Засилена евакуација на македонски граѓани од Блискиот Исток
9 март 2026
Македонија ќе продолжи со евакуација на своите државјани од кризното подрачје на Блискиот Исток сè додека и последниот граѓанин не пристигне безбедно дома, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на прес‑конференција во Владата. Тој нагласи дека безбедноста на македонските државјани е апсолутен приоритет за МНР и Владата, кои организираат чартер летови за сите што побарале евакуација.
Евакуација од Израел и останатите држави
Муцунски соопшти дека од Израел се евакуирани сите граѓани кои побарале асистенција – шестмина пристигнаа со владиниот авион, а шестмина со комерцијални летови. Едно лице дополнително ќе биде извлечено кога ќе се создадат безбедносни услови.
Од Обединети Арапски Емирати во неделата (8.03) беше организиран лет со 151 патник, кои кои имаше и странски државјани, за кои помош побарале други земји од регионот. Муцунски појасни дека при евакуацијата постојат јасни приоритети: први на листите се мајки со деца, туристи и странски државјани во специфични околности.
Во текот на неделата треба да пристигнат уште два лета со евакуирани патници од Дубаи. Во Доха се регистрирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, а во Саудиска Арабија уште петмина.
Проблем со 14 патници во Дубаи
Четиринаесет лица кои претходно се пријавиле за евакуација не се појавиле на аеродромот во Дубаи. За да се пополнат празните места, биле повикани други граѓани од листата на чекање. МНР апелира граѓаните навремено да пријават доколку се откажуваат од евакуацијата, бидејќи операцијата се финансира од буџетски средства и е важно капацитетот на летовите да се искористи целосно.
Министерот потсети дека евакуацијата е целосно бесплатна. За разлика од претходни практики, државата ја презема целата финансиска обврска, поради што е важно летовите да бидат полни. „Граѓаните мора да знаат дека во моменти на криза државата стои зад нив“, порача тој.
Сведоштва на евакуираните патници
Патниците кои пристигнаа од Дубаи во изјави за медиумите сведочеа дека престојот бил обременет со аларми, експлозии и предупредувања, што ја зголемило несигурноста и ја потврдило потребата од евакуација.
МНР уште еднаш ги повикува сите што имаат потреба од евакуација или асистенција да се јават на дежурните телефонски броеви на дипломатско-конзуларните претставништва или на СОС‑линијата на Министерството.