Македонија во СЕПА: помали трошоци за плаќања во евра
7 октомври 2025
Побрзи и за шест пати поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите. Дознаките од ЕУ ќе пристигнуваат побрзо и со пониски трошоци, а бизнисите ќе имаат поедноставени плаќања во Европа – ова се само дел од придобивките од приклучувањето на Македонија кон СЕПА - Единствената област за плаќања во евра.
Земјата од денеска (7.10) и практично станува дел од СЕПА. Тоа ќе овозможи македонските банки, и покрај тоа што земјата не е членка на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Се очекува дека овој процес ќе донесе повеќе придобивки за економијата, особено во делот на заштедата на трошоци и време при вршењето плаќања кон земјите од ЕУ.
Досега за плаќањата од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците беа повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ. Тоа се однесуваше и за Македонија. Но, отсега електронско плаќање од 500 евра, кое досега чинеше околу 1.600 денари, во иднина ќе чини околу 260 денари. Се намалуваат и надоместоците за приливи во евра од странство. За сума до 500 евра, граѓаните ќе платат околу 140 денари, наместо сегашните 280 денари.
„Од 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи“, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на платформата „Х“.
Придобивки и за компаниите
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 евра, според Народната банка, компаниите ќе плаќаат во просек за осум пати помалку.
Па така, надоместокот ќе изнесува околу 570 денари наспроти 4.740 денари, колку што чинеше досега. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 денари наспроти 1.180 денари, колку што беше трошокот во изминатиот период.
СЕПА е востановена во 2008 година, а целосно е имплементирана во 2014 година во земјите во евро-зоната, додека во останатите земји членки на СЕПА во 2016 година. Од земјите од Западен Балкан членки на СЕПА од декември 2024 година, се Црна Гора и Албанија.
Девет банки подготвени – три ќе почекаат
На 6 март, Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на Македонија со што им се овозможува приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки. Засега девет банки се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година.
Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Од Народна банка велат дека останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година.
Над две третини (71 проценти) од вредноста на вкупната надворешна трговија на земјата во 2023 година е реализирана со членките на СЕПА, достигнувајќи 101 проценти од бруто домашниот производ на земјата. Најголем број од плаќањата на Македонија со другите земји се извршуваат во евра. Во 2023 година преку домашните банки 87 проценти од вкупните одливни плаќања, односно 77 проценти од вкупните приливни плаќања со другите држави, се извршени во евра.
Пониски надоместоци за електронско плаќање отколку на шалтер
Според објавените официјални тарифи на девет банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со сега. Банките соопштија дека нудат и пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Дел од банките објавија дека за кредитни трансфери преку дигиталните канали за физички лица, нудат цени почнувајќи од 1 евро за најниските рангови, односно 5 евра за најголемиот број на кредитни трансфери. Исто така, за примателите на странски плати и пензии, најавуваат дека ќе ги реализираат приливите без провизија.
Други, пак, нудат поинакви поволности – како на пример за клиентите што ќе отворат девизна сметка до крајот на октомври, им се нудат бесплатни трансфери во евра во рамките на СЕПА до крајот на месецот.
Стравувања од нови надоместоци
Во пресрет на примената на СЕПА, но и по препораката на Народна банка со која банките требаше да ги намалат или да ги укинат трошоците за одредени банкарски услуги, граѓаните стравуваат од воведување на нови надоместоци за интерни трансакции што претходно ги немаше. Може ли Народната банка да интервенира во таков случај, или станува збор за интерни мерки на банките за заштита на банкарскиот систем?
Од Народната банка – уверуваат: од август повеќето банки или не ги наплаќаат интерните трансакции или пак е многу намален надоместот за компаниите. Секоја банка е задолжена јавно да ги објавува надоместоците за интерни трансакции, а доколку има измени да ја извести и Народната банка.
„Интерните трансакции за извршување на плаќањата во денари преку дигиталните канали, по ревидирањето на тарифниците во текот на август и септември годинава, најголем дел од банките за граѓаните ги овозможуваат без надомест или по значително намален надомест за компаниите“, велат од Народната банка за ДВ.
Од Кабинетот на гувернерот Трајко Славески, во писмен одговор за ДВ посочуваат дека надоместоците за интерните трансакции преку дигиталните канали на банките (мобилно и електронско банкарство) се јасно наведени во тарифниците на банките и се достапни за граѓаните и компаниите на веб страните на банките. Исто така, банките имаат законска обврска да ги доставуваат тарифници, како и секоја нивна измена до Народната банка, со што се обезбедува дополнителна транспарентност и заштита на корисниците.
„Транспарентноста е зајакната и преку алатката (https://www.nbrm.mk/sporedete-gi-nadomestocite-za-platezni-uslugi.nspx) за најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка, преку која граѓаните можат на редовна основа да се информираат за висината на надоместоците“, велат од Народната банка.
Гувернерот Трајко Славески во неколку наврати изминатиот период побара од банките да имаат правичен однос кон граѓаните и да ги намалат провизиите. Исто така, Народната банка предложи граѓаните да добијат право на четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки, но и да се создаде национална мрежа на банкомати во Македонија.