Пред изборите обвинувања за тајни сценарија и коалиции
17 септември 2025
Во пресрет на почетокот на кампањата за локалните избори во Македонија фрчат обвинувања за тајни сценарија и коалиции. Овојпат копјата меѓу партиите се кршат околу градоначалничкото место во Струга, коешто го пикираше бизнисменот Менди Ќура. Тој објави независна кандидатура за градоначалник на Струга, но веднаш ја доби поддршката на коалицијата Вреди. Тој нема да биде осамен во трката за прв човек на градот. Деновиве партијата Левица најави дека и пратеничката Јована Мојсовска влегува во трката за градоначалник на Струга.
„Нејзиното искуство, политичка активност и лична посветеност се гаранција дека ќе го брани јавниот интерес и ќе понуди вистински решенија за проблемите со кои се соочува Струга“, порачаа од партијата
Тие потенцираа дека „Левица е единствената парламентарна партија од македонскиот политички блок која излегува со сопствени кандидати за градоначалници во општините Тетово, Гостивар и Струга“.
Ваквата најава на Левица предизвика незадоволство кај владината коалиција. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „Левица сака да ѝ фрли гума за спасување на ДУИ на овие избори“. Незадоволство има и кај коалицијата Вреди. Според нив, станува збор за сценарио со цел да се спречи победата во првиот круг на кандидатот поддржан од ВЛЕН, Менди Ќура.
Математиките на Левица
Политичкиот аналитичар, Сефер Селими, за ДВ вели дека во однос на овие обвинувања за тајни сценарија може да има повеќе интерпретации.
„Како прво Левица гледа можност да се воспостави како партија на национално ниво и да го зголеми бројот на гласови. Ова е одлична можност да пристапи до гласовите на незадоволните, на гласовите на Македонците коишто „не би гласале за Албанец“ и со тоа да се позиционира како партија која што е во раст. Исто така оди против наративот на ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како партија на која приоритет и се Македонците“, вели нашиот соговорник.
Тој верува дека ваквиот потег на Левица да истрча со свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар, за партијата е отскочна даска за да се престави како партија која расте и станува национална.„Затоа одлучила да го искористи овој вакуум оставен од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, вели аналитичарот.
Локалните избори се многу важни за помалите партии, затоа, додава Селими, гледаме голем број и на независни кандидати и советнички листи, кои не се во коалиција со поголемите партии. „Исто така Левица е поблиска со Вреди, со лидерите од тие партии имаше обид да креираат ново мнозинство без ДУИ и СДСМ. Тие се антипод едни на други, затоа нивна соработка е невозможна, во кој било формат“, смета аналитичарот.
Гума за спасување
Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Јегуновце коментирајќи го потегот на Левица да излезе со кандидати за градоначалници во општините Тетово, Гостивар и Струга, рече дека станува збор за „коалициско“ дејствување меѓу ДУИ и Левица за локалните избори закажани за 19 октомври и 2 ноември.
„Ако тие навистина се натпреваруваат да победат, а таму немаат ниту теоретски шанси да победат, во Тетово, во Гостивар и во Струга, зошто не извадат свој кандидат, еве да речеме во Велес? Зошто не извадат свој кандидат во Штип? Од таму доаѓаат највлијателните членови на раководството на политичката партија, каде што имаат реални шанси да се натпреваруваат и да добијат. Зошто токму во Тетово?“, запраша Мицкоски и во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ.
Според него, нивната цел е да направат раслојување на анти-ДУИ гласовите. „Тоа е суштината. За да ја намалат силата на анти-ДУИ гласовите, за да може ДУИ во првиот круг да исплива на површина“, оцени деновиве премиерот, додавајќи дека „ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразен на овие избори, односно ќе има мал, незначителен број на градоначалници и единствениот сојузник кој во моментов се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица.
„Нема договор со ДУИ“
Од Левица реагираа на изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја како бламирачка. Од опозициската партија велат дека тие биле единствената партија која имала храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се повлекле и одлучиле да ги поддржат кандидатите на Вреди и ДУИ.
„Со искрено неверување ги следиме бламирачките изјави на Мицкоски и ДПМНЕ по повод кандидатурите на Левица за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга. Од патетични флоскули за ‘горда Македонија’, паднавте на ниво да напаѓате партија која единствена има храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде што вие и СДСМ кукавички се повлековте и одлучивте да ги поддржите Вреди и ДУИ!?“, се вели во реакцијата на Левица.
Според нив, поврзувањата на Левица со ДУИ се крајно смешни и тврдат дека како партија никогаш немале договори со ДУИ и оти така и ќе остане.
Левица покрај градоначалник на Струга, понуди свои кандидати и за Тетово – д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки во Гостивар – Дарко Грујоски, ИТ-специјалист.
„Темен политички пазар“
И коалицијата Вреди (Влен) смета дека ДУИ подготвува „темен политички пазар“ со партијата Левица, со цел да ја спречи победата на нивниот кандидат за градоначалник на Општина Струга, Менди Ќура на претстојните локални избори, закажани за 19 октомври.
„Најновиот скандал што кружи на терен и во јавноста е жив доказ дека ДУИ изгубила секаков вид политичка ориентација“,се вели во соопштението од коалицијата.
Според Вреди, овој „договор“ е испланиран од поранешниот министер за правда од ДУИ, Кренар Лога, лидерот на Левица, Димитар Апасиев и генералната секретарка на партијата, Јована Мојсовска. „Сценариото е јасно, Мојсовска влегува како ‘изнедувачки‘ кандидат во Струга, со мисија да ги собере гласовите на македонскиот блок, односно наводно да ја спречи победата во првиот круг на кандидатот поддржан од ВЛЕН, Менди Ќура. Ова е срамен план, оркестрира од Кренар Лога и ДУИ, кои отворено соработуваат со политички сили што ги граделе своите кариери врз албанофобија“, порачаа од Вреди.