Луфтханза ќе скрати 4.000 работни места до 2030 година
29 септември 2025
До 2030 година авиокомпанијата Луфтханза планира да скрати околу 4000 работни места. При кратењето, фокусот ќе биде ставен на администрацијата, а не на „оперативните улоги“, објави компанијата. Структурните промени во компанијата, како и дигитализацијата и зголемената употреба на вештачка интелигенција, ќе „обезбедат поголема ефикасност во многу области и процеси“, беше соопштено денеска (29.09).
Според соопштението од Луфтханза, авиокомпаниите од групацијата, која ги вклучува „Свис“, „Аустриан“ и „Бриселс ерлајнс“, треба да соработуваат потесно. „Врз основа на ова, компанијата испитува кои активности веќе нема да бидат потребни во иднина, на пример поради дуплирање на работата“, објаснуваат од Луфтханза. Намалувањата, како што се вели, треба да се спроведат „во консултација со социјалните партнери“.
Најголемата европска авиокомпанија моментално има околу 103.000 вработени. Синдикатот Верди ги критикуваше планираните намалувања на работни места.