Опсерваторијата при Природно-математичкиот факултет алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар. Од МОН велат дека се бара решение за овој ургентен проблем
Македонија може да остане без 13 сеизмолошки станициФотографија: Juan Gonzalez/REUTERS
Реклама
Доколку не се обезбедат средства навреме, Македонија од идната година би можела да остане без опрема за 13 сеизмолошки станици, со коишто се следи сеизмичката активност во земјата. Во март завршува меѓународниот проект „AdriaArray“, со што е предвидено германската влада да ги повлече инструментите од сеизмолошките станици во Македонија.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, очекува дека ќе биде одобрен проект со кој ќе бидат обезбедени средства за набавка на инструменти за Сеизмолошката опсерваторија, а потоа и да се реши проблемот со кој се соочува оваа институција.
Трусно подрачје
Во рамки на проектот на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои се следи сеизмичката активност на територијата на државата и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.
„Ова прашање е актуелно и е многу значајно, бидејќи ние сме трусно подрачје. Германската влада ќе си ги повлече инструментите затоа што завршува проектот“, изјави Јаневска на прес-конференција во Скопје.
Реклама
Повлекување на опремата
Опсерваторијата при Природно-математичкиот факултет неодамна алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар. Јаневска вели Сеизмолошката опсерваторија конкурирала за нов проект и постојат големи изгледи да го добијат. „Со тоа ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, не можам да прејудицирам, но се надевам дека ќе биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека ургентен и многу значаен“, рече министерката.
Тринаесетте станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак - на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната Кнежево.
ORFEUS во март ќе ја напушти Македонија за да го продолжи проектот во други земји, со што Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени инструменти. Потребни им се нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици за следење на подземните активности во реално време.
Земјотреси кои го потресоа светот
Од големите земјотреси во Антиохија во 342 и 526 година, до денес, историјата памети огромни потреси кои неретко биле проследени и со гигантски цунами бранови во некои делови од светот.
Фотографија: picture-alliance/D. Nucci/NurPhoto
Катастрофален земјотрес во Турција и Сирија
Земјотресот со јачина од 7.8 степени кој ги погоди Турција и Сирија во раните утрински часови на 6 февруари 2023 година однесе илјадници животи и предизвика непроценлива материјална штета. Уништени се преку 2.800 згради во централна Турција и стотици во северозападна Сирија.
Фотографија: IHA/REUTERS
Централна Италија во рушевини
Последниот голем земјотрес во Европа се случи во централна Италија. Земјотресот кој удри на 24 август годинава однесе 256 животи, и остави повеќе од 40 илјади луѓе без покрив над главата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Лабрадорот Лео
Лабрадорот Лео беше поздравен од папата Франциско на 3 септември годинава за време на беатификацијата на Мајка Тереза. Лабрадорот стана инстант-херој откако во урнатините од земјотресот пронајде четиригодишно дете.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L'Osservatore Romano
Танзанија
Земјотрес со јачина од 5,7 степени го погоди северозападниот регион на Танзанија на 10 септември годинава. Во катастрофата загинаа најмалку 16 луѓе, а 250 беа повредени.
Фотографија: Imago/Xinhua
Вежби за децата во Јапонија
Јапонија е екстремно трустно подрачје, и во минатото честопати беше погодувана од силни земјотреси. На 1 септември секоја година, кога се одбележува годишнината од големиот земјотрес од 1923 година, децата во основните училишта учествуваат во специјални вежби за заштита при земјотрес.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Taga
Потрага по најблиските (Беичуан, Кина)
Мајка го оплакува својот син кој загина во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди провинцијата Сичуан во Кина на 19 август 2008 година. Повеќе од 1,500 ученици и учители загинаа во земјотресот, кој севкупно однесе 69 илјади човечки животи.
Фотографија: Getty Images/China Photos
Катастрофата во Хаити
На 12 јануари 2010 година, Хаити беше погоден од катастрофален земјотрес со магнитуда од 7 степени. Над 200 илјади луѓе загинаа во природната катастрофа, а речиси три милиони луѓе беа погодени. Главниот град Порт-о- Принс беше срамнет со земја.
Фотографија: picture alliance/dpa
Земјотресот во Суматра
На 26 декември 2004 година разурнувачки земјотрес со јачина од 9,2 степени го погоди западниот брег на Суматра, во Индискиот Океан. Земјотресот и бројните цунами бранови кои се подигнаа како последица од него однесоа 230 илјади животи во 14 земји. Тоа е третиот најсилен земјотрес забележан во историјата и истовремено, удар со најдолго траење- меѓу 8 и 10 минути.
Фотографија: Getty Images/S. Platt
Музафарабад, Кашмир
Потресот чиј епицентар беше кај градот Музафарабад во Пакистан во октомври 2005 година опфати регион од 30 илјади квадратни километри. Во непосредната околина загинаа 84 илјади луѓе. Земјотресот беше со јачина од 7,6 степени.
Фотографија: AFP/Getty Images/F. J. Brown
Л' Аквила- земјотрес и одговорност
Земјотресот во Л'Аквила, во централна Италија од 6 април 2009 година, однесе 308 човечки животи. Бројни контроверзи следеа по катастрофата, откако 6 научници и еден државен службеник беа осудени на затворски казни поради тоа што не предупредиле на опасноста од земјотресот. Во 2014 година, пресудите на научниците им беа укинати.