Лов на мигранти во САД: ИЦЕ е „надвор од контрола“
7 ноември 2025
Чикаго, среда наутро: Во детската градинка Рајито дел Сол пристигнуваат првите деца, воспитувачите се подготвуваат за денот. Одеднаш, агенти на американската имиграциска служба ИЦЕ, дел со качулки на лицето, упаѓаат во градинката и апсат една од воспитувачките со потекло од Колумбија. Татко кој во тој момент го носи своето дете во градинката ја снима сцената: на видеото се гледа како двајца ИЦЕ-агенти ја влечат жената која вреска, иако таа тврди дека има валидни документи.
Портпаролка на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека агентите на ИЦЕ следеле колумбиска жена и маж до влезот на градинката, откако тие избегале од „целна сообраќајна контрола“.
Но видеото, кое се споделува на социјалните мрежи и го пренесуваат американски медиуми, предизвикува гнев низ целата земја. „Најшокантните снимки што сум ги видел во мојот мандат“, рече локалниот политичар од Чикаго, Мет Мартин, за Ен-Би-Си. „Вооружени службеници патролираа низ објектот додека внатре беа воспитувачки и деца.“
Засилени акции против мигранти
Последната рација е дел од засилената акција против имигранти во Чикаго, започната во септември. Според министерството, досега се уапсени над 3000 лица.
Од почетокот на својот мандат во јануари, претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано зборува за драстично заострување на имиграциската политика, особено против лица без валидни документи и депортација на криминални странци. Но методите на ИЦЕ се предмет на жестоки критики веќе неколку месеци.
Меѓу уапсените често има и лица без криминално досие и американски државјани. Имаше рации пред училишта, домови за стари лица и други јавни установи. На социјалните мрежи има безброј видеа што покажуваат колку безмилосно постапуваат ИЦЕ-агентите – често вооружени, во камуфлажни униформи и со качулки.
Во едно видео удираат автомобил и го туркаат настрана, за потоа да ја извлечат возачката и да ја уапсат. Во други видеа се гледа како луѓе се опколени на улица и насилно внесени во возила. Агентите не се двоумат да употребат и солзавец. Хјуман Рајтс Воч известува дека во некои случаи кршеле прозорци за да извлечат луѓе од автомобилите. Понекогаш има сцени како од лов, кога исплашени лица бегаат од агентите.
Повреди на човекови права
И во притворите на имиграциската служба имало бројни прекршувања на човековите права. Хјуман Рајтс Воч документираше случаи каде што затвореници биле притиснати да се согласат на „доброволна депортација“. Некои биле врзани подолго време, спиеле на под, им биле ускратени храна и вода. ИЦЕ-агентите им забранувале контакт со адвокат или семејство.
Според истражување на радиото НПР, само во 2025 година во притвор на ИЦЕ починале најмалку 20 лица – најмногу во последниве 20 години. Бројот на лица во депортациски притвор достигна рекордни 60.000.
Остра критика од многу страни
Организации за човекови права како Хјуман Рајтс Воч и Амнести Интернешнал постојано информираат за незаконски рации и произволни апсења од страна на ИЦЕ. „ИЦЕ е излезена од контрола“, констатира конгресменката од Илиноис, Делија Рамирез. „ИЦЕ делува неказнето и надвор од законот. Ги гази нашите права. Ги тероризира нашите заедници.“ Таа вели дека ова е директна последица на тоа што „Доналд Трамп, Републиканците и раководството на Министерството за внатрешна безбедност ѝ даваат на ИЦЕ неограничени средства, таа е ослободена од контрола и има имунитет од одговорност.“
Во септември, Врховниот суд ѝ дозволи на имиграциската служба да задржува и контролира лица само врз основа на нивната боја на кожа, етничка припадност, јазик или вид на работа. Многу имигранти живеат во постојан страв дека ќе станат мета на ИЦЕ.
Трамп бара уште построги мерки
Претседателот Трамп не сака да слушне за критиките. Во интервју за Си-Би-Ес, кога беше прашан дали ИЦЕ оди предалеку, тој одговори: „Мислам дека не одат доволно далеку.“
Според порталот The Intercept, ИЦЕ размислува да им понуди „парични бонуси“ на приватни ловци на глави за да лоцираат имигранти низ земјата и да ги пријават.
Уште летоска, Трамп преку буџетскиот закон („Big Beautiful Bill“) резервираше околу 170 милијарди долари за ИЦЕ и Министерството за внатрешна безбедност до 2029 година. Според експертот Арон Рајхлин-Мелник од Американскиот имиграциски совет, ИЦЕ во наредните години ќе стане најдобро финансирана агенција за кривичен прогон во историјата на САД: „Во наредните четири години ќе има повеќе пари од ФБИ, агенцијата за борба против дрога, УС-Маршали и затворската служба заедно“, оценува експертот.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик