1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и геополитичките игри на Белград

4 август 2023

Скопје и Белград ги спојува незадоволството од бавната интеграција во ЕУ, но ги раздвојуваат многу суштински прашања како што се односот кон Русија и пролонгирањето на српско-косовскиот спор. Пишува Соња Крамарска.

Претседателите Стево Пендаровски и Александар Вучиќ на илинденската средба во „Прохор Пчински“ на 2 август, 2023 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Симпатично звучеше изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ. „Ние, Србите ги сакаме Македонците и Македонија, го сакаме македонскиот јазик, не сметаме дека не постои“, рече тој честитајќи ни го Илинден и потенцирајќи дека Србија и Македонија имаат братски односи.

Пораката очекувано предизвика ерупција на задоволство кај Македонците токму кога се засилува притисокот за уставните измени во корист на Бугарија. Иако подзаборавивме дека пред околу две години во Димитровград Вучиќ слична порака упати и до бугарскиот колега Румен Радев велејќи дека Србија и Бугарија се братски народи.

Но Вучиќ има и други изјави кои не се од корист на Македонија во услови на геополитичките поместувања предизвикани од војната во Украина. Србија е единствената држава во регионот која не се приклучи кон ниту една од 11 рунди санкции против Русија почнувајќи од 2014 до денеска. „Ќе ги прашам луѓето во Србија, парламентот во Србија и владата на Србија, а помалку ќе се прашам и јас“, рече тој по руската воена агресија врз Украина.

Вучиќ е актер и во (не)решавањето на српско-косовскиот спор за кој меѓународната заедница веќе подолго време бара решение, и кој се развлекува веќе со години оставајќи го Балканот како трустно политичко и безбедносно подрачје. Тој одржува срдечни односи и со Милорад Додик, уште еден симпатизер на Русија и човек кој со неговите активности го руши Дејтонскиот договор со кој беше означен крај на крвопролевањето во БиХ.

Соња Крамарска, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Меѓутоа Скопје како да ужива во прегратката на Србија. Најпрвин тоа беше благодарност што во ковид пандемијата Вучиќ ни подари два пакети со 4.680 односно 3.510 вакцини или вкупно 8.190, и што повеќе илјади македонски граѓани одеа да се вакцинираат во Србија. Односите прилично се загреаја и со Отворен Балкан кога практично за првпат по раздружувањето од некогашна Југославија, Србите и Македонците почнаа пак меѓусебно да се нарекуваат „браќа“. Неодамнешната анкетата на „Преспа институтот“ покажа дека 45,3 отсто од испитаниците ја сметаат Србија за најпријателска држава. Во истото истражување Србија е прва и на прашањето со која држава Македонија споделува најмногу вредности или интереси (62,8 отсто).

Осаменоста на Белград

Не знаеме дали овие „љубовни“ пораки од јужниот сосед и значат нешто на Србија но едно е сигурно: Србија по руската инвазија на Украина стана осамена на меѓународната сцена. Осаменоста е видлива и во регионот. Отворен Балкан успеа барем делумно да ја замаскира неповолната позиција на Белград, и колку толку да му овозможи воздух во политиката со соседите пред се Македонија и Албанија како членки на Отворен Балкан. Во обидот на Србија да го искористи Отворен Балкан за да излезе од црвената зона, минатиот септември на саемот за вино чиј домаќин беше Белград, беа поканети и црногорскиот и босанскиот премиер и шефовите на дипломатиите на Турција, Грција, Италија и Унгарија. Но  Грција и Италија ја игнорираа поканата иако премиерката Џорџа Мелони, барем според кажувањата на Вучиќ е на топ листата на негови пријатели.

Не треба да се заборави и дека неодамна на црната листа на САД се најде Александар Вулин личен пријател и најблизок соработник на претседателот Вучиќ, со прилично сериозни обвинувања за нелегална продажба на оружје, трговија со дрога и злоупотреба на службената должност. Вулин не ја крие својата про-руска ориентација, и е еден од ретките кои ја посетија Москва во август 2022 година забодувајќи прст во окото на меѓународната заедница која спроведува бојкот кон Кремљ како чин на несогласување со нападот на Украина. Вулин тогаш му порача на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека „Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции и дека не е дел од анти-руската хистерија“. Сето тоа очигледно не е проблем за српскиот претседател кој досетливо ја искоментира американската санкција дека „не забележал дека кај Вулин е пронајден кокаин туку во Белата куќа“. 

На црната листа на САД: Александар ВулинФотографија: Marinko Sekulic/DW

Северна Македонија од друга страна е во стратешко партнерство со САД почнувајќи од 2008 година па до денес. Тоа стратешко партнерство е дополнето и надградено во неколку наврати, а е запечатено со повеќемилионски донации и поддршка во сите сфери: граѓанскиот сектор, медиумите, судството и во одбраната. САД е земјата под чие директни одбранбено и политичко менторство Македонија беше примена во НАТО. Подлегнувањето на српското влијание може да го поткопа тоа сојузништво што само по себе не е толку страшно колку што е страшно слепилото на македонската надворешна политика кога се во прашање суптилностите во меѓународните и во регионалните односи.

Без осуда за Бугарија

Србија, пак, на 20 јули 2022 година потпиша стратешко партнерство со Египет кое предвидува меѓу другото и координација за билатерални и меѓународни прашања. Потписот го стави лично претседателот Вучиќ. Само четири дена по Вучиќ, во Египет дојде Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на рускиот претседател Путин, почнувајќи ја турнејата во седум африкански земји, во обид да ја продаде руската интерпретација за нападот врз Украина. И Египет како и Србија е растргнат помеѓу долгогодишните врски со Русија и блиските односи со западните сили, кои ја санкционираа и се обидоа да ја изолираат Москва.

Секако дека соседите не можат да се избираат и се упатени на соработка едни со други. Србија имаше неколку историски можности да покаже пријателство кон Македонија. Една од тие беше и тридеценискиот спор со Грција за името, но тогаш Србија јасно се определи на грчка страна нарекувајќи го грчкиот став „разумен, урамнотежен и рационален“. Токму министерот на Вучиќ – Ивица Дачиќ во својство на шеф на дипломатијата во пресрет на конечното решавање на грчко – македонскиот спор во 2018 година на прес конференција во Белград со Никос Коѕијас рече дека Србија направила грешка со признавањето на Македонија под уставното име и дека има разбирање за ставовите на Грција по тоа прашање. Иако спорот е веќе минато за Македонија, тогашниот став на Белград денес треба да биде потсетување дека во политиката не се вечни пријателствата туку интересите.

Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

Оттука обидите за вовлекување на Македонија во некаква западно-балканска унија за чиј водач се препорачува самиот Вучиќ, е ситуација кон која нашиот државен врв треба да се однесува со голема претпазливост. Нашата држава сепак има свои интереси и своја надворешна политика кои се различни од оние на соседна Србија. Скопје по рускиот напад на Украина целосно ја усогласи својата надворешна и одбранбена политика со ЕУ, праќајќи на тој начин јасен сигнал каде ја гледа својата иднина, без разлика на моменталните пречки и внатрешно -политички превирања поради уставните измени. Србија, иако преговара со ЕУ, влезе во НАТО програмата Партнерство за мир, и даде формална поддршка во ОН на Украина, сепак не се откажува од своите врски со Москва и со полно право останува да виси дилемата – каков пример дава во регионот кој е јасно ориентиран кон ЕУ и САД.

Конечно Вучиќ иако ја поддржува нашата земја на патот кон ЕУ, досега не го слушнавме директно и експлицитно да ја осуди бугарската блокада на Македонија. Неговите досегашни изјави се дека „денес Бугарија ја блокира Македонија утре некој друг“ или „регионот трпи опструкции на патот кон ЕУ“. Вучиќ имаше неколку прилики за тоа: при заедничкиот увид со претседателот Румен Радев на изградбата на гасниот интерконектор во близина на Софија во февруари оваа година како и при откривањето на споменикот на Св.Кирил и Методиј во Димитровград каде му беше гостин бугарскиот претседател. Но, напротив тој и кон Бугарија тогаш упати пораки дека е братски народ на Србите. „Ако некој се обиде да подигне тензии помеѓу нас, од Белград ќе добие одговор дека Бугарите ги сметаме за браќа“, рече тој.

Бурата од емоции поради завчерашната изјава на Вучиќ засега фрла магла но кога ќе се крене завесата ќе се види дека сепак се е политичка математика за што Македонија треба да биде свесна бидејќи регионот го чекаат уште турбуленции.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми