Нема извоз на умови, туку потрага по меритократија
27 февруари 2026
Дури да произведеме најквалитетен образован кадар, клучно прашање е дали и како ќе успееме да го задржиме во земјата. Во екот на јавната дебата за нацрт-законот за високо образование овој аспект останува најголемиот предизвик за сегашноста.
Проблемот е повеќедецениски. Од земјата не заминуваат само високообразовани кадри. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година од Македонија се иселиле 12 доктори на науки, 31 магистер, 96 со висока школа и 40 со виша. Но, се иселиле и 613 лица со средно училиште, 240 со основно, 92 со непотполно основно и 124 без образование. За 228 луѓе овој податок е непознат.
Во 2023 година се иселиле 10 доктори на науки и 35 магистри, 132 со висока школа и 38 со виша. И таа година најмногу од иселените (614) биле со средно образование, со основно 179, со непотополно основно 82, а без училиште 160. Нема податоци за образованието на 784 лица кои таа година се иселиле од Македонија. Сличен бил трендот и во 2022 година.
Одливот на високобразован кадар, пред сѐ на научници, лекари, инженери, создадава „дупки“ на пазарот на труд, кои е невозможно да се пополнат на краток рок во одредени струки, и особено ако паралелно не се работи на елиминирање на факторите за одлив.
Мали сигнали
Од агенции кои посредуваат при вработување на домашниот пазар, велат - иако се мали, сепак во последниот период има првични сигнали дека нешто се менува.
„Има интерес од лица кои заминале во странство, за одредени струки и работни позиции во Македонија. Тој интерес стана повидлив од пред една година. Не можеме да зборуваме за некаков ‘огромен‘ интерес, но можеме да зборуваме за мал, почетен бран. Од првичните контакти е рано да извлечеме заклучок како ќе се движи тој - дали ќе се зголемува или ќе замре, но факт е дека се јавува иницијален интерес за враќање на овдешниот пазар на труд“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.
Оние кои се интересирале биле со различни образовни квалификации, а дел од нив и со добар стаж во странство.
Фабрики за дипломи
Додека владее надеж дека едни може да се вратат, поголем проблем е како да се предомислат оние кои сакаат да заминат во странство.
„Сè додека при вработувањето и при градењето кариера, партиските книшки, врски и непотизмот се поважни од знаењето и од квалитетот, младите ќе заминуваат во потрага по меритократија“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на вчерашната (26.02) презентација на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа.
„Најголемиот проблем во нашиот научно-образовен простор е што виреат многу универзитети и факултети, што се фабрики за дипломи, но малку фабрики за знаење. Има широк простор за просечните, но малку простор за најдобрите и најкритичните“, оцени Сиљановска.
Поради такви околности, најдобрите брзо се интегрираат во други земји каде знаењето веднаш се препознава и вреднува, а нивниот одлив од Македонија остава вакуум на пазарот на трудот. Истовремно, остава и длабоки демографски лузни, зашто една третина од популацијата е надвор од земјата, во време кога таа се соочува со низок наталитет, забрзано стареење и со алармантни проекции за иднината. Постои ризик до 2070 година бројката од сегашните 1,8 милиони жители да се сведе на 1,2 милиони, што ќе има негативен одраз не само врз македонската економија, туку и врз социјалниот, здравствениот, пензискиот систем и другите системи.
Многу магистри и доктори на науки
И покрај одливот на лица со високи научни звања, нивната бројка во земјата постојано расте. Според податоците на ДЗС, во 2024 година звањето доктор на науки го стекнале 215 лица, што е зголемување за дури 23,6 % во споредба со 2023 година. Најголем број од нив (22,4%), докторирале во областите здравство и социјална заштита, 16,7 % во областите уметност и хуманистички науки, потоа следат бизнис, администрација и право со 14,4%, а општествени науки, новинарство и информирање со 11,6 %. Другите области се со помал процент на застапеност.
„Ние имаме повеќе магистри и доктори на науки, по глава на жител од многу развиени држави, што би требало да резултира со економско чудо, но ние сме познати по масовен извоз на умови. Затоа, сметам дека е потребно храбро преиспитување на бројот и состојбата на нашите високообразовни институции, односно генерална реакредитација", оцени Сиљановска.
Кој кого финансира?
На минатонеделната Меѓународната конференција на Паневропската унија во Скопје, а во контекст на одливот на високообразовани кадри, поранешниот претседател Ѓорге Иванов го отвори прашањето: Колку Западен Балкан ѝ дава на ЕУ?
„Некои ќе кажат - па такво нешто не постои. Да, ама да ја земеме германската статистика. Според германска статистика еден лекар да се создаде чини од 500 до 550 илјади евра", ги посочи Иванов компаративните податоци.
„Инженер, во зависност од која гранка е, чини од 350 до 400 илјади евра. Среднист - од 130 до 150 илјади евра. Значи на секоја медицинска сестра што од Западен Балкан оди во Европска Унија, ние, Западен Балкан, ѝ подарува по 150 илјади евра. Со секој лекар што од Западен Балкан оди во Европска Унија ние подаруваме по 500 до 550 илјади евра, секој ден речиси. Секој инженер што оди во Европска Унија е подарок од нас на Европската Унија. Гледате како сиромашните ги финансираат богатите? И сега се прашувате зашто беше создавањето на единствениот европски образовен простор кој го знаеме како Болоњски процес. Тој не бил за создавање профили и кадри за домашниот пазар на трудот, туку за европскиот пазар на трудот“, рече Иванов.
На овие податоци се осврнува и Претседателката.
„Неодамна на Меѓународната паневропска конференција, со право беше потенцирано дека нашата земја и регионот континуирано ја финансираат Европската Унија. Македонските граѓани преку даноците го финансираат образованието на младите, а кога доаѓа моментот за вклучување на пазарот на трудот, тие одат во поразвиените европски држави, коишто имаат полза од скапо стекнатите знаења и вештини. Претходниов пример ми личи на експолоатација на рудник од непроценлива вредност, од странски концесионер“, рече Сиљановска.
Како да се запре тој одлив и да се избегне точката на разминување - младите да се без работа, компаниите без профит, а државата без луѓе?
Надежите се во системски реформи кои ќе почнуваат од основното образование каде што ќе се препознаваат способностите на учениците, особено на најталентираните, во вложување во програмите за мобилност, во заедничките студии со странски високообразовни институции, како и во дуалното образование и партнерството.
Знаењето да се претвори во иновација
Во поширок контекст, резултати се очекуваат и од Програмата за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемаштвото за период од 4 години, клучен документ усвоен пред неколку дена на конститутивната седница на Советот за иновации.
„Светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањата го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна - да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните", рече премиерот Христијан Мицкоски на конститутивната седница.
Според него, усвоената Програма не е само административен акт.
„Таа создава рамка за поддршка - од првата идеја преку истражувачки развој и пилотирање до целосна комерцијализација. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија - економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност“, посочи премиерот.
Програмата ќе се реализира во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, а главен имплементатор е Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво (ИНОВА).
„Успехот нема да биде резултат на една институција, туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем (...) Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани. Време е идеите да ги претвориме во конкретни проекти, истражувањата во решенија, а визијата во реални резултати", порача Мицкоски.