1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mода од млечни влакна

31 октомври 2011

Дали се работи за некаков тренд во светот на модата или е нешто друго во прашање? Дизајнерката и микробиолог Анке Домаске откри чудотворни влакна од кравјо млеко, со кои ќе им помогне на луѓето осетливи на алергии.

Firma Qmilch
Облеката изработена од млечни влакна треба наскоро да се појави на пазаротФотографија: Jannes Frubel

Во една поранеша и модерно реновирана фабричка зграда се наоѓа бирото на Анке Домаске. Sидовите се бели, подот црн. Во светот на модата ништо не смее да му го оттргнува вниманието на дизајнерот. Бојата треба да ја има на облеката, а не во службените простории. Вака е и во фирмата “Кумилх”. Дизајнирање облека од млеко е најновиот тренд на сопственичката Анке. Таа доаѓа од Лајпциг и потекнува од семејство кое од секогаш се бавело со мода. Со 19 години таа ја отвори нејзината прва модна марка “Мадмoазел Чичи” или накратко МЦЦ. Но, таа сепак сакала да студира микробиологија:

“Во тоа време си мислев, заврши нешто за да имаш сигурност, бидејќи не се знае дали ќе успее бизнисот со модата. Потоа си мислев, треба да се одлучам, но на крајот успеав да ги работам и двете работи. Во 2009 година ги завршив студиите и решив да се занимавам со моден дизајн. Во тоа време го откривме и млечното влакно. До тогаш, се’што произведувавме беше на хемиски начин и нееколошки. Затоа решивме да се обидеме да произведеме природно влакно”, објаснува Анке Домаске.

Водоотпорно влакно од млеко

Целата работа не се одвиваше толку лесно, како што си замислуваше. За Анке во фирмата “МЦЦ” работеа шест луѓе од различни струки. Но, таа е единствената што има завршено природни науки. До сега многумина се обидоа да произведат млечно влакно, но еколошките верзии од тоа влакно многу лесно се кинат. Тимот од “Кумилх” реши да експериментира во лабораторијата:

“Можам да кажам дека имавме многу среќа, бидејќи и многумина други се обидоа не само со млеко, туку и со различни јачини. Меѓутоа, не им успеа да направат влакно што ќе биде водоотпорно. А, тоа е всушност основниот предуслов за текстил, да може да се пере. Потоа, се обидовме да мешаме по еден рецепт, така стотина пати, се’ додека на крајот не ни успеа. “

Револуција во светот на еколошката мода

Анке Домаске, дизајнерка и „мајка" на влакната од млекоФотографија: Jannes Frubel

Патентираниот резултат е револуционерен. Уште пред неколку години некои луѓе се обидоа да ја внесат еколошката свест во светот на модата, меѓутоа нејзиното спроведување беше многу тешко. За да се произведе памук или биопамук, потребно е многу вода. Од една страна за самото засадување, од друга страна за производството на облека. Имено, за да се втиснат шарените бои на маицата, се користат хемиски средства, што на крајот мора да се исперат со многу вода. И во светот на еколошката мода досега важеше фактот дека нема природни бои со добар квалитет. Затоа, пак, за производство на млечно влако потребни се два литра вода. Освен тоа, фирмата “Кумилх” особено внимава да користи млеко од остатоци од некое производство. Во една голема машина се ставаат белковината касеин, вода и некои други природни суровини, како пчелeн восок на пример.

“Големата машина има две спирали на средина. Млечната маса најпрво се загрева за да може потоа да се оформува. На крајот таа се притиска низ ситен отвор и од машината излегува синтетичко влакно, потенко од влакно од коса. Млечните влакна се носат во фабрика за конци, а потоа кај произведувачот на текстил.” објаснува Анке.

Нежна облека за осетливи на алергии

Влакното од млеко е природно, нежно и идеално за лицата со осетлива кожаФотографија: Jannes Frubel

Прототипот е веќе закачен на една кукла. И покрај тоа што тој содржи само 25 проценти од млечните влакна, разликата е јасна. Кога ќе го допрете парчето текстил, ќе почувствувате колку е свилено и лесно. Инаку, основната причина поради која Анке се одлучи да работи со млечни влакна е тоа што облеката направена од ова влакно е многу пријатна за носење на кожата:

“Во мојот круг на пријатели и соработници има многу алергичари, па дури и еден заболен од рак. Кога гледам со какви проблеми се соочуваат тие кога треба нешто да облечат, без облеката да предизвика реакции на нивното тело, тогаш тоа ме трогнува. На ваквите луѓе сакаме да им помогнеме и тоа беше основната причина поради која почнавме да работиме.”

Голем интерес за производите од млечно влакно

Пазарот за антиалергична текстилна стока е огромен. Се’ повеќе луѓе реагираат на хемикалиите со кои секојдневно доаѓаат во контакт. Дали преку облеката, постелнината или седиштата во автомобилот. Интересот во браншата е голем. Автопроизводители, хотели и медицински техничари веќе сакаат да соработуваат со Анке Домаске. Наредната година фирмата “Кумилх” ќе започне со производство во Хановер. Млечното влакно нема да биде преработувано само во сопствената фабрика, туку ќе биде достапно и за другите заинтересирани муштерии.

Автор: Јохана Куче / Светлана Брик

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми