1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Лондон: Повлекувањето од Херсон - штета за имиџот на Русија

ЖА / агенции
12 ноември 2022

Во ослободувањето на Херсон од страна на украинските трупи, Велика Британија гледа голема штета по имиџот на Русија.

Ukraine, Region Cherson | Eindrücke nach nach dem Rückzug russischer Soldaten
Фотографија: Celestino Arce Lavin/ZUMA/IMAGO/ZUMA Wire

„Повлекувањето е јавно признавање на тешкотиите со кои се конфронтирани руските воени сили на западниот брег на реката Дњепар“, коментира денеска Министерството за одбрана на Велика Британија.

Ресорниот министер Бен Валас зборува за „уште еден натамошен стратешки неуспех“, а руското освојување на Херсон на почетокот на војната го смета за единствен пат кога Москва постигнала важна цел.

Сегашното повлекување и  предавање на градот на Украинците,  кај луѓето во Русија сѐ повеќе ќе го отвора прашањето за смислата на војната. Украина ослободи големи делови од  областа Херсон на западниот брег на реката Дњепар и во меѓувреме во голема мерка го контролира и истоимениот град, истакнува британското Министерство за одбрана, повикувајќи се на информации од разузнавачки извори.

Британското министерство се сомнева во тврдењата дека Русија ги евакуирала трупите и опремата во најкратко време, за многу поверојатна ја оценува можноста повлекувањето да започнало уште на 22 октомври. Тогаш руската окупаторска управа упати повик до цивилното население да го напушти градот. Според британското министерство, веројатно тогаш и  руските војници,  во цивилна облека, ја повлекле опремата и го напуштиле градот заедно со официјално  80.000 евакуирани цивили. 

Британски разузнавачки информации упатуваат на натамошни руски обиди за евакуација на воени единици од други делови на областа Херсон преку Дњепар и нивно прераспоредување на одбранбените позиции на другата страна на реката.

„Руската војска во рамките на овој процес најверојатно уништила сообраќајници и мостови преку Дњепар“,  се вели од Лондон.

Русија уништува мостови преку реката Дњепар во рамки на повлекувањето од ХерсонФотографија: SNA/IMAGO

Британското Министерство за одбрана од почетокот на руската агресорска војна против Украина на крајот на февруари, врз база на информации од тајните служби, секојдневно известува за текот на случувањата во војната. Целта е парирање на руската верзија на настаните и обезбедување податоци кои им користат на сојузниците. Москва пак го обвинува Лондон за вршење дезинформирачка кампања.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми