1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се изолира, ја нема на ниедна агенда

18 март 2026

Северна Македонија во моменти на силно дипломатско раздвижување поради состојбата на Блиски Исток и раздорот меѓу ЕУ и САД, има празна надворешнополитичка агенда. Пишува Соња Крамарска

Северна Македонија има празна надворешнополитичка агенда (фото: Министерство за надворешни работи на РСМ)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Насловот не е тврдење на авторот на колумнава, туку изјава на српски аналитичар дадена деновиве за тамошните медиуми. Темата беше зошто е замрен Отворен Балкан. Соговорникот кажа што е причината за намалениот интерес за Отворен Балкан во Албанија, кажа и за Србија а кога дојде на ред Северна Македонија, која заедно со претходните две го сочинуваат овој мини сојуз, рече: „Во Северна Македонија нема посебни причини, туку таму се случуваат некои други процеси. Дојде до смена на власта, и по доаѓањето на ВМРО на власт државата се затвори, се самоизолира и ја снема од сите агенди, ја нема ниту на регионалната ниту на европската агенда".

Овој драматичен опис даден од набљудувач од странска држава, кој нема никаков интерес да навива за оваа или за онаа власт, е навистина вознемирувачки. Ако така нѐ гледаат најблиските соседи, па уште и од пријателска држава како што е Србија, како ли гледаат другите земји на Македонија? На истата Македонија, која само пред нецели десет години одигра силна дипломатска офанзива како резултат на што стана членка на НАТО, а и беше активен и препознатлив играч на регионален план преку различни иницијативи, меѓу нив и за Отворен Балкан. Држава чии лидери посетија многу европски метрополи, и држава која беше домаќин на лидери како Меркел, премиерката Тереза Меј, Урсула фон дер Лајен, италијанска министерка за одбрана, американски секретар за одбрана и други високи личности кои нешто значеа на европската и светската сцена.

Денес доживеавме од Србија да слушаме сожалувачки тонови за тоа каде сме на светската и на регионалната мапа, и констатации дека државата се затворила, се изолирала и практични исчезнала од регионалните и европските текови, како контраст на тоа што правеше македонската дипломатија во едно друго време. Кој не верува, нека ја погледне дебатата за Отворен Балкан, во февруари во утринската програма на Радиотелевизија Србија.

Назадувањето е видливо

И тоа е вистина така. Само тој што не сака да види, нема да се согласи со назадувањето на Македонија во последните години, и со исчезнувањето на надежта дека државата оди напред кон сигурна иднина и кон благосостојба на своите граѓани. Нашата Македонија е како несреќна личност која незадоволна од светот како се однесува со неа, решила да се затвори дома и во знак на протест да не комуницира со никого. И тие мали дипломатски чекори кои се презентираат во јавност се само непродуктивни политики, колку да се рече дека се работи нешто. Секој што ја знае политичката и дипломатската абецеда знае дека битките се бијат и се добиваат во Брисел, еве нека биде и во Вашингтон, но не и во Будимпешта. Која се чини стана стожерот на македонската надворешна политика.

Пропадна и големата инвестиција на нашата дипломатија, Ричард Гренел, со кого премиерот и Владата кажуваа дека имаат специјални и пријателски односи и дека тој е нивната врска со претседателот Трамп. Очекувањата во Скопје и на владино и на партиско ниво, по враќањето на Трамп во Белата Куќа, беа дека Гренел ќе биде поставен за државен секретар, но тоа не се случи. Гренел и Трамп, по кусата соработка прво како претседателски пратеник за специјални задачи, а потоа и како директор на Кенеди Центарот, се разидоа.

Премиерот Мицкоски и Ричард Гренел во Вашингтон, јули 2024 годинаФотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Трамп во понеделникот (16.03.) негираше дека тој го отпуштил Гренел од позицијата директор, но јасно е дека некогаш блискиот сојузник на американскиот претседател повеќе не е дел од неговиот најблизок круг соработници. Како илустрација на детронизирањето на Гренел, повеќе медиуми во февруари пренесоа дека Гренел лани во мај средил средба на српскиот претседател Вучиќ со Трамп, но дека таа средба на се одигра затоа што шефицата на кабинет на претседателот ја блокирала бидејќи ѝ било преку глава од едностраните упади на Гренел во агендата на Трамп.

Евакуациите како надворешна политика                                    

Кон крајот на јануари премиерот Мицкоски објави дека покренува нова регионална иницијатива, како што рече, за енергетски и инвестиции и поврзување. Тој притоа изјави дека иницијативата ќе биде брендирана како „Скопје – регионална иницијатива за поврзување“, фокусирана на инвестиции во гасни интерконектори и електроенергетска инфраструктура. Тоа, во тој момент беше чекор за поздравување, но со оглед на брзата динамика на состојбите во безбедносниот сектор, препукувањата меѓу Србија и Хрватска, планираните воени вежби на Хрватска со Косово и Албанија, наметнаа други приоритети, и повеќе не слушнавме дали македонската идеја има одзив меѓу регионалните партнери.

Додека светот врие, шефот на македонската дипломатија Муцунски има малку средби со колеги од други земјиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во меѓувреме, македонската дипломатија и премиерот играат на картата на брз прием на Западен Балкан во ЕУ, иако, како и што рече самиот Мицкоски, евентуален таков епилог го вклучува и условот за уставните измени за внесување на Бугарите. Кои тој не е подготвен да ги направи. Но и повеќе официјални личности од Унијата дадоа до знаење дека таков развој на настаните не е можен, бидејќи и за тоа сценарио треба да дадат согласност сите земји членки на ЕУ, со што практично не е можно да заврши со успех.

Сето тоа покажува дека Северна Македонија во моменти на силно дипломатско раздвижување поради состојбата на Блиски Исток и раздорот меѓу ЕУ и САД, има празна надворешнополитичка агенда, ако се изземат таканаречените евакуации на македонски граѓани, иако на локациите на кои се наоѓаат не се одвиваат борбени дејствија. Во изминатиот еден месец шефот на дипломатијата Муцунски имаше една посета на Унгарија, му дојде колегата министер од Хрватска, и имаше неколку телефонски разговори меѓу кои и со Катар. И толку. Но и празната надворешнополитичка агенда е само резултат на празната агенда во домашната политика, која всушност не произведува политики кои треба да се реализираат низ дипломатијата. И да, ние навистина се самоизолиравме и затворивме како држава.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми