1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на пат да ја добие првата жена претседател

ДТЗ
8 мај 2024

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател Гордана Сиљановска-Давкова има над 100 илјади гласови повеќе од Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ води и на парламентарните избори.

Nordmazedonien Wahlen | 
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија за првпат е на чекор да избере жена на чело на државата. Професорката Гордана Сиљановска Давкова ќе биде првата претседателка која што ја доби довербата на мнозинството гласачи на денешните двони избори во земјата. Во вториот круг на изборите, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ е во двојно водство пред противкандидатот од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски кој не успеа да се избори за втор мандат. 

Првичните резултати од парламентарните избори покажуваат дека од обработени 40,70 отсто од избирачките места, во водство е Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ која има освоено 118 498 гласови (35,70%). Потоа следи Европски фронт на ДУИ со 67.959 гласови (20,48%), Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ - со 57. 648 гласови (17,37%), а Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ има 40. 281 гласа (12,14%). Лавица има 19 036 (5,74%), Движење ЗНАМ – За наша Македонија 13 886 (4,18%). Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаа под еден процент гласови.

Сиљановска има двојно водство пред Пендаровски.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Двојна предност

Според податоците на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК), Сиљановска има двојно водство пред Пендаровски. Од обработените 48,29% од избирачките места, Сиљановска Давкова има добиено 214.695 гласови или 63,09%, додека за Пендаровски гласале 103.144 или 30,31% од гласачите. 

Двојна победа Сиљановска извојува и во првиот круг, каде во трката за вилата на Водно имаше седум кандидати за претседател. Сиљановска  освои најмногу гласови - 362.682 (40,08%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 (19,93%), со што партијата за првпат имаше  освоено помалку од 200 илјади гласови на парламентарни и претседателски избори во земјата.

Силјановска - Давкова е актуелен пратеник во Собранието, а беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година, кога победи Пендаровски.  Во политиката зад себе го има искуството на министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски (1992-1994).  

За време на кампањата најави дека ќе ги помилува осудените за 27-ми април, затоа што квалификацијата на делото не одговарало на степенот на насилството. Смета дека е важно претседателот да се однесува натпартиски, не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси, а не заради своја кариера и слава. Вети и враќање на народните канцеларии преку кои секогаш ќе биде блиску до граѓаните. 

Стево Пендаровски кој не успеа да се избори за втор мандат. Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Фер и демократски избори

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на прес-конференција оцени дека денешните двојни избори - вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори биле фер и демократски и дека успешно и професионално се спроведени. 

„Еднакво право на глас е дадено на сите граѓани. Тие гласаа по сопствена волја“, рече Даштевски. И покрај неизвесноста во текот на изборниот ден, сепак беше постигнат цензус за претседателските избори. Според 92,93% од обработените избирачки места, одѕивот на претседателските избори е 46,38 отсто, а на гласање излегле 784.422 гласачи. Најголема излезност има во Новаци 72,76 отсто, а најмала во Липково 7,35 отсто.

Одѕивот на парламентарните избори е 53,41 отсто, односно на гласање излегле 907.114 граѓани. Најголема излезност има во Новаци 74,85 отсто, а најмала во Центар Жупа 18,62 отсто.

И од Јавното обвинителство оценија дека изборниот ден поминал генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.

Изборниот ден помина без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Некој слави - некој го брои секој глас

Дел од партиите веќе прогласија победа и започнаа со прослави на улиците во главниот град. Со огномет симпатизерите на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“ слават пред партискиот штаб кој се наоѓа на плоштадот „Скендербер“ на влезот во Старата скопска чаршија. Пред изборниот штаб на албанската опозициска коалиција „Вреди“ кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје вечерва беа поставени заштитни барикади, а имаше и зголемено присуство на полицијата. Во штабот владее победничка атмосфера. Изет Меџити од партиската говорница порача дека Али Ахмети е најголемиот губитник по изборниот процес и дека ја „ја запечатил својата комплетна изолација од сите релевантни политички чинители“. 

Изборниот процес, според него, не бил демократски бидејќи институциите се ставиле во служба на ДУИ, но гласачите одолеале на притисоците. Тој го праша министерот за надворешни работи Бујар Османи, како ќе го објасни бојкотот пред меѓународната заедница.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми