Мајка на 61 година: Раѓањето во одмината возраст и етиката
26 ноември 2024Ова е доказ дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, порача директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, соопштувајќи ја веста за раѓањето на бебето Петар, чија мајка е највозрасната прворотка во Македонија, на 61 година. Таткото на бебето има 65 години. Во текот на бременоста кај мајката се појавиле покачен крвен притисок и шеќер во крвта (дијабетес тип 2). На успешното породување, според Алексиовска Папестиев, му претходеле 37 години на измачување на мајката во обид да добие потомство: таа имала 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси.
Веќе неколку децении, напредокот на медицината и развојот на технологијата им го отворија патот на многу мајки да добијат дете и на поодмината возраст. Медицинската наука за таква ја смета возраста над 35 година од животот.
Треба ли, само затоа што можеме?
Низ светот одамна се отворија дебати за етичките дилеми во врска со бременоста и раѓањето во одминати години. Искуството се различни, како и реакциите на науката.
Во 2009 година во Канада, 60-годишната Ранџит Хајет роди близнаци по успешно ин-витро оплодување надвор од земјата. Првата реакција во медиумите дојде од гинекологот др. Колин Бирч кој учествувал во породувањето на жената.
„Ние можеме многу, но прашање е, треба ли да го правиме тоа само затоа што можеме?“, рече тој во изјава за СиБиСи.
„Сето тоа звучи убаво кога се работи за оваа возрасна група- нели е одлично што може да стори медицинската технологија, како ги поместуваме границите- но тука се работи за многу повеќе. Не се работи само за добивање деца и раѓање“, рече Бирч.
Хајет ги минала последните четири недели пред породувањето во болница поради страв од можни компликации откако бременоста и предизвикала висок крвен притисок и дијабетес.
Двојни стандарди
Но, во јавноста имаше и поинакви аргументи. Шон Винзор, биоетичар на Универзитетот во Торонто, рече дека нема лесен одговор на прашањата кои се отвораат со асистираната репродукција во одминати години, но прашува дали некој има право да ја одбие само поради нечија возраст.
„Доколку речеме дека е во ред постара личност да посвојува деца, дали е двоен стандард да се рече дека некој во постара возраст не смее да раѓа деца. Доколку аргументот е дека постарото лице можеби нема да биде присутен доволно долго за да го израсне детето?“, вели Винзор.
„Во тој случај, треба да почнеме да ја разгледуваме староста на секој родител и нивното однесување. Доколку родителот е падобранец, на пример, или практикува планинарење на екстремни височини... дали и нив треба да ги исклучиме од вештачкото оплодување, имајќи ја предвид опасноста да не доживеат 60 години?“
Хајет била одбиена за вештачко оплодување во Канада поради одмината возраст, но успеала тоа да го изврши во родната Индија.
Интересот на детето
Во европските земји, правилата се различни. Најниска возрасна граница за вештачко оплодување постои во Велика Британија- 42 години, а највисока во Грција-54 години. Во Австрија е 45, на Кипар до 45, а во исклучителни случаи до 55, додека Шпанија дозволува до 50-годишна возраст.
Во 2016 година слична, голема дебата се отвори и во Австралија откако 62-годишна жена и нејзиниот 78-годишен маж добија женско бебе по успешно ин-витро оплодување. Тогашниот претседател на Австралиската медицинска асоцијација Мајкл Гањон ја нарече одлуката да се добие дете во одминати години „себична“ и погрешна.
„Лудило. Не сме дизајнирани да имаме деца на 60 години“, твитна др. Гањон.
Др. Бернадет Ричардс, експерт за медицинско право и биоетика на Универзитетот во Аделаида, оцени дека постапката не е нелегална. Но, само затоа што медицината и овозможува на 62-годишна жена да стане бремена не значи дека тоа треба да биде дозволено доколку не е во најдобар интерес на детето.
„Водечкиот принцип на нашите закони е секогаш најдобриот интерес на детето, па веројатно многумина ќе го оспорат она што го сторила врз основа на фактот дека можеби не е во најдобар интерес на детето да има родител на тие години“, вели др Ричардс.
Колку е висока цената?
Најстарата позната мајка е 70-годишната Омкари Панвар, која родила близнаци во Индија откако примила ин витро оплодување. Оттогаш, 67-годишна Шпанка доби близнаци, 66-годишна Австријка имаше едно дете и 66-годишна Романка роди едно живо дете (другото почина неколку часа по раѓањето). Во сите случаи, мајката добила ин витро оплодување.
Ин витро оплодувањето предизвикува остри дебати за здравјето и социјалните импликации врз децата и мајките. Тоа често резултира со предвремено породување и со повеќе деца, што може да доведе до здравствени проблеми како што се неразвиени очи и бубрези, мала тежина при раѓање и бројни долгорочни здравствени импликации.
Природните граници на плодноста веќе не важат, а современата медицина во многу случаи го исполнува копнежот за бебе. Експертите велат дека колку е висока цената е етичко прашање на кое секој пар треба сам да си одговори. Покрај сите медицински аспекти, едно е сигурно: децата на родителите во одминати години, се соочени со далеку поголема веројатност порано да останат без родители.