Македонија подготвена да прифати повредени од Кран-Монтана
2 јануари 2026
Македонија изрази подготвеност да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи, по пожарот во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, со досегашен црн биланс од најмалку 47 жртви и над 115 повредени.
Подготвеноста за помош вчера попладне ја искажал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во Македонија, Кристоф Зомер. Муцунски во разговорот изразил длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
„Дополнително, министерот изрази подготвеност доколку има потреба македонски лекари - специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Проценка на расположливи капацитети
Министерството за здравство синоќа соопшти дека веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) е воспоставен канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
„Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана“, соопштија од ресорот здравство.
Апел за помош
Меѓу загинатите и повредените има луѓе од различни националности, но, засега нема информации за настрадани македонски граѓани. Загриженост предизвика апел објавен на социјалните мрежи во кој се бараат информации за Македонецот Стивен Ивановски, кој последен пат е виден на 31-ви декември во опожарениот бар.
„Братучед ми е исчезнат во пожар вчера во Швајцарија. Ако некој го има видено, нека контактира“, се вели во апелот на македонски јазик. Во делот напишан на француски јазик се замолува доколку некој има информација дали бил примен во болниците во Женева или Цирих, да се јават на телефонските броеви 0764150868, 0763857165 или 0782295745. Според описот и објавената фотографија, Ивановски бил облечен во бели панталони и бел џемпер.
Македонец кој живее во Швајцарија, за ДВ вели дека според медиумските извештаи, дел од лицата кои се спасиле од пожарот првично биле згрижени во блиски објекти, но поради шокот што го претрпеле дел од нив не биле во можност да стапат во контакт со блиските.
„Треба секаде да се проверува. Беше објавено дека биле отворени вратите на локалната филијала на банката 'УБС', која се користела и како место за првично згрижување, но и дека таму се правела тријажа, како и во некои други блиски објекти“, посочува тој.
Амбасадата подготвена да пружи помош
Македонската амбасадата во Швајцарија објави дека внимателно ги следи случувањата во Кран-Монтана и е во состојба на подготвеност да им пружи помош на своите државјани.
„Во случај на потреба од асистенција, ве молиме контактирајте го итниот број на Амбасадата: +41 79 923 79 57“, пишува во објавата на Амбасадата на Фејсбук. Oд амбасадата изразија длабоко сочувство и солидарност по големата трагедија во Кран-Монтана, по која Швајцарија прогласи петдневна жалост.
„Со голема тага ја примивме веста за загубата на животи и за сериозните последици од овој трагичен настан. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, со повредените, како и со сите оние што се погодени од оваа трагедија. Ве молиме, примете ја нашата најдлабока жалост и уверувањето за нашата целосна солидарност со народот и институциите на Швајцарската Конфедерација“, се вели во објавата на македонската амбасада во Берн.
Потсетување на трагедијата во Македонија
Причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат, но според сведочења на гости кои се спасиле од огнените јазици, на новогодишната ноќ биле разнесувани шишиња со пијалаци во кои биле ставени запалени пиротехнички стапчиња. Наводно, шанкер носел на раменици членка на персоналот која држела такво шише со пиротехнички додаток многу блиску до дрвениот таван во подрумскиот дел на барот, чии искри го зафалиле таванот и потоа огнот брзо се проширил. Општината, која издава дозволи за работа, имала јасни процедури во таа област, но истрагата ќе покаже дали биле почитувани. Според изјави на гости на барот, ограничувањата за возраста на гостите и за максималниот капацитет на објектот како да биле „разлабавени“, а според брзината на пожарот се сомневаат дека материјалите во него биле од поевтините, односно лесно запалливи.
Швајцарскиот „24 часа“ во хронолошки преглед за слични големи трагедии, меѓу последните ја посочува и трегедијата во Северна Македонија во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани со 63 жртви. На листата пожари предизвикани од пиротехнички средства се и оној од 6-ти декември 2025 во Индија со 25 жртви, во Франција (2016) со 14, во Романија (2015) со 64 жртви, во Бразил (2013) со 242, во Русија (2009) со 158 и трагедијата во Тајланд исто така на новогодишна ноќ на преминот од 2008 во 2009 година со 67 жртви.
Премиерот во Кочани
Трагедијата во Кочани од 16-ти март остави длабока лузна во општината и земјата, нешто што беше нотирано и во новогодишната честитка на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„За сите нас, најтешкиот момент во 2025-та година беше трагедијата во Кочани и таа како сенка ќе нè следи цел живот. Останува обврската да не ги заборавиме нивните најблиски, но и повредените, а најмногу – правдата! Нивната немерлива жртва мора да направи подобри луѓе од сите нас, но и политички и правен систем којшто нема да дозволи нови невини жртви!“, потенцираше Сиљановска.
Правда бараат семејствата на настраданите, а Здружението во кое се обединети „16 март 2025 - Кочани“ поднесе иницијатива до Општина Кочани за определување локација за спомен-обележје. Советот побара Општината да организира јавна трибина на која граѓаните ќе го дадат своето мислење за граѓанската иницијатива и таа расправа е закажана за 12-ти јануари во големата сала на Мултикултурниот центар. Но, веќе од денеска (2.1.2026) до 11-ти јануари, граѓаните ќе можат да ги искажат нивните ставови и преку електронска анкета. Собраните мислења и предлози со непосредно учество на граѓаните, Советот на Општината ќе ги земе предвид при одлучување за иницијативата од Здружението „16 март 2025 - Кочани“.
На вториот ден во новата година, во Кочани ќе биде премиерот Христијан Мицкоски. Напладне тој ќе присуствува на отворање на нова детска градинка - објектот „Детелинки“, со површина од 1.011 м2 и двор од 2.510 м2. Во објектот ќе се згрижуваат 114 деца, од деветмесечна до 6- годишна возраст.