Избори во Северна Рајна-Вестфалија: АфД без градоначалник
29 септември 2025
Во речиси 150 општини во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија (НРВ) вчера (28.09) се одржа втор круг од локалните избори. Резултатите некаде донесоа воздишки на олеснување, а некаде ужас на лицата.
Деснопопулистичката АфД не успеа да освои градоначалничко место. Таа беше во трка за градоначалник во Хаген, Дуизбург и Гелзенкирхен, но не успеа да победи никаде: Во Гелзенкирхен, кандидатот на АфД, Норберт Емерих освои 33,1 процент гласови, со што загуби од противкандидатката Андреа Хенце од СПД (66,9 проценти). Во Дуизбург, Серен Линк (СПД) постигна убедлива победа со 78,6 проценти гласови против кандидатот на АфД, Карстен Грос (21,4 проценти). Во Хаген, гласачите мораа да избираат помеѓу Денис Ребајн (ЦДУ) и Михаел Ајхе (АфД). Таму, кандидатот на АфД загуби, освојувајќи само нешто повеќе од 28 проценти гласови, додека ривалот Ребајн го освои градоначалничкото место со 71,7 проценти од гласовите.
Резултатите на Социјалдемократите на локалните избори се полни со светли моменти и горчливи порази. СПД претрпе историски пораз во Дортмунд, но партијата има утешни резултати на други места. Во Келн, каде што првично се чинеше дека трката ќе биде рамноправна помеѓу кандидатката на Зелените, Бериван Ајмаз, и Торстен Бурместер од СПД, социјалдемократскиот кандидат на крајот успеа да стане нов градоначалник со речиси 54 проценти освоени гласови.
СПД, исто така, по 10 години го врати градоначалничкото место во Оберхаузен. Досегашниот градоначалник од ЦДУ, Даниел Шранц, загуби од кандидатот на СПД, Торстен Берг. СПД има градоначалничко место и во Милхајм ан дер Рур: Во многу тесна трка, кандидатката на СПД, Надија Калаф, победи со само 67 гласови разлика, односно освоени 50,1 проценти од гласовите.
Христијанско-демократската партија (ЦДУ) на локалните избори во НРВ постигна неколку изненадувачки победи. Во главниот град на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Диселдорф, гласачите избираа помеѓу градоначалникот Штефан Келер (ЦДУ) и Клара Герлах (Зелени): Келер победи со речиси 60 проценти освоени гласови.
Изборниот резултат во Леверкузен беше еден од делумно изненадувачките успеси на демохристијаните: кандидатот на ЦДУ, Штефан Хебел, беше избран за градоначалник со 56,6 проценти од гласовите. Неговиот ривал од СПД, Уве Рихрат, загуби со освоени 43,4 проценти гласови.
Во Бон и Ахен, досегашните градоначалнички - Сибиле Којпен (независна кандидатка, поддржана од Зелените) и Катја Дернер (Зелени) - исто така загубија од нивните предизвикувачи од ЦДУ, Михаел Цимонс и Гидо Деус. Во Есен, досегашниот градоначалник од ЦДУ, Томас Куфен, повторно победи, односно освои повеќе гласови од кандидатката на СПД, Јулија Клевин, загуби.
Во Билефелд, ЦДУ, со Кристијана Бауер, ја презеде градоначалничката функција од долгогодишниот градоначалник од редовите на СПД, Пит Клаузен. И двата источновестфалски окрузи, Херфорд и Липе, исто така, повеќе нема да бидат водени од градоначалници на СПД, туку од ЦДУ.