1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија пред инвестициски циклус од 5-6 милијарди евра

8 мај 2025

Ако се реализираат сите проекти од највениот инвестициски циклус, Македонија наскоро ќе се претвори во големо градилиште.

Ќе се претвори ли Македонија во големо градилиште?
Ќе се претвори ли Македонија во големо градилиште?Фотографија: Government of North Macedonia

Привлекување нов бран странски инвестиции кои ќе донесат од 5 до 6 милијарди евра во Македонија, најави владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека Владата работи на привлекување на странски инвестиции, како еден од главните начини за подобрување на економијата, отворање нови работни места и модернизација на државата.

„Најавена е инвестиција помеѓу половина милијарда и една милијарда, средства кои ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионална и експресни патишта. Дел од тие патишта ќе бидат реконструирани, а дел ќе се градат“, соопшти партијата.

Во однос на железничката инфраструктура, ќе се работи на пругата Табановце-Гевгелија, која е дел од Коридорот 10, а за овој проект е најавено дека ќе чини меѓу 3 и 3,5 милијарди евра.

„По основ на ова БДП оди нагоре, а јавниот долг се намалува“, посочуваат од партијата.

А по преговорите на Владата за време на посетата на ОАЕ со странски инвеститори, најавени се и нови проекти.

Меѓу половина милијарда и една милијарда евра инвестиции во проекти за изградба на локални, регионални и експресни патишта, најавува владејачката ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/K. Delimitov

„Проекти на веќе постоечки локации во Охрид, откуп од сопствениците, и две нови локации. Попова Шапка Ски центар, локација кај Касарната за обележје, кое нема да биде само обележје на Скопје и Македонија, туку и на регионот. Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти, соларни и нови ветерни централи, а институциите веќе се вклучени во процесите. Овој инвестициски бран е помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Паралелно, ќе се работи на подобрување на стандардот на граѓаните и нивниот квалитет на живот. Граѓаните ќе добијат подобар пристап и квалитетно здравство и надвор од главниот град: ќе се гради Клинички центар во Штип, болницата во Кичево ќе се гради на нова локација, а најавена е и реконструкција на Клиничка болница во Тетово, со која ќе бидат опфатени операционите сали и два нови оддели.

Нема задолжување од еден извор

Списокот е долг, и ако се реализираат сите овие ветувања, Македонија ќе се претвори во големо градилиште. Во јавноста се создаде забуна дека земјата за сето ова ќе се задолжи со кредит од шест милијарди евра од моќна европска земја. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, појасни дека дел од средствата веќе се обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени, но не од едно место.

„Имаме инвестициски циклус во делот на автопатиштата, експресни и регионалнии патишта, во делот на железничката инфраструктура, тука се секако болници, образованието и останатите расори коишто сакаме да ги развиваме. Се работи за тековни и нови проекти, и се работи за проекти кои што треба да ја променат сликата за Македонија. Но, тоа не значи дека од едно место ќе се позајми определена сума на пари, туку дел од тие средства се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени, како што секоја нормална високоразвиена западна држава прави кога финасираат вакви проекти. Делот дека толку ќе се задолжи државата (6 милијарди евра -н.з.) е погрешно пренесен. Но, дали државата има амбиција толку да реализира, тоа е веќе потврден одговор“, објасни Николоски на ТВ Сител.

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Деталите за највените проекти ги најави за месец до два.

Амбиција број 1

Според министерот за транспорт, негова, и амбиција број еден на Владата, е да се изгради брза пруга на Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција 

„Тоа пред се треба да е карго пруга, која треба да придонесе за рзвој на економијата на Македонија, на начин што ќе ги отвори и јужните пристаништа на Европа кон Централна Европа“, посочи Николоски.

Идејата е да има дволиниска пруга, една за карго, и друга за патнички сообраќај.

„Карго сообраќајот да оди со со брзина од 120 километри на час, со возови со должина до 750 метри, што е максимум што може да го најдете каде било во светот. За карго, подолги возови од 750 метри и со поголема брзина од 120 километри на час - нема, што значи дека ќе сме на ниво на најдобрите европски и светски држави во железничка инфраструктура во карго-делот, што ќе ја направи Македонија многу конкурентна. Во делот на патничкиот сообраќај сметаме дека максимална брзина за територија како Македонија е од 160 до 200 километри на час“, рече министерот. 

Aмбиција број еден на Владата, е да се изгради брза пруга на Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција Фотографија: imago/imagebroker

Иако има побрзи возови во Европа и светот, според Николоски оваа брзина е пристојна, имајќи ја предвид големината на земјата. Таа би овозможила од Скопје до Солун да се патува за еден час и половина до час и 40 минути, а кога Србија ќе го заврши нејзиниот дел, тогаш од Скопје до Белград ќе се патува за два и пол часа. Од Скопје до Будимпешта би се патувало за четири и пол часа, а од Скопје до Виена за шест. Николоски очекува за период од пет години проектот за патничката пруга да се реализира, што значи од 2031 година да биде во функција.

Со оглед на тоа дека парите ќе се трошат за инфраструктурни проекти, се потенцира дека задолжувањето ќе резултира со намалување на јавниот долг на државата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми