1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Лотаријата на Илон Маск не доби забрана

ЕМФ | агенции
5 ноември 2024

Судот во американската сојузна држава Пенсилванија не ја запре изборната лотарија на милијардерот Илон Маск.

САД избори I Илон Маск
Илон Маск на предизборен собир на Републиканците во ПенсилванијаФотографија: Rachel Wisniewski/File Photo/REUTERS

Судот во Пенсилванија ја прогласи за дозволена контроверзната лотарија од 1 милион долари дневно на шефот на Тесла, Илон Маск. Судијата Анџело Фољета го одби барањето за забрана. Фољета не наведе причина за таквата своја одлука. Таа, инаку, има повеќе симболично значење, бидејќи дневната награда од милион долари на едно лице и онака завршува на денешниот изборен ден.

Еден милион долари за регистрираните гласачи

Маск во средината на октомври најави дека до изборите ќе дава по еден милион долари дневно на регистриран гласач во т.н. „свинг“ американски држави, каде исходот е особено неизвесен. Тој веќе ги предаде првите чекови од милион долари во Пенсилванија. Оваа сојузна држава може да биде особено важна бидејќи има 19 електорски гласови. За победа на претседателските избори потребни се 270 електорски гласови.

Платена амбасадорска улога

Окружниот обвинител на Филаделфија, Лери Краснер, го обвини Маск и неговата организација „Америка ПАЦ“ за организирање „нелегална лотарија“. Наградните игри на Маск го прекршија законот во Пенсилванија, кој бара сите лотарии во државата да бидат регулирани од државата, тврди, меѓу другото, Краснер.

За време на судската постапка, меѓутоа, стана познато дека победниците нема да бидат извлечени по случаен избор, како што тврдеше Маск. Наместо тоа, претставниците на Маск во судот соопштија дека ќе изберат луѓе кои најдобро ја отелотворуваат про-Трамп агендата. Луѓето кои би ги добиле парите би биле платени за нивната улога на амбасадори.

Петиција за „Слобода на изразување и право на носење оружје“

Акцијата беше наменета за регистрираните гласачи кои потпишаа петиција. Во неа станува збор за „слободата на изразување и правото на носење оружје“. Со ова се поддржува изборната кампања на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Предупредување од американското Министерство за правда

Според американскиот изборен закон, забрането е на граѓаните да им се плаќаат пари за гласање или регистрација. Според Маск, подарокот од милион долари има за цел да привлече поголемо внимание за петицијата. Критичарите гледаат проблем во тоа што учество можат да земат само регистрирани гласачи. Тоа може да се толкува како давањето пари да создава поттик за регистрација. Американското Министерство за правда издаде предупредување до организацијата „Америка ПАК“ дека акцијата можеби го прекршува изборното право во САД. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми