1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија си „везе“ пат во дигиталната иднина

15 октомври 2025

Со Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, Македонија станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.

Вештачка интелигенција
Проектот „Везилка - национална фабрика за вештачка интелигенција и антена“ е избран за финансирање од  ЕУ со околу шест милиони евра преку програмата „Horizon Europe“ и иницијативата „EuroHPC“Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Историски момент за македонската дигитална иднина, капитален проект со историско и национално значење, нова страница во дигиталниот развој на Македонија... Сите овие епитети ги доби Националниот центар за вештачка интелигенција - „Везилка“, проект чиј носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), со институционална поддршка од Министерството за дигитална трансформација.

Проектот „Везилка - национална фабрика за вештачка интелигенција и антена“ е избран за финансирање од  ЕУ со околу шест милиони евра преку програмата „Horizon Europe“ и иницијативата „EuroHPC“.

„Со овој проект Македонија се позиционира како активен дел од европските центри за вештачка интелигенција, што претставува огромен исчекор за нашата научна и технолошка заедница“, оцени вчера министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Информацијата за  Националниот центар за вештачка интелигенција  доаѓа во период кога јавниот дискурс е оптоварен со изборна реторика во која доминираат прашањата за лошото справување со сметот, недоизградени канализации, суфицит од дивоградби. Според коментари на социјалните мрежи, овој проект „како ниеден друг досега“, влева надеж дека Македонија ќе биде во чекор со светот во нејзиниот дигитален развој.

Решенија кои му служат на човекот

„Везилка“ е планирано да функционира како придружен центар на европската фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“ со седиште во Грција, а тоа партнерство ќе овозможи директен пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори, што ќе биде достапно до јавни институции, компании и стартапи и истражувачи во земјава.

„На овој начин и ние ќе се вклучиме во европската структура за вештачка интелигенција, што значи нови можности за равој, истражување, меѓународна соработка и дигитална иновација“, рече Андоновски.

Министерот потенцира дека проектот има и поголема цел - да изгради национален еко систем за одговорна и доверлива примена на вештачката интелигенција, а фокусот е насочен на 5 приоритетни области.

„Прво, и за нас како Влада, најзначајно е - јазик и култура. Целта на овој проект е, пред се, системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство“, посочи министерот.

Северна Македонија на смотрата на вештачка интелигенција во Хановер

02:26

This browser does not support the video element.

Другите области се здравство (анализа на здравствени податоци и подобрување на медицински услуги); енергетика (оптимизација на потрошувачка и производство на енергија); јавна администрација (автоматизација на процеситe и зголемена транспарентност); и земјоделие (примена на паметни технологии за современо и одржливо производство).

„Суштината на ‘Везилка’ е да создаде интелигентни решенија кои му служат на човекот, да направиме технологијата да биде достапна, корисна и етична“, рече Андоновски.

Центар за обука

Освен инфраструктура, „Везилка“ ќе создаде и Центар за обука во областа на Вештачката интелигенција. Планирано е да се спроведуваат обуки, едукативни програми и практични проекти, со цел да се развијат вештини за новата дигитална економија. Според министерот за дигитална трансформација, тоа е инвестиција во студентите, истражувачите, професорите, професионалците и претприемачите кои ќе ја водат Македонија во следната дигитална декада.

„Создавањето на Националниот центар за вештачка интелигенција е дел од нашата поширока визија Македонија да стане дигитално суверена држава  со силна научна и иновациска основа. Преку ‘Везилка’ научното знаење се поврзува со индустријата, иновацијата со практичната примена, а државата со нејзината европска  дигитална иднина. Ова е чекор со кој земјата станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач“, потенцира Андоновски.

Претседателката на  ЕК, Урслула Фон дер Лајен, за време на вчерашната посета на Албанија, а пред нејзината денешна посета на Скопје во рамки на нејзината балканска турнеја, веќе објави дека во Македонија и во Србија се отвораат фабрики за вештачка интелигенција како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа.

Хранење на јазичните модели

Генеративната вештачка интелигенција се уште нема доволно македонски извори кои може да ги користи, но министерот најавува системски пристап за полнење и хранење на тие јазични модели со доволен квантум на литература, историографија и податоци.

Д-р Димитар Трајанов од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство кој го води проектот, објаснува дека целта е да соберат доволно македонски текстови за да се изгради голема, но и квалитетна база.

„Везилка“ ќе создаде и Центар за обука во областа на Вештачката интелигенцијаФотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

„Покрај ова, имаме и друг проект којшто е финансиран од Министерството за образование и наука (МОН), којшто е во иста насока на јaзични модели - да се дигитализираат текстови и содржини кои не се во дигитален формат и понатаму да се направи добра и квалитетна база за градење добар јазичен модел. Основата на вештачката интелигенција, и градењето на сите понатамошни решенија, е во добриот јазичен модел којшто го разбира не само нашиот јазик, туку го разбира и нашето законодавство, нашите преавила, начинот на којшто функционира нашето општество“, објаснува д-р Трајанов.

Според него тоа нуди и други дополнителни продобивки.

„Тој јазичен модел ќе се извршува на нашите сервери, всушност ќе ги задржиме нивото на приватност, на суверентитет итн, а примената во сите други области е извонредно интересна. Верувам дека со овој проект ‘Везилка’ во сите овие области, почнувајќи од јавна администрација, здравство, енергетика и земјоделие, ќе направиме значаен исчекор во подобрување на продуктивноста и зголемување на потенцијалот на македонската економија во сите овие области“, посочи Трајанов.

Отворен пат за соработка

Во јуни годинава, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка што ќе овозможи вклучување на студенти од ФИНКИ во практична настава во Министерството, но и поширока соработка  во полето на дигитализацијата и иновациите во енергетиката во јавниот сектор. Студентите имаат можност да работат на реални проекти во рамките на Министерството, да се вклучат во анализи, развој на дигитални алатки, како и да придонесуваат во автоматизацијата на дел од административните процеси.

Претходно, во март, со меморандум за соработка меѓу Министерството за образование и наука и ФИНКИ беше уредено студенти од тој факултет да му помагаат и на МОН во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Под менторство на нивните професори, ќе даваат поддршка на тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои располага министерството и ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко – технолошки решенија и дигитални услуги во воспитно-образовниот процес.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми