1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија тагува по Вања - се бараат одговори и одговорност

ДТЗ
4 декември 2023

Тројцата приведени, кои ги извршиле убиствата поради пари, ги откриле локациите на коишто ги закопале телата на Вања и Панче. Но, во јавноста остануваат уште бројни прашања и дилеми околу двете свирепи убиства.

книга на жалост Вања Ѓорчевска
Соучениците се збогуваат со ВањаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со солзи во очите и неверување, соучениците и граѓаните денеска се збогуваат од 14-годишната Вања Ѓорчевска, која свирепо била убиена поради пари. Се бара одговорност и високи казни, дури се покренува и прашањето за враќање во игра на доживотниот затвор за извршување на вакви грозоморни убиства. Опозицијата бара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и одговори дали се прикривале важни сознанија околу извршителите и истрагата за исчезнувањето на малата Вања.

Нејзиниот случај доведе до откривање на уште едно свирепо убиство извршено од истата група - на фризерот Панче Жежовски од Велес, кој исчезна на 24 ноември. Тројцата приведени, кои ги извршиле убиствата поради пари, ги откриле локациите на коишто ги закопале телата на Вања и Панче. Но, во јавноста остануваат уште бројни прашања и дилеми околу двете свирепи убиства. 

Одговори и одговорност

„Станува збор за изолиран случај, инцидентен случај, на организирана група криминалци, бандити, монструми, кои сакале да изнудат пари заради финансиска корист, а притоа го познавале семејството“. Вака денеска (4.12) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го опиша досегашниот тек на истрагата и мотивите за убиствата. Според скопскиот обвинител Гаврил Бубевски, 74-годишниот велешанец бил убиен поради долг од 500 евра - но тоа било само искористено за да се украде неговото возило, со коешто подоцна е грабната Вања. 

Досегашната истрага посочува дека Вања е исчезната и убиена на ист датум кога е и родена - 27-ми, но во различен месец. На 27 февруари 2024 година таа требаше да го прослави својот 15. роденден. 

Главниот осомничен за организирањето на целиот случај и за убиството на Вања,  Љупчо Палевски – Палчо е во бегство - прво заминал за Белград, а потоа во Бугарија. Се прават напори за негово пронаоѓање. Со него за Белград заминал и неговиот адвокат. 

Во јавноста остануваат уште бројни прашања и дилеми околу двете свирепи убистваФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Адвокатот вели дека е злоупотребен

Адвокатот на Палевски, Васко Стојков, во изјава за Телма вели дека не знаел ништо за убиствата. Вели дека Палевески побарал да го однесе во Белград на преглед, бидејќи тој немал возило.

„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас врска немав за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече ако е сѐ во ред, ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече, ќе одел во Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“, вели адвокатот.

Откако разбрал за што е осомничен Палевски, адвокатот Стојков му пратил порака да се врати и да даде исказ, затоа што станува збор за сериозна работа.

Дилеми

Игор Јанушев, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција побара одговор на низа прашања коишто ги адресираше до министерот Спасовски - кога истрагата дознала за извршителите на грозоморните убиства и дали криеле и не преземале ништо заради самитот на ОБСЕ? Зоштополицијата на Спасовски реагирала предоцна, праша тој. Дали е нормално за ваков траорен настан да ја информираат јавноста за трагичните настани преку бледо соопштение во 21 часот во недела – што кријат и за што им требаше време од објавување на веста до одржување на прес конференција, прашува опозициската партија.

„Во СВР Скопје официјално е заведено дека станува збор за Палчо уште пред 5 дена! Зошто 5 дена не биле преземени никакви дејствија во однос на таа информација?!? Како може неколку дена да има исчезнато лице со неговото сопствено возило, кое потоа убијците го користат за киднапирање на друго лице и со него вршат ново кривично дело – киднапирање и убиство? Каде му е на Спасовски Safe City-системот, кога возилото на исчезнатиот велешанец со денови се наоѓало во Скопје?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ. 

Ова е тежок ден и за Македонија, и за сите нас, вели Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски пред средбата во Собранието рече дека ова е тежок ден и изрази сочувство на семејствата на убиените. 

„Денеска е тежок ден и за Македонија, и за сите нас. Нема зборови со кои што можам да ја изразам сопствената болка. Нема зборови со кои што може да се изрази болката, а истовремено да се утешат најблиските кои што за жал изгубија двајца луѓе, драги луѓе. И навистина претставува за мене тежок момент и како родител, и како човек. Посебно сум разочаран и згрозен од тоа што бев избрифиран, а и делумно го гледав, а што претставуваше прес-конференција на оние двајца луѓе пред некоја минута. Таму слушнавме енциклопедиски информации без ниту еден конкретен доказ, без ниту едно нешто кое што МВР и Обвинителството требало да го преземат“, рече Мицкоски.

И од СДСМ порачаа дека „целото општество е во тага по загубата на 14-годишната Вања“. Тие очекуваат во најкраток можен рок сите сторители и инволвирани да бидат изведени пред лицето на правдата и да понесат одговорност за злосторството кое го потресе целото општество.

Утрово, во основото училиште „Јохан Хајнрих - Песталоци“ е отворена книга на жалост за убиената 14-годишна Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Книга на жалост

Утрово, во основото училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ е отворена книга на жалост за убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска.

„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме… Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања!“, порачаа од училиштето.

Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека училиштето во соработка со повеќе психолози ќе обезбеди поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат трагичниот настан. Општина Центар им препорача на сите јавни и угостителски објекти на територија на општината во следните два дена да ја прилагодат музиката

Според досегашната истрага, Вања била грабната на 27 ноември во влезот на зградата во која живеела. Ѝ биле врзани рацете и нозете, била покриена со вреќа за спиење и ставена во гепек. Откако се изјаловил планот на киднаперите, по два и пол часа од грабнувањето тие го застрелале девојчето во околината на Скопје, го закопале, а во близина го запалиле и автмобилот, кој претходно му бил украден на велешанецот Жежовски. Групата наводно планирала да ја уценува мајката на Вања, поради пари земени од продажба на стан. Се проверува улогата на таткото во целиот случај. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми