Во нашиот политички дискурс, како и за квалитетот на развојот на демократијата и вистинската политичка конкуренција, најголем проблем во овој момент претставува масовната и етаблирана летаргија на електоратот. Кај нас, политичката апатија веќе не е само привремено расположение или разочарување – таа станува основна и фундаментална карактеристика на политичкиот систем, што се гледа од намалениот одзив и релативно статичниот политички рејтинг.
Претходните циклични разочарувања од испораката на политичките елити сега се трансформирани во нешто подлабоко и позагрижувачко: убедувањето (веќе, мислам, трајно) дека учеството во политичкиот систем (дали преку гласање или политички активизам) не го менува вкупниот исход. Ова е тренд што на фундаментален начин може да ја смени политичката сцена.
Зошто гласачите ја губат довербата во политичкиот систем
Прво, привременото разочарување (по секој изборен циклус) полека се претвора во трајно исклучување од политичките процеси. Со години, нашата политичка сцена алтернира помеѓу две големи политички групации (со своите сателити), и секој циклус, во основа, психолошки ја „цеди“ енергијата на гласачите со големи ветувања, а минимална реализација – со ветувања за реформи што никогаш не доаѓаат, со надеж за отчетност и транспарентност која, како по рецепт, изостанува, како и со празни најави за борба против криминал, подобар живот или едноставно подобро владеење.
Овој маѓепсан круг на изневерени очекувања и потрошена изборна енергија ги еродира не само ентузијазмот за индивидуалниот политички избор, туку и базичните очекувања од политиката воопшто. Сè почесто, наместо идеологија, слушаме „сите се исти“ – овој психолошки пресврт е основата на апатијата.
Ниска излезност и стабилни елити: политичкиот парадокс
Парадоксално, недовербата во институциите или политичките претставници ретко директно води до политичка промена; напротив, често (барем привремено) ги стабилизира постојните структури на моќ. Така доаѓаме до шизофрена позиција: ниска доверба, а стабилни политички елити.
Ова се случува првенствено поради неколку изборни карактеристики. На пример, нискиот одзив им дава предност на организираните партиски машинерии, каде неопределените гласачи, поради разочараност, се исклучуваат од изборниот процес, што доведува изборите да ги одлучуваат лојалните партиски јадра. Паралелно, клиентелистичките мрежи стануваат повлијателни и доминантни во изборниот процес, како и за континуирана политичка поддршка, па изборите се претвораат во борба на однапред построени машини, а не на актуелна политичка понуда. Во ваков контекст, апатијата и разочарувањето од сите партии не само што не го заслабнуваат етаблираниот систем – туку можат привремено и да го засилат.
Улогата на иселувањето во слабеење на критичкиот електорат
Понатаму, иселувањето драстично влијае на овој процес. Огромен број млади, образувани граѓани, кои по природа се најкритични како гласачи, ја напуштија и сè уште ја напуштаат Македонија. Ова директно го исцрпува критичкиот потенцијал во електоратот, правејќи го релативно „анестетизиран“. Како резултат, останатите гласачи не се веќе толку заинтересирани за реформи – оние што го сакале тоа, го нашле на друго место.
Така, гласачката база сè повеќе се ориентира кон предвидливи исходи: стабилност и „познати“ избори, избегнувајќи ризик при политичките одлуки, што вкупно го намалува притисокот врз политичките елити за структурни реформи или промена на системот. Оние што тоа најгласно би го барале – веќе не се тука.
Дополнителен фактор што ја засилува апатијата е она што во академската мисла се нарекува политичка конвергенција на идеологии, а ние, генијално, го нарекуваме „синдромот на Курто и Мурто“. Тоа е политика без вистински влог, со однапред познат исход.
Во основа, дури и кога реториката помеѓу политичките елити е „на најјако“, со критики и обвинувања и пинг-понг прес конференции, се добива впечаток дека во политичката конкуренција има малку суштински идеолошки или имплементациски разлики, па е сèедно кого ќе изберете. Дури и при поларизиран дискурс, економските модели на опонентите често се многу слични, практичното владеење изгледа идентично, а ветувањата за борба против корупцијата бескрајно се повторуваат без видливи резултати.
Она што едната партија го критикувала во опозиција, го практикува кога ќе дојде на власт – и обратно. Граѓаните ова го толкуваат едноставно: како и да гласам, се менуваат само играчите, а не играта.
Медиумскиот шум и заморот на граѓаните
На ова треба да се додаде и релативно разорената медиумска сцена, поделена во перманентни табори и преполна со политички „мегафони“, која вирее во постојан политички конфликт. Бескрајните прес-конференции со обвинувања, најави за мега-скандали и партиски препукувања, создаваат шум, а не јасна политичка одлука. Со тек на времето, електоратот се исклучува – престанува да ги следи деталите, а медиумската содржина се амалгамира во перманентен колаж на повраќаници, во кој скандалите ја губат тежината, а незадоволството и критичката мисла се заменуваат со општ цинизам.
Во таа смисла, апатијата не е недостаток на информации, туку недостаток на енергија за процесирање – знак на медиумска исцрпеност. На ова политичките елити одговараат со повеќе (најчесто негативна) содржина, на што електоратот одговара со помалку внимание – и така во круг.
Зошто апатијата им одговара на политичките елити
Во ваква ситуација, апатијата е политички корисна за етаблираните елити, особено за оние кои имаат посилна партиска машинерија. Таквата летаргија е комотна за нив: притисок за отчетност нема, неизвесност на изборите нема – со други зборови, „кучињата лаат, карванот си врви“. Играта се игра помеѓу професионалците во центрите за стратегија и комуникации, а не меѓу граѓаните.
Но, и ова е можеби најважниот заклучок: апатијата е стабилна – сè додека не престане да биде. Во основа, апатијата и цинизмот не го елиминираат незадоволството, туку го го складираат до погодниот момент, или до погодната политичка понуда. Кога разочарувањето и незадоволството ќе дојдат до критична точка, тоа потоа се истура во она што се нарекува „ефект на политичко цунами“ – протести, анти-естаблишмент партии или изненадувачка и брза поддршка за првиот погоден кандидат. Така, често се случува партија која е нова на пазарот да добие висока поддршка, за што сме сведоци на повеќе примери.
Затоа, што можеби е и добра вест, апатијата не мора да значи трајна политичка пасивност. Во суштина, таа со тек на времето може да стане силна политичка мотивација за промени. Затоа, прашањето не е зошто гласачите сега се разочарани, туку што ќе се случи кога ќе им „прекипи“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
