1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во иднина полесно до германско државјанство

БГ /АФП
19 јануари 2024

Владата во Берлин одлучи значително да го олесни пристапот до германско државјанство за доселениците. Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер вели дека законските измени се нова шанса за земјата.

Германски Пасош
Во иднина полесно до германски пасошФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

Македонските државјани повеќе нема да мораат да се откажуваат од матичното државјанство за да се стекнат со германско. Германскиот парламент ги усвои долго најавуваните измени во законот за државјанство со кои се скратува рокот во кој доселениците можат да аплицираат за германско државјанство, но и се дозволува двојно државјанство.

„Се радувам што конечно добиваме модерен закон за државјанство“, изјави министерката Ненси Фезер во петокот во Берлин. Бундестагот со мнозинство гласови на владејачката коалиција: СПД, Либералите и Зелените попладнето го одобри законот. Опозициските пратеници на ЦДУ/ЦСУ остро се спротивставија на законските измени, оценувајќи дека кратењето на рокот за добивање државјанство ќе има лоши последици. 

Со измените кои ги предложи германската влада, доселениците во иднина ќе можат да аплицираат за германски пасош по пет години постојано живеење и работење во земјата. Досега тој рок беше осум години. Особено добро интегрираните доселеници ќе можат да аплицираат и по три години престој.

Фезер смета дека на овој начин Германија подобро ќе им конкурира во привлекувањето работна сила на држави како САД и Канада. Таа ги наведе медицинските сестри, доктори и услужниот персонал во рестораните како дефицитарни професии кон кои е насочен новиот закон со надеж дека ќе се привлечат повеќе доселеници. 

Двојно државјанство 

Со новиот закон се дозволува и двојното или повеќекратното државјанство, нешто што досега беше можно само за државјани на ЕУ земји, Швајцарија, како и на земји кои забрануваат откажување од матичното државјанство како Авганистан, Иран, Либан и Сирија. 

Германската министерка за внатрешни работи Ненси ФезерФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Сите македонски државјани кои живееја и работеа во Германија во изминатите децении мораа најпрво да се откажат од своето матично државјанство за да аплицираат за германско. Тоа повеќе не е услов. Во Германија, заклучно со 2022 година, живееле близу 150 илјади македонски државјани. Истото правило ќе важи и за сите други државјани на земји надвор од ЕУ. 

Децата родени во Германија од родители со странско државјанство во иднина автоматски ќе се квалификуваат за германски пасош. Услов за тоа е, најмалку еден од родителите да живеел непрекинато пет години во Германија и да имал дозвола за престој.

Лица кои биле осудувани за дела поврзани со расизам, антисемитизам или ксенофобија нема да можат да добијат германско државјанство. 

Основен предуслов за добивање државјанство остануваат докази за интеграција и познавање на германскиот јазик. Дополнително кандидат мора да докаже дека е во состојба да се издржува себеси и членовите на семејството. Исклучок од ова правило се ткн. гастарбајтери и доселеници со договори на дело кои пристигнале во Западна Германија до 1974 година, односно до 1990 во поранешна Источна Германија. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми