - вака владејачката ВМРО-ДПМНЕ го оцени првиот круг од локалните избори во Македонија, којшто заврши со голема победа во која партијата доби дури 32 градоначалнички места. Во оваа бројка не е вклучена општина Старо Нагоричане, каде кандидатот на владејачката партија има 50 отсто освоени гласови, што е на границата на потребни гласови за победа во првиот круг.

Кој е победник, а кој е губитник?

„Овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ оствари историски резултати. По 20 години ВМРО-ДПМНЕ победи во бастионот на СДС, Струмица. Уште во првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков го освои градоначалнички мандат, забележувајќи историска победа со разлика од над 5.000 гласови. Освен во Струмица, ВМРО-ДПМНЕ победи и со тоа зазеде уште неколку општини во кои досега градоначалници имаше СДСМ“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во прв круг ВМРО-ДПМНЕ ги освои овие општини кои досега „припаѓаа“ на СДСМ - Берово, Делчево, Маврово и Ростуша. Партијата води во Пробиштип, Демир Капија, Старо Нагоричане, Валандово, каде ќе има и втор круг.  

Освен победата во прв круг во скопските општини, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека со голема предност влегува во втор круг во општините Аеродром и Карпош, како и во Град Скопје. 

Според партијата, аргумент плус дека овие избори се со историски резултати, е тоа што ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година, во прв круг освои 22 општини, додека СДСМ оствари победа во девет општини. По четири години, на изборите во неделата (19.10), ВМРО-ДПМНЕ во прв круг освои градоначалници во 33 општини, додека СДСМ само во три.

Изгубени гласови

Но, опозициската СДСМ смета дека власта нема голема причина за славење со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ загубиле по речиси една третина од гласовите од изборите минатата година.

„Споредбените анализи со изборните резултати од минатата година покажуваат падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8 отсто од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно е најголем губитник и има изгубено 33 проценти од гласовите“, велат од СДСМ.

За разлика од владејачките партии, СДСМ смета дека имаат изгубено само 18 отсто од гласовите. „Ако се земе предвид пониската излезеност, речиси да нема загуба“, велат од СДСМ.

Од опозициската партија не кријат дека очекувале подобар изборен резултат. „Овој резултат мислам дека не е тој којшто го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека, имајќи ги предвид околностите, не е лош резултат, посебно што, не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините, навистина имаме зголемување на бројот на гласови кога ги споредуваме со ланската година“, оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Според него, тоа е доказ за консолидацијата која што започна во партијата изминатите месеци -  процес за којшто треба време и за што интензивно ќе се работи во следниот период.

Која е втората најсилна партија?

Според СДСМ, фактот на значително намалена разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и падот на ЗНАМ, укажува на тоа дека довербата во власта опаѓа, а СДСМ останува втора најсилна партија.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев по првиот изборен круг оцени дека локалните избори ја исфрлија партијата на уште повидливо место во македонскиот политички спектар. Тој потенцираше дека неговата партија станува новиот лидер на опозицијата во Македонија. Ваквите изјави следат откако партискиот кандидат Амар Мециновиќ влезе во вториот круг за трката за Град Скопје, оставајќи ја зад себе кандидатката на СДСМ, Каја Шукова. 

„Од осум кандидати за градоначалници во 2021 година, сега имаме 20. Од 50.000 гласови пораснавме на над 75.000. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор“, рече Апасиев.

Но, анализите на СДСМ покажуваат и дека Левица сумарно има 2,2 пати помалку гласови од нив. Со тоа, велат дека се демантира тезата дека Левица станува лидер на опозицијата, бидејќи сметаат дека изгубила ист процент на гласови како и СДСМ, со мало подобрување на ниво на Скопје. 

„Според анализите, СДСМ има стабилизација и раст на процентот на освоени гласови во најголем дел од општините што е позитивен тренд, но и помал број општини каде има благ пад, за што ќе се направи соодветна анализа и преземат чекори за подобрување на резултат“, велат од Социјалдемократскиот сојуз.

Но, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се децидени дека триумфирале на локалните избори. „Ви ветивме победа и имаме победа! Триумф на народот, на верниот народ. Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности. Избра луѓе што веруваат во работа, а не во зборови. Но, оваа убедлива победа не е крајот“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ победиле во 32 општини, СДСМ во три, коалицијата Вреди (Влен) во пет, а коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, во 4 општини. За 33 општини битката продолжува во вториот круг на 2 ноември.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми