1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луѓето во Европа страдаат од растечката инфлација

Јацек Лепјарц | Кристијан Стефанеску | Александар Андреев | Деспина Цоку
20 август 2022

Насекаде низ Европа цените растат. Храна, кирии, цена на енергија – сè е поскапо, и во еврозоната но и во земјите надвор од неа.

Rumänien | Gemüsemarkt in Bukarest
Фотографија: Cristian Ștefănescu/DW

Полска

Јан Смигелски има бар во Варшава кој е омилено место за студентите и туристите. „Инфлацијата е огромен удар“, вели ова 28- годишно момче. „Прво имавме огромен удар од Ковид пандемијата а сега и високата инфлација“. До неодамна тој некако врзувал крај со крај но сега му оди сѐ потешко. „Тукушто го откажав викенд патувањето во Гдањск. Хотелите едноставно станале прескапи,“ вели тој.

Инфлацијата во јуни 2022 во Полска беше 15,5%, што е највисоко ниво во последниве 25 години. Сега Јан е загрижен за неговиот локал „Закасек“ на улицата Химелна, кое е познато шеталиште со многу бутици и популарни кафеани.

 „Моравме да ги зголемиме цените за 10 до 20 проценти во рок од една година. Маслото за јадење и месото се особено поскапени“, вели тој. „Гостите сè уште си доаѓаат, но може да се забележи дека нарачуваат помалку и штедат на сѐ."

Претходно речиси никој и не забележуваше што ни е на понуда, а сега сѐ почесто се нарачуваат поевтини пијалаци. Тоа јасно се одразува и врз неговиот промет. „На крајот на месецот многу помалку ми останува в џеб. Фиксните трошоци како што се струја, социјални осигурување и кирии постојано растат. Речиси и да не остваруваме профит,“ се жали Јан. Ова е вознемирувачки, но младиот претприемач не мисли да се откаже. Јан е цврсто решен и вели: „Ќе успеам да го пребродам ова“.

Јан Смигелски, сопственик на бар во Варшава Фотографија: Jacek Lepiarz

Барбара и Чеслав Гешчак се помалку самоуверени. Тие се пензионирани веќе неколку години и живеат во нивната семејна куќа во Павликовице, мало место во централна Полска, недалеку од Лоѓ. Досега пензијата која им е во рамки на полскиот просек била доволна да живеат безгрижен живот. Но, сега и тие ги чувствуваат последиците од  рекордната инфлација.

„До неодамна за килограм шеќер плаќав 2 злоти (0,43 евра), а сега треба да платам повеќе од 8 злоти (1,78 евра)“, налутено вели Барбара, покажувајќи на скапаните јаболка и сливи кои лежат наоколу во градината. Од овие овошја таа порано си правела џем, но без шеќер оваа година нема да има вакви слатки задоволства за есен и зима. Дури и сонот за промена на автомобилот, кој го имале одамна, мора да се одложи за подобри времиња. „Цените за  половни автомобили  сега се сосема луди. Едноставно не можете да си го дозволите тоа “, огорчено вели Чеслав.

Овие пензионери се чувствуваат изневерено: неодамна го префрлиле системот за греење од јаглен на гас, како што препорача владата. Парламентот сега одобри додаток од 3.000 злоти за сите граѓани кои ќе се греат на јаглен. Сопствениците на бензински пумпи, пак, не добија ништо и останаа со високи трошоци. Размислуваме дали да се вратиме на греењето на јаглен“, велат овие пензионери.

Бугарија

Цените растат и во Бугарија. Националниот институт за статистика, НСИ во јуни годинава соопшти дека  инфлацијата достигнала 17%, што е рекорд во последниве 24 години. Најмногу се погодени цените на храната како брашно, шеќер и зејтин. Но, поскапе и кафето, вели универзитетскиот професор А.К од Софија, кој како и повеќето Бугари од главниот град моментално летува на Црното Море. Тој зборува за поскапување за повеќе од 30 отсто: „Кесичка кафе сега чини 7,85 лева (4 евра), а порано ја плаќав 5,3 лева (2,70 евра)."

Галја има продавница за зеленчук и овошјеФотографија: Alexander Andreev/DW

„Во продавниците цените се поскапени за една третина,“ вели и 50- годишната Галја, која има продавница за зеленчук и овошје во едно место на брегот на Црното Море. Кај неа уште нема такви промени. „Цените ми се исти како и минатото лето. Добавувачите сѐ уште не ги поскапеле производите,“ вели оваа млада баба, која покрај работата во продавничката се грижи и за 6- годишниот внук. „Само малинките и капинките се малку поскапени, бидејќи берачите годинава бараат дневница меѓу 25-30 евра.“

Растот на платите и примањата се забележува и во туризмот. Во рестораните и хотелите на брегот на Црното Море во Бугарија, каде што има и гости од странство, цените се значително зголемени, што придонесе кон пад на туризмот.

„Готвачите не сакаат ни да ги облечат престилките ако им се понудат помалку од 98 лева (50 евра) дневно. Минатата година тие заработуваа само половина од тоа“. За Галја поскапувањето е создадено вештачки - од алчни посредници. За манипулација со цените говорат и претставниците на синдикатот. Економистот и екс-пратеник Георги Ганев, пак, е уверен дека инфлацискиот меур наскоро ќе пукне. Во моментов се троши вишокот пари во оптек и наскоро трговците ќе бидат принудени да ги намалат цените.

Сепак, стравувањата од инфлација се многу распространети во Бугарија. Дури и претседателот Румен Радев се осврна на ова прашање кога преодната влада положи заклетва на 2 август 2022 година. Инфлацијата и цените на енергијата се главните предизвици за владата, рече тој.

Грција

Атина во август е како град на мртовци. Во жешките летни месеци жителите заминуваат во селата од кои потекнуваат или на грчките острови кои како туристичка дестинација годинава рушат рекорди.

„По две години пандемија се радуваме за големиот бран туристи", вели Наполеон, кој работи како таксист во Атина и останал во градот и покрај горештините. „Ние во моментов сме загрижени за бранот поскапувања", вели 51-годишниот човек. За прв пат по 28 години степенот на инфлација е двоцифрен со 11,6% во јули.

За Грците кои во просек имаат заработка од 926 евра месечно, купувањето храна, точење бензин и сметките за струја се кошмар. „За да штедат на бензин многу таксисти среде лето не вклучуваат клима", вели Наполеон и посочува на цената за бензин која во првата недела од август изнесуваше 2,1 евра од литар. Возачи кои заработиле помалку од 30 илјади евра во минатата година, до сега на два пати добиваа од грчката влада субвенции за бензин. „Добив 200 евра и се радував. Сепак морам дневно да работам по 12 до 13 часа и некогаш пак не е доволно за да купам сѐ што ми треба од супермаркет."

Никос бара поголем ангажман од владата за земјоделцитеФотографија: Despoina Tsokou/DW

Никос (42) стои пред тезгата за зеленчук на пазарот во Атина и мавта со главата. Дипломираниот економист кој во финансиската криза во 2010 стана земјоделец, смета дека државата треба повеќе да се ангажира околу земјоделското производство.

„Цените на ѓубриво, пестициди и нафта се скокнати за 30%. Земјоделците се обидуваат колку може да ги амортиираат високите цени оти инаку потрошувачите на крај ќе имаат проблем да купат. Но, сепак мораше да ги зголемиме цените", вели овој 42-годишен маж. Во споредба со претходната година цените на храната во Грција во јули 2022 се пораснати за 13%. „Муштериите долго ги гледаат цените и размислуваат што може да си дозволат", вели Никос. 

Тоа важи и за 76-годишниот Антонис кој стои до тезгата. Делува тажен и обесхрабрен. „Домати за две евра кило, како е можно?", вели пензионерот кој повеќе од 50 години изработувал и поправал олуци. Тој вели дека само еднаш месечно оди во маркет. Заедно со жена му која е болна и неподвижна често се зависни од помошта од локалната црква. „Пензијата ми е 700евра. Во првите 15 дена од месецот парите се потрошени. Потоа не успевам да набавам храна - па со кои пари?"

Романија

Во Романија инфлацијата во јуни 2022 изнесуваше 15%. Растечките цени посебно се забележуваат во  енергетскиот сектор.  До први јануари 2021 околу шест милиони домаќинства плаќаа иста цена договорена со операторите од страна на државата. Потоа дојде до либерализација на пазарот. Сега има повеќе од 100 понудувачи, но конкуренцијата не предизвика пад во цените. Напротив: енергијата меѓу август 2020 и август минатата година бележи пораст на цените од 25%. Со војната во Украина и санкциите против Русија, цените годинава и натаму растат.

Многу луѓе во Романија се жалат на високите цени на енергијатаФотографија: Cristian Stefanescu/DW

Тоа пред сѐ ги погодува пензионерите кои не можат веќе да преживуваат со малите приходи што ги имаат. На пример Даниел Б., кој порано бил инженер. Живее во мало гратче на западот на Романија во која повеќето домаќинства, 300 години наназад се грееле на јаглен или дрва. Пред една година печките на дрва ги заменил со модерно парно греење на струја, но од тогаш трошокот за струја е зголемен четирикратно и повеќе од третина од пензијата тој мора да ја одвои за плаќање сметки за струја. Не може да сфати како земја со сопствени енергетски ресурси има меѓу највисоките тарифи во Европа. Романија навистина има сопствени наоѓалишта на гас и е една од најнезависните земји во ЕУ во поглед на увозот на енергенси, но цената на гасот и нафтата е сепак меѓу највисоките во Унијата со 516 евра за мегават час (цена од 27. јули 2022) наспроти 235 евра во Полска или 83 евра во Финска. 

„Изминатите години не беа издавани нови лиценци за производство на гас и не се инвестираше во енергетските капацитети”, ја објаснува ситуацијата Космин Пакурару, советник за енергетска безбедност.

„На ниво на политичко носење одлуки недостасуваат професионалци. А енергетскиот систем е преполн со бескорисни фирми, измислици на политичари кои со тоа ја наградуваат својата клиентела со добро платени работни места, иако немаат никакво искуство во енергетиката."

Струјата е поскапена, бензинот исто така - но, и многу прехранбени производи како на пример омиленото сирење. На пазарот во Букурешт Аурора продава сирење и колбаси произведени на традиционален начин. „Веќе неколку недели продажбата опаѓа. Можеби причината е што многу млади се по одмори. Но, пензионерите се тука и тие два пати ќе размислат пред да купат нешто, бидејќи сѐ е поскапено."

 

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми