1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатите го трчаат последниот круг

31 октомври 2025

Мобилизацијата е највисоко ниво за изборната трка на втори ноември. Мицкоски најави дека по изборите почнува фаза на жестока работа и 70 нови проекти.

Гласачки кутии со македонското знаме на нив на маси во гласачко место во Скопје
Вториот круг гласање на локалните избори 2025 ќе се оддржи во недела, втори ноември. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Петок до полноќ е крајниот законски рок во кој партиите ќе ги испратат нивните последни пораки во изборната кампања до гласачите пред вториот круг гласање за градоначалници на втори ноември. Прашањето до партии и независни листи кои немаат кандидати во вториот круг - за тоа дали и кого ќе поддржат - најчесто завршува со одговор дека ќе ги повикаат избирачите да гласаат по своја волја. Колку што со интерес се очекува изборниот исход, исто толку ќе се анализира дали резултатите ќе откријат и нови контингенти гласови, односно дали и меѓу кои субјекти се склопиле изборни „пактови“.

По втори, доаѓа трети ноември

Она за што се сите свесни, е дека по втори, доаѓа трети ноември – кога едни ќе слават, но други ќе мора да дадат отчет зошто потфрлиле. За СДСМ епилогот од изборите ќе биде причина за анализа на политиките, брзината на партиската консолидација и за лоцирање на одговорноста, нешто што веќе беше најавено од партискиот претседател по првиот изборен круг.

Во ДУИ каде се сметаат за победници според изборниот скор на листите за советници, ќе го анализираат учинокот по прашањето за освоени градоначалнички мандати, но и натаму се сметаат за потврдени носители на легитимитетот меѓу Албанците. Од тие причини веќе се највува дека ќе продолжат да инсистираат на предвремени парламентарни избори и покрај изјавите од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН дека за нив „таа тема е затворена".

По изборите лидерот на СДСМ, Венко Филипче најави анализа на политиките, брзината на партиската консолидација и за лоцирање на одговорноста,Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Без оглед на водството и победата во голем број општини на владејачката партија во првиот круг, од СДСМ критикуваат дека граѓаните не се задоволни од актуелната власт.

„Нема ниту една категорија на граѓани кои се задоволни од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од граѓански собир во Конче. 

„Работниците немаат зголемување на платите, а трошоците за храна и трошоците за живот растат без контрола. Владата не прави ништо да ги исконтролира, иако има механизми за тоа. Единствената причина зашто оваа Влада не го прави тоа, е поради тоа што не се грижи вистински така како што треба ниту за државата, ниту за граѓаните“, обвини Филипче.

Темелот е поставен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од синоќешниот завршен митинг во Скопје рече дека опонентите оставиле институции што не работеле, економија што буквално се распаѓа, сиромаштија што расте, морал во минус и не само финансиски, туку и идентитетски долгови и договори што ги плаќаат сите граѓани. Нагласи дека чуда не се возможни преку ноќ, посебно кога системот толку години се распаѓал, но дека сега темелот е поставен.

„По изборите почнува фаза на жестока работа и големи резултати", најави Мицкоски и вети дека во наредниот период ќе почнат повеќе од 70 проекти - во инфраструктура, енергетика, здравство, образование, земјоделие, култура, технологија, правда и други области.

„Овие мерки не се само лист хартија, туку планови што ќе го променат животот на луѓето. Да, животот е скап. Да, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Мора да создадеме услови, за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем кој е трул и ги предизвикува да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту една мајка нема да мора да избере меѓу кариера и семејство. Ниту еден бизнис нема да пропадне затоа што државата му стои на пат. Тоа е вистинската промена“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека ќе се гради систем што ќе функционира без оглед кој е на власт.

Тој оцени дека довербата од граѓаните значи огромна одговорност и обврска, а сподели и впечатоци од средбите со граѓаните. 

„Свесен сум дека обврската што ја имаме и одговорноста што ја носиме е огромна. Во секој стисок на рака чувствувам букавално исто - надеж, помешана со страв и сомнеж, како луѓето да ми велат - те поддржуваме, аме не нè изневерувајте како сите претходни. И тоа е најтежок товар што можеш да го носиш, а тоа е довербата на граѓаните. Понекогаш погледот на еден човек на улица вреди повеќе од илјада зборови во Владата и во парламентот. Тој поглед или ти вели - ‘те почитувам', или - ‘те отпишав'. Нашата задача не е едноставна, не само поради ситуацијата која ја наследивме. Нашата цел не е само политичка победа, туку обновување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја", порача Мицкоски. 

Најавува жестока работа и големи резултати по изборите: премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Притоа потенцираше дека фазата на резултати не може да започне без жестока и правична борба против корупцијата.

„Да бидам јасен - борбата против корупцијата не е слоган. Таа е тест за нашата совест и легитимитет. Ќе има еднаквост пред законот и одговорност за злоупотреба, без оглед на функција, партија или препорака. Држава без доверба е куќа без темел. Корупцијата е најскапата даночна стапка во оваа земја. Кога ја рушиш, ги ослободуваш парите за градинки, училишта, возила за брза помош, лаборатории, локални патишта, нови болници и услуги. Затоа мора сите заедно да се бориме жестоко“, повика Мицкоски.

Мобилизација на највисоко ниво

Во фокусот на интерес е епилогот од изборната трка во Град Скопје, но и во скопските општини Карпош, Центар и Аеродром, потоа во Куманово, како и во Тетово, Кичево, Струга... Меѓу партиите од албанскиот блок најжестока трка се очекува во општините каде ќе се соочат кандидати на опонентските коалиции НАИ и ВЛЕН. Кандидатот на НАИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи, на неговиот профил на Фејсбук објави дека „мобилизацијата е на највисоко ниво, во секој штаб на НАИ“.

Во вториот круг за избор на градоначалници ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје. Вечерва на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до недела до 19 часот. Во општините каде што има втор круг за градоначалници утре (сабота) ќе гласаат болни лица, затвореници и лица во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Само во четирите општини каде што беше констатирано дека нема цензус од минимум една третина излезност на гласачите (Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово) ќе има нова изборна постапка што ќе почне по завршувањето на локалните избори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми