Mеркел за корона-кризата: Да не го проиграме постигнатото
ЖА / агенции
13 мај 2020
Германската канцеларка денеска во Бундестагот предупреди дека со пребрзи и далекусежни укинувања на рестрикциите не смее да се стави на коцка постигнатото во сузбивањето на пандемијата на коронавирусот.
Реклама
Канцеларката Ангела Меркел гледа и натаму опасност од пандемијата, но и значителни постигнати успеси во борбата против коронавирусот. Уште долго ќе мора да живееме со пандемијата, уште не постои ниту лек, ни вакцина против вирусот. Но, постигнати се резултати кои влеваат храброст, сметам за наша обврска да не го загрозиме постигнатото: „Би било депримирачки ако ние, од причина што сакаме многу за многу брзо време, би морале да се вратиме кон ограничувањата кои сите сакаме да ги оставиме зад себе", изјави Меркел денеска во Бундестагот, каде одговараше на прашања на пратениците, шести пат откако е на функцијата и првпат во текот на корона-кризата.
„Да бидеме храбри и будни", гласи мотото на канцеларката во однос на пандемијата. Меркел изрази голема почит во однос на постигањата на сојузните покраини, во однос на ефикасноста на здравството и здравствените служби. Новите инфекции се сведени во размери со кои нашиот здравствен систем може да се справи. Доколку успееме да избегнеме тешка регресија, ќе биде можна заштитата на животи и обнова на стопанството, истакна канцеларката. За таа цел останува приоритетна важноста на правилата за хигиена и држењето физичка дистанца, како и ограничувањето на социјалните контакти. Само со строго придржување кон овие правила можно е повторно враќање на работа, во училиштата, детските градинки и угостителските објекти, истакна Меркел.
Одговарајќи на „вкрстеното испитување" на пратениците, Меркел рече дека владата не планира покачување на даноците и давачките поради корона-кризата. Таа е задоволна што во ова кризно време земјата се наоѓа во економски добра ситуација: „Имаме добра шанса успешно да ја надминеме кризата. Но, не велам дека некој нема да почувствува последици."
Во однос на соработката на европско ниво во справувањето со пандемијата на коронавирус, Меркел чувствува потреба од подобри европски механизми и системи заради размена на информации и подготовка за следна пандемија.
Алтернативни поздрави во време на пандемија
За да го намалат ризикот од заразување со новиот коронавирус, луѓето ширум светот ги менуваат навиките за поздравување. Можеби ќе ве инспирира некоја од овие културни навики.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Ракување
Тоа е еден од најраспространетите поздрави во светото. Ќе излезе ли сега ракувањето од мода? Здравствените експерти препорачуваат да се избегнува за да се намали ризикот од зараза. Германскиот министер за внатрешни работи ја зема таа препорака сериозно па одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата потоа слатко се изнасмеаја.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Двоен бакнеж во образ
Француската влада ги советува своите граѓани да го избегнуваат традиционалниот бакнеж на двата образа. Но францускиот претседател Емануел Макрон во знак на поддршка го бакна италијанскиот премиер Џузепе Конте во Неапол неделава, давајќи до знаење дека не се плаши од коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Manzo
Да пукне!
Тоа е гест кој беше популаризиран во бејзболот и кошарката во САД. Преку него се пренесуваат околу 50% помалку бактерии одошто со ракување, но сепак, тоа не го прави целосно безбеден.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew
Судир на тупаници
Најчесто користен во спортот, овој поздрав го популаризираше и поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на сликата со шведската климатска активистка Грета Тунберг. Освен „кул“ факторот, тупаницата пренесува далеку помалку бактерии одошто ракувањето- над 90%.
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Obama Foundation
Прегратки
Прегратката е уште еден начи на ширење микроби, но истражувањата покажуваат дека прегратката на саканиот може и да го зајакне имунолошкиот систем, а во некои случаи- и да ги подобри дипломатските односи. Прегратката меѓу претседателите на Јужна и Северна Кореја Мун Џае Ин и Ким Џонг Ун во 2018 предзивика различни реакции на двете страни на границата. Дотогаш тие само се ракуваа.
Фотографија: Reuters
Тапкање по рамо
Австралиските власти на своите граѓани им го препорачуваат токму овој гест: „Време е Австралијанците засега само да се тапкаат по рамо- без ракување“, изјави еден министер. Иако со овој поздрав речиси и не се пренесуваат бактерии, сепак во некои култури тоа може да се смета и за навреда.
Фотографија: Colourbox
Мавтање
Кралицата Елизабета и принцот Филип често им мавтаат на своите поданици од балконот на Бакингемската палата. Гестот потекнува од традицијата од 18-век кога витезите се поздравувале со вадење шлемовите за да го откријат својот идентитет и да покажат дека доаѓаат во мир. Мавтањето е исто така и навредливо во некои земји.
Фотографија: Reuters/K. Doherty
Тупаница и дланка
Во Кина, каде започна појавата на Ковид-19, традиционалниот „гонг-шу“ поздрав се препорачува во актуелниот момент. Поздравот на фотографијата го демонстрира кинеската актерка Мија Мучи.
Мал наклон со дланките споени една до друга во позиција како за молитва. Таи ваи поздравот е раширен во бројни земји на југоистокот на Азија- а уште е познат и како индиски „намасте“ или бурмански „мингалар пар“.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press/J. Kurtz
Јапонски наклон
Исто така безбеден, традиционалниот јапонски поздрав се уште се практикува во секојдневието. Учењето на елегантниот наклон е важен дел од општествениот статус. На фотографијата, вработени во еден трговски центар во Токио го вежбаат поздравот пред почетокот на новогодишната распродажба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/Kyodo
„Ногување“
Едно вирално видео од Кина неодамна ни покажа и нов начин на поздравување: „ногување“ или "footshake", кое некои го нарекуваат и „Вуханско ракување“. Триењето на валканите чевли, сепак е посигурно од ракувањето.
Фотографија: DW/S. Bartlick
Насмевка
Веројатно најлесниот начин да поздравите некого без да ризикувате размена на бактерии или да го навредите е да го погледнете во очи, да се насмевнете и да кажете здраво.