1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Make Europe great again“

19 јуни 2020

Германија од 1 јули го презема своето 13-то претседателство со Европската унија, можеби најважното во последните 20 години од Унијата. Колумна на Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Обединети! Со овој збор и слоганот „Make Europe great again“, перфидно и со доза на сарказам украден од Трамп, Германија од 1 јули го презема своето 13-то претседателство со ЕУ, можеби најважното во последните 20 години од Унијата.

Сведоци сме на неверојатни економски и здравствени околности, како и на големи геополитички трансформации во Европа и САД, сведоци сме и на еден платеален судир помеѓу Трамп и Меркел, кој би требало да се разбистри во наредните месеци.

Пред некоја недела во колумната „Европската унија пишува историја“ веќе наведов дека планот за опоравување на ЕУ наречен „ЕУ на следната генерација“, претставува епохална промена во парадигмите на ЕУ, и особено во премин од економското/меркантилистичко сфаќање на Унијата од страна на Берлин во потребата од трансформација на Унијата во политичка реалност. Берлин се откажува од досегашната догма на штедливост и меркантилистички пристап кон Унијата, сфаќајки ја потребата од поголема политичка, фискална и одбранбена унификација на Стариот континент.

Две жени, долгогодишни соработнички ја водат трансформацијата сработена од Германија на Меркел и присвоена од Урсула вон дер Лејен. Почнува „крунисаното претседателство“ на Меркел со Унијата.

Други колумни од авторот:

-Градот мора одново да се обмисли

-Осум минути и 46 секунди

-Kако и кога завршува една пандемија?

Германија, стариот доминатор на Европа преку оружје и германската марка, отсекогаш уплашена од напад кој доаѓа од Запад и Исток, нешто што е и драмата и трагедијата на нејзината историја, сега се преиначува и во стратегија на ЕУ, имајќи го пред вид новиот геополитички контекст.

Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Класичната стратегија на Германија да не биде преголема сила која доминира со Европа, туку конвенционална сила која живее во нејзините рамки, во минатиот век произведе една шизофренична политика која на крајот деклинираше во добро познатата трагедија на нацизмот, поразот и поделбата на државата. На почетокот на 90-те, обединета Германија се пронаоѓа себеси во центарот на една економска и монетарна зона, која иницијално беше обмислена против Германија, односно како цена за нејзиното обединување. Од една страна непочитувајќи го договорот за обединување на Германија и се дозволува фактичко анектирање на Источна Германија од страна на Федералната Република, со консекветен влез на ДДР во ЕУ без никаков пристапен процес или референдум. Од друга страна, на Германија и се бара да се откаже од марката, наметнувајќи и го еврото.

Економското лудило на Тачер и Митеран ги доведе до заблуда да мислат дека валутата има свој сопствен живот и дека откажувањето од марката им оди во прилог. Во реалноста, илузорно беше да се мисли дека една земја како Германија, лидер во индустриска, економска и финансиска смисла, нема да направи од еврото нешто слично за Берлин како и марката. Со таа разлика што помалата вредност на еврото од марката и оди во прилог на Германија како извозна сила, но и како увозник од Еврозоната. Токму од овие причини Германија е усидрена во европскиот проект и особено во монетарната унија, до тој степен што денес одлучува дека за да може да продолжи да извезува, ако може така да се изразиме - им плаќа на послабите земји да останат во Унијата со тоа што го акумулира нивниот извоз. Затоа, во оваа криза, Германија одлучува да се откаже од политиката на штедење, да воведе заедничко задолжување и серија на евтини кредити, се со цел да остане економскиот доминатор и да ги задржи економските зони на влијание кои се простираат од Хрватска до Данска, преку Северна Италија, како и од Русија до Холандија. Но, се тоа одеднаш не е доволно.

Германија денес одлучува да стане европскиот хегемон, развивајќи своја зона на влијание, од простиот факт што Европа се наоѓа под притисок од новата Студена војна помеѓу САД и Кина, и од релативниот подем на Русија и Турција во Медитеранот, Африка и Блискиот Исток. Меркел ги става на исто рамниште трите големи сили кои се закана за Европа, без притоа да бара комфор и заштита во историската трансатлантска оска, која фактички е конститутивна реалност од самото формирање на ЕУ.

Фотографија: picture-alliance/imageBroker/I. Schulz

Оттука стратегијата на Меркел е Европа да се постави како трета, односно, четврта глобална политичка реалност веднаш зад трите светски сили кои се во постојан судир меѓу себе. Од таа причина и од простата глобална нужност канцеларката работи во прво лице на европскиот „recovery fund“, кој не само што треба ја олесни економската криза од корона вирусот, туку и да ја изедначи асиметријата помеѓу државите во ЕУ, пред се привилигирајќи ги најмногу погодените земји како Италија, Шпанија и Франција. Затоа Берлин се нафаќа со оваа ембрионална форма на заедничко задолжување и фискална унија, федерална Европа и поедноставување на институционалната архитектура на ЕУ.

Сега од овој аспект поразбирливо е спротивставувањето на северните земји како Холандија, Данска, Шведска и Австрија. Нивното контрирање не е детерминирано само од стриктно економските или идеолошки логики, туку напротив, од геополитички резони. Овие земји имаат огромен интерес Германија да остане она што била до сега, како една неутрализирана земја во своите најамбициозни и најагресивни обиди за креирање на своја зона на влијание. Сите овие земји имаат свој историски преседан кој ги заплашува како земји инглобирани во Третиот Рајх, која преку Аншлуз како Австрија, која преку квинслишка власт и инвазија како Холандија и Данска, која во заробеничка неутралност како Шведска. Оттука овие земји не сакаат да завршат како сателити на Германија, и кои покрај големата културна блискост и афинитет со Германија имаат свои национални посебности кои сакаат да ги задржат. Другата логика е дека сите овие земји сакаат Германија да остане само економски гигант, а ЕУ да остане економска унија, затоа што во овие услови нивните интереси се прекумерно задоволени. Сите овие земји профитираат од актуелната структура на ЕУ, како големи извозници, пример, БДП на Холандија дури 85% се полни од извозот, и оттука не сакаат Унијата да фати некој нов, повеќе политички пат на функционирање.

Сега прашањето е колку Германија ќе успее овој план да го реализира, не само во рамките на ЕУ, туку и во однос на релацијата со светскиот хегемон Америка. Германија се уште нема способност за стратегија на геополитичка проекција „tout court“, и многу од нејзиниот маневарски простор зависи од тоа што САД ќе го дозволи или нема да го дозволи. Америка на овој развој гледа со голема загриженост, нивната опсесија и недоверба кон Берлин е постојана и историски детерминирана. Тоа може и да е комплимент за Германците, нешто за што ни самите не се премногу свесни, дека како еден премногу способен народ, не можат да пројдат под радарот на САД. Токму САД кои можеби и ја преценуваат Германија за нејзе имаат сфаќање како 3-4 сила на светот. Затоа и Германија своите маневри мора да ги маскира како маневри на ЕУ, зошто во спротивно тие би биле не само премногу загрижувачки за нејзините северни сателити, туку и за самата Америка.

Како пример ќе го наведам предвидениот инструмент за финансирање на заедничкото задолжување и неповратната помош на ЕУ, односно, воведување на дигитален данок за американските гиганти како Гугл, Амазон, Фејзбук и Епл. Фактички, преку инструментот за кој гарантира Германија всушност се очекува Америка да плаќа или да ги финансира економските мерки за опоравување на ЕУ. Се разбира оваа дијалектика им е многу јасна на Американците, како што им е јасна на Германците. И се разбира, реакциите кои Америка веќе ги покажува и кои допрва ќе следуваат, ќе покажат дали САД има разбирање за обидот на Европа да се спаси од колапс, нешто што се разбира е во интерес на Вашингтон, но и до каде имаат толеранција за германскиот лидершип кој аспирира да биде политички, а со самото тоа и геополитички. Ова последното е тешко за верување дека САД ќе го проголта, односно Германија да биде плуридеценски гарант, во наредните 30-40 години, за одржување и контрола на другите големи земји од Европа.

Американската реакција не задоцни. Настрана одбивањето на Меркел физички да отиде во Вашингтон на Г7 средбата, инаку многу посакувана од страна на Трамп со цел да прикаже крај на пандемијата и во интерес на неговата предизборна кампања, проблемите меѓу Вашингтон и Берлин само растат наместо да се намалуваат. Се разбира дека Трамп бил бесен на ова големо одбивање од страна на Меркел. Сега темите на несогласување се бројни. Едно е НАТО и постојаното барање на Трамп од европејците да го почитуваат одвојувањето на 2% од БДП за воена потрошувачка кое не се реализира. Второ е иритацијата на ЕУ од американската одлука да се повлече од круциалниот договор Open skies. Трето е тензијата предизвикана од гасоводот Северен Тек 2, и најновата закана за санкции кон Берлин. Четврто е раскинувањето на договорот со Иран и новиот мировен план меѓу Израел и Палестина. Како петто можеме да го наведеме и Брегзитот и големото навивање на Трамп во целиот процес, како и поканата и други европски земји да појдат во таа насока. Последниот шок дојде од неодамнешната ненајавена одлука на Трамп да повлече 9500 американски војници од вкупно 35-те илјади сместени во Германија.

Сега знаеме дека тие воени контингенти покрај за Европа, пред се служат за стратешките интереси на САД во Африка и Блискиот Исток, две зони од кои Америка забрзано се повлекува. Но сепак, шокот е голем и Германија економски многу би изгубила од повлекувањето на американската војска, а навредата и дополнителната компликација може да произлезат од нивно прераспределување кај најголемиот американски сојузник во Европа, Полска. Тоа пак дополнително би ги влошило односите со Москва и би ја искомплицирало евентуалната американска одлука да ја искористи Русија во креирање на орбитата која би ја воздржала Кина од натамошно влијание и подем. Како последно останува и заканата дека САД може да го повлечат својот нуклеарен арсенал од Германија.

Германија не може се уште да си дозволи да остане без американскиот нуклеарен чадор, но тоа во исто време може да даде поттик за заедничка европска одбрана и евентуално искористување на ограничениот француски нуклеарен детерент.

Сите овие прашања и недоумици околу геополитичкиот подем на Германија, но и околу односите помеѓу САД и ЕУ, во голем дел ќе зависат од американските избори во ноември. Доколку Трамп победи одговорот е премногу очигледен. Во тој случај секој обид за повторно зајакнување на транслатлантските врски е однапред осуден на пропаст и Трамп ќе продолжи да инвестира во потчинување и разнебитување на Европа, и нејзино нетретирање како еднаков партнер. Напротив, во тој случај многу е поверојатно Трамп да постигне некаков договор со Русија или Кина, или со двете, кој неизбежно ќе биде на штета на Европа. Во тој случај Европа и Германија ќе немаат друга опција освен да тргнат кон заедничка одбрана и уште поголема политичка унија.

Со Бајден ситуацијата би била многу поинаква, и тука од Анкара до Пекинг, од Москва до Техеран, заедно со создавањето нова и трајна коалиција помеѓу САД и ЕУ, работите оваа зима би можеле драстично да се променат.

Потребно е да се прифатат неколку реалности и во ова поволно сценарио. Европа разбира дека Америка повеќе не сака да биде светскиот полицаец, ниту пак да ја финансира европската одбрана. Доколку САД стратешки планира да се повлече од Европа и од Блискиот Исток за да се посвети на кинескиот предизвик, тогаш не смее да се спротивставува на поголемата политичка и воена унификација на Европа, и треба да се посвети на коренита трансформација на НАТО на паритарна основа помеѓу Европа и САД. Оваа логика е всушност и во најдобар интерес на Америка.

Втор важен аспект е Америка да излезе од својата тврдокорна политичка и економска изолација на Русија и да помогне во стабилизирање на односите помеѓу Русија и ЕУ, конечно посветувајќи се и на постигнувањето траен договор на помирување помеѓу Варшава и Москва. Од обостран интерес е Русија и Кина да не создадат заеднички блок и да престанат со воената, економска и информациона дестабилизација на Европа. Во таа насока САД и НАТО би можеле да предложат размена на гаранции со Москва дека НАТО нема да се прошири до самите граници на Русија, а Москва за возврат да ги почитува новите европски граници, како и независноста и суверенитетот на државите кои произлегоа од распадот на СССР.

Конечно, Трамп е тој што ја втурна ЕУ и Меркел во позиција на еквидистанца со САД, Русија и Кина. Јасно е како ден дека тоа е и програмата на Меркел во идните 6 месеци. Останува круцијална важноста да се одржат историските, економските и воените релации меѓу САД и ЕУ, но мора да се земе во предвид дека Трамп ќе продолжи со влошување на односите за време на предизборната кампања.

За крај ќе употребам една фраза од Черчил: „Времето на одложување, на половични мерки, на илузорно утешителни решенија и на доцнења е завршен, сега почнува времето на постапки кои произведуваат последици“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми