Политичка бура во Македонија околу владините летови
17 февруари 2026
Кој летал и за какви потреби со владиниот авион? Дали имало непотребни трошоци, луксузирање или користење за приватни цели? Овие прашања се наметнаа по објавувањето на податоците за тоа кои функционери најчесто го користеле владиниот авион од формирањето на владата на премиерот Христијан Мицкоски, во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година.
Темата стана особено актуелна по изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој побара државата да набави нов владин авион. Според него, доколку државата сака да има сериозен меѓународен имиџ, мора да располага со соодветна опрема за официјални делегации.
„Имаме авион кој е склон на чести поправки, го носевме повеќепати на сервисирање, премал е и има околу шест седишта. Не може да се користи за сериозни делегации“, изјави неодамна Томовски.
Иако авионот е стар и со ограничен капацитет, тој бил употребен околу 40 пати во период од една и пол година, пресметано без летовите за сервисирање (вкупно девет) и два специјални лета – медицински и за евакуација. Овие податоци ги објави Телевизија Телма, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи. Релацијата Скопје – Будимпешта е најчесто користената: дури седум лета се реализирани кон Унгарија.
Кој функционер најмногу го користел авионот?
Најчест корисник од владините функционери е Александар Николоски, министер за транспорт и врски и вицепремиер, кој летал 11 пати, од кои шест кон Будимпешта.
Повеќе од него летала само претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова, со 13 летови. Таа патувала во Тиват, Подгорица, Тирана, како и во Рим, Истанбул и Копенхаген.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го користел авионот седум пати. За летот од Скопје до Џеда (Саудиска Арабија) е наведено само „претседател на Собрание“, без дополнителни податоци за патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски летал трипати — еднаш за Будимпешта и еднаш на 10 август до Сплит.
СДСМ со остри критики
Од СДСМ реагираа дека премиерот „ужива во луксуз на грбот на народот“.
„Дури и на Јадранското Море, на капење оди со владиниот авион. Исто како Никола Груевски, тој купуваше ‘мерцедес‘ од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за туристички прошетки“, се вели во партиското соопштение.
Партискиот лидер Венко Филипче побара премиерот да објасни кој патувал со него и зошто би се купувал нов авион „за приватни цели и патувања“. Тој ја обвини власта за луксузирање, додека граѓаните се соочуваат со растечки трошоци и ниски примања.
На критиките се надоврза и потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која тврди дека авионот се користел и за приватни летови.
„Бев министерка и ниту еднаш не помислив да летам со владиниот авион. Економска класа со редовен лет беше моја опција“, вели таа во објава на социјалните мрежи.
Влада : Нема никакви злоупотреби
Од Владата реагираа дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со сите важечки прописи, актите и Правилникот што го уредува неговото службено користење. „Секој лет е уредно евидентиран, документиран и под постојана институционална контрола. Ниту една активност не излегува надвор од утврдените процедури и не постои никаква форма на злоупотреба“, се вели во реакцијата..
Тие потсетуваат дека истиот воздухоплов беше активиран за спасување човечки животи, вклучително и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените во трагичниот пожар во Кочани.
„Загрижува фактот што политичката структура која денес изнесува обвинувања, во минатото го користеше државниот авион за патувања што предизвикаа бројни контроверзии во јавноста — вклучително и летови до Ниш — при што беа пласирани фотографии и изјави кои дополнително ја манипулираа јавната перцепција. Денешните обиди за морализирање од исти актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија“, порачуваат од Владата.