1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Рајна-Вестфалија: АфД со тројно повеќе гласови

15 септември 2025

На локалните избори во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, демохристијанската ЦДУ остана најсилна партија, додека десно-екстремната АфД освои тројно повеќе гласови отколку во 2020 година.

Изборни помагачи од АфД закачуваат изборен плакат на партијата на метален столб на улица во градот Оберхаузан
Изборни плакати на АфД за локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија, на кои оствари голем успех: Изборите беа и тест за расположението за новата сојузна влада во БерлинФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Минус за Социјалдемократите, шлаканица за Зелените. Пристоен резултат за конзервативната ЦДУ и пред сè голем пораст на во делови десно екстремната Алтернатива за Германија (АфД).  Тоа е резултатот од локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија. Во неделата околу 13,7 милиони луѓе во најгусто населената покраина во Германија излегоа на урните.

На локалните избори се гласаше за околу 20 илјади мандати во парламентите на речиси 400 градови и општини, како и за нови или одново избрани градоначалници во поголемите градови. Изборите немаат директни импликации за сојузната влада во Берлин, но се први откако на 6 мај на власт дојде новата коалиција и оттаму се важен тест за расположението кај гласачите.

ЦДУ победи, АфД се засилува

Институтот за истражување на јавното мислење „Инфратест-Димап“ во неделата вечерта објави прогноза за исходот од изборите во целата покраина. Анкетарите испитале околу 10 илјади луѓе по напуштањето на гласачките места. Вакви прогнози често пати го предвидуваат конечниот исход попрецизно од проекциите за фактички поединечни резултати, особено затоа што резултатите од некои општини во неделата уште не беа достапни.

Конзервативците остануваат најсилна партија во општините на Северна Рајна-Вестфалија: покраинскиот премиер Хендрик Вист и канцеларот Фридрих Мерц на почетокот на септемвриФотографија: Malte Ossowski/Sven Simon/IMAGO

Според прогнозата, ЦДУ освоила 34 проценти и го задржала резултатот од 2020 година. СПД со 22 проценти бележи мал пад. Јасен губитник се Зелените, кои речиси се преполовени на 11,5 проценти. А јасен победник од оваа перспектива е АфД, која со 16,5 проценти има освоено речиси три пати повеќе гласови отколку пред пет години. За време на изборната вечер првичните проекции од гласачките места го потврдија трендот во прогнозата. Претседателот на покраинскиот огранок на АфД, Мартин Винценц, во неделата во врска со изборите рече дека „тоа беше референдум во која насока треба да оди нашата покраина. Кој ја игнорира волјата на гласачите ќе бидат казнет од нив“, додаде тој.

Споредба со 2020 година е само делумно адекватна

Но, споредба со локалните избори од 2020 година не е нужно адекватна за оценување на резултатот. Во 2020 година Германија беше среде пандемија со корона-вирус, а АфД не беше ни приближно популарна низ целата држава колку што е сега. Во натамошните години и луѓето од Северна Рајна-Вестфалија посведочија сојузна влада составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите, која на крајот се распадна во кавга, заради што сите три партии многу изгубија на поддршка. Недостаток на простор за домување, внатрешната безбедност и политиката за азил уште тогаш беа итни прашања, но не толку доминантни како што се сега. Во 2020 година немаше војна во Украина и немаше ескалација на насилството на Блискиот Исток. Со други зборови, многу од проблемите што ги вознемируваат граѓаните се интензивираа по 2020 година. Катастрофата со поплавите во долината Ар во јули 2021 година доведе до 135 смртни случаи и масовни уништувања во регионот, чии ефекти се чувствуваат и денес. АфД очигледно профитираше од ова. 

Вист: „Не може по ова да спиеме мирно“

Тоа го загрижува и премиерот на покраината, Хендрик Вист од ЦДУ. Прогнозата ја коментираше со зборовите дека „ваквиот резултат мора да нѐ освести; не може да спиеме мирно после ова. Дури ни мојата партија не може, иако јасно победи на изборите.“

Граничи со Белгија и со Холандија: Индустриската Северна Рајна-Вестфалија е сојузната покраина со најмногу жители во цела Германија

Вист ги формулираше прашањата кои произлегуваат од изборите. „Кои се точните одговори во врска со миграција на сиромаштијата? Дали нашиот социјален систем е целосно праведен?“, прашува тој и во суштина силниот резултат на АфД го толкува како избор од протест. Тој управува со покраината од октомври 2021 година и во неделата не се кандидираше на изборите.

Тест и за канцеларот

Новата сојузна влада во Берлин, составена од Конзервативни и Социјалдемократи, брзо по изборот на Фридрих Мерц (ЦДУ) за нов канцелар во мај изгуби на поддршка. Од таму изборите во покраината беа важни и за шефот на владата, бидејќи тој самиот потекнува од Северна Рајна-Вестфалија. Политичарот од ЦДУ уште во саботата беше подготвен за добар резултат на АфД. За време на посета на фабриките на Хенкел во Диселдорф, Мерц рече дека „смирено ќе го следам тоа утре вечер, исто така и во понеделник, а потоа ќе извлечам заклучоци од резултатите во однос на начинот на кој правиме предизборни кампањи и како ги третираме темите“. Мерц најави дека „напорно ќе се бори за вистинските теми и насоката на земјата“.

АфД силна и во некогашното упориште на СПД

Особен акцент покрај Северна Рајна-Вестфалија општо, имаше ставено и на одредени градови. На пример Гелзенкирхен, со дотраената инфраструктура, големата невработеност и високиот процент на странци. АфД таму на сојузните избори во февруари годинава собра најголем дел од вториот глас, заради што се најде на насловните страници и надвор од градот. Со децении градот во срцето на регионот Рур беше упориште на СПД. Сега мошне веројатен е втор круг меѓу кандидатката на Социјалдемократите и кандидатот на АфД.

  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми