1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВИ во Македонија: Кои ќе бидат придобивките од „Везилка“

19 октомври 2025

ВИ ќе анализира медицински снимки, ќе креира упати, ќе помага во тријажа, ќе симулира климатски промени – експертите го поздравуваат чекорот на ЕУ да ја приклучи Северна Македонија кон најновите технологии

Д-р Анис Сефиданис со роботот Алшар во позадина на фотографијата
Д-р Анис Сефиданис вели дека Македонија може да има големи придобивки од проектот „Везилка“Фотографија: Privat

Северна Македонија е на прагот да се приклучи кон земјите кои и официјално ја воведуваат вештачката интелигенција (ВИ) во секојдневното функционирање. Веста ја донесе претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен најавувајќи фабрика за вештачка интелигенција во нашата земја, а ја потврди и македонската Влада означувајќи го почетокот на проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција.

ДВ разговараше со д-р Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при универзитетот за информатички науки „Св. Апостол Павле“, за тоа кои ќе бидат придобивките за граѓаните. Тој вели дека ќе има попрецизни и побрзи е-услуги со ВИ асистенти, подобрено машинско односно автоматско преведување и пристапност на македонски јазик, побрзи здравствени упати, тријажа и поддршка за дијагностика, поинтелигентни прогнози за енергија, поплави и загадување, и програми за обука на мали бизниси како да користат ВИ. Сето ова, нагласува тој, ќе се овозможи преку пристапот до европски суперкомпјутери.

Претходно и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски посочи дека станува збор за капитален проект за дигиталната трансформација на земјава, кој со вкупна вредност од околу 6 милиони евра се реализира со финансиска поддршка од ЕУ преку програмата Хоризонт Европа и иницијативата ЕуроХПЦ, а кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и факултетот ФИНКИ кој е носител на проектот.

Но има ли земјава доволно обучен кадар за овој технолошки исчекор. „Ќе треба повеќе специјализирани програми, инженеринг за вештачка интелигенција, особено во здравство и енергетика, индустриски пракси и обуки во компании кои работат на реални проекти. Имаме солидна основа, но потребно ни е и брзо надградување“, вели Сефиданис. 

„Информатичкиот сектор расте двоцифрено, а заедно со тоа и побарувачката за кадар“, вели СефанидисФотографија: Privat

Тој истакна дека универзитетите во Македонија запишуваат над 1.000 студенти годишно на ИКТ програмите. „На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид имаме цел факултет посветен на Машинско учење и роботика, каде јас предавам предмети токму од овие области. Информатичкиот сектор расте двоцифрено, а заедно со тоа и побарувачката за кадар“, вели нашиот соговорник.

Компјутерски „ѕверови“

Сепак, иако станува збор за професија на иднината најновите трендови велат дека по „бум-от“ во вработувањата, настапил период на презаситеност на пазарот и отпуштања. Оттука и прашањето дали програмерите и компјутерските инженери кај нас треба да стравуваат за своите работни места по робустното доаѓање на ВИ.

„Не, но треба навремено да се адаптираат. ВИ ќе автоматизира рутински активности како што се генерирање код, тестови и слично, а ќе порасне вредноста на дизајнот на архитектурата на информациските системи, безбедноста, интеграцијата со постоечка инфраструктура, доменско знаење и работа со големи податоци. Глобалниот тренд е да се ‘редизајнира работното место', а не да исчезне“, вели за ДВ Сефиданис. 

Професорот кој е и основач на сопствен центар за истражување и развој на технологии и го донесе првиот суперкомпјутер во земјава објаснува дека суперкомпјутерите се „фабрики за интелигенција“ и дека содржат илјадници поврзани (графички) процесори кои работат паралелно, со ултрабрзи мрежи и специјално ладење.

„Овие пресметковни ‘ѕверови' овозможуваат тренирање на големи јазични модели, анализа на медицински снимки, симулации на климатски промени на планетарно ниво и слично, задачи што би траеле години на обичен компјутер. Како илустрација, европскиот LUMI има моќ еквивалентна на околу 1,5 милиони современи лаптопи“, појаснува Сефиданис.

Националниот центарот за ВИ „Везилка“ што го најави министерот Андоновски ќе  биде придружна единица на европската фабрика „Фарос" со седиште во Грција. Тој на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори. 

Како би изгледал Охрид во 27. век?

03:30

This browser does not support the video element.

Нашиот соговорник дополни дека суперкомпјутери ќе се користат за обуки и менторирање за стартапи и институции, конкретни пилот-проекти во здравство, јазик, култура и одржливост. „Првиот фокус е и изработка на македонски јазичен модел“, вели Сефиданис. Дополнително, посочи тој, кај нас е логично да се додадат дигитална администрација и земјоделство.

Дали ВИ ќе значи отпуштања?

Најавувајќи го проектот и поддршката од ЕУ, шефицата на Европската комисија претходно говорејќи на Инвестицискиот форум во Тирана рече дека за почеток ќе бидат поставени две антени во Северна Македонија и Србија, со што посочи Фон дер Лајен, се воведува брз дигитален ‘рбет низ целиот регион што ќе им овозможи на компаниите од земјите да се поврзат со европските ВИ фабрики.

Соговорникот на ДВ Сефиданис, пак, појаснува дека „антените“ се локални приклучни точки кон европските ВИ-фабрики. „Овие системи безбедуваат безбеден пристап на далечина до суперкомпјутери, локална поддршка и обуки за користење, сето тоа без да мораме веднаш да градиме огромна инфраструктура дома. ЕУ јавно соопшти дека стартува со по една антена во Македонија и Србија, а тоа секако ни носи големи предности: побрз пристап, прв бран на обуки и пилот-проекти со ВИ во регионот“, вели Сефиданис. 

Во меѓувреме анализите што се прават во светот за тоа кои професии ќе бидат заменети со ВИ односно на кои професии им се заканува изумирање, не ја одминуваат ни Македонија. Првичните предвидувања се дека голем дел од работните задачи ќе се променат, но нема да исчезнат работните места.

„Меѓународните анализи покажуваат значителна изложеност на автоматизација, но засега нема докази за намалување на вкупната вработеност. Наместо тоа, се менуваат задачите и потребните вештини. Истовремено се појавуваат нови профили како инженери за ВИ, анализа на податоци, операции поврзани со машинско учење, специјалисти за доверлива ВИ, локални јазични модели, доменски експерти. Клучот е преквалификација на кадарот и користење на ВИ како напредна алатка за подобрени резултати во работата", рече професорот Сефиданис. 

Роботи изградија автопат во Кина

00:36

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми