1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дестатис: Македонија има најниски трошоци за живот во Европа

БГ
1 јуни 2023

Трошоците за живот во Северна Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Поевтино од Македонија е само во Турција.

Македонија Маркет
Цените во Македонија се на ниво од 49% од цените во ГерманијаФотографија: Petr Stojanovski

Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Северна Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

Анализирани се цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина. За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100%) од која се прави споредбата со други држави.
Севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49% од цените во Германија- или обратно, тие се за 51% поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските. 

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во неколку наврати годинава ги проверуваше цените во маркетитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Најевтини цигари и храна  

На пример, храната и безалкохолните пијалоци во Македонија се 62% од просекот во Германија, со што се најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи. Убедливо најевтини во Европа се и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во Македонија. Тие се на ниво од 45% од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска- 76%, во Грција-67%, а во Албанија 77%.

Цигарите и производите од тутун се поевтини само во Турција. Цените во Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло има само во Турција, иако цените во Македонија не се далеку од европскиот просек. 

Цените на храната во Грција се за 34% поскапи од оние во Македонија. фото: Пазар во АтинаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Во делот на енергетиката, четири европски држави се поевтини од Македонија. Тоа се: Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, а Унгарија има идентични цени. Во овој дел се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива. 

Најевтин одмор во Албанија 

За телекомуникациски трошоци помалку од македонските граѓани плаќаат само Турците, Полјаците и Романците. Шест европски држави имаат поевтини алкохолни пијалоци од Македонија и тоа: Унгарија, Германија, Австрија, Италија, Полска и Романија.

За хотели и ресторани помалку од Македонија ќе треба да одвоите доколку одите во Турција, Бугарија или Албанија. Сепак, она што ќе го платите во Македонија за тие услуги е 51 процент поевтино од Германија, и повеќе од двојно помалку од земји како Швајцарија, Исланд, Норвешка или Данска. Цените на хотелските и ресторанските услуги во Грција, како традиционална дестинација за одмор на македонските граѓани, се на ниво од 79% од германските, или точно 30 проценти повисоки од оние во Северна Македонија. Во Хрватска е нешто поскапо, таму за овие услуги ќе платите 34 отсто поскапо од дома. Најевтино е во Албанија и Турција каде ќе минете за 5 проценти поевтино одошто во Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми