1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија успешно ги интегрирала џихадистите од Сирија

ДТЗ
14 јули 2023

Проценките се дека од Северна Македонија на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјата се вратиле 83. Експертка на ОН изврши увид како земјата се справува со повратниците од конфликтните зони.

Сирија
Северна Македонија и Германија позитивен пример за реинтегрирање на повратниците од Сирија и Ирак Фотографија: dapd

Северна Македонија и Германија се позитивен пример за реинтегрирање на повратниците од боиштата во Сирија и Ирак. Експертка на Обединетите нации во средата (13.07) даде позитивни оценки за напорите на двете земји за решавање на сложената ситуација во која се наоѓаат повратниците од конфликтните зони, особено од Сирија, преку нивна репатријација, реинтеграција и гонење.

Специјалната известувачка на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот, Фионуала Ни Аолаин, која беше во посета на двете држави, рече дека земјите како Германија и Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практична. По десетдневната посета на двете земји, каде што беше скенирана ситуацијата на терен, Аолаин укажува дека двете земји мора и понатаму будно да внимаваат на тоа дали политиките и практиките за борба против насилниот екстремизам поврзани со враќањето и реинтеграцијата се навистина усогласени со стандардите за човековите права. 

Опасност од стигма

Таа изрази загриженост дека некои напори за реинтеграција во пракса, наместо да спречат, можат да предизвикаат стигма и отфрлање на повратниците од општеството.

„При гонењето и судењето на повратниците мора да се постапува во согласност со меѓународните стандарди за фер и правично судење, казните мора да бидат пропорционални и условите во казнено-поправните установи мора да бидат соодветни, со цел на повратниците да им се даде подеднаква можност за рехабилитација и реинтеграција во општеството“, порача експертот на ОН. Специјалниот известувач го поздрави проактивниот пристап на двете влади кон ова сложено правно и политичко прашање, што претставува значаен пример за другите држави во поглед на олеснување на враќањето и реинтеграцијата на нивните граѓани од конфликтните зони, вклучувајќи ја и Сирија.  

Фионуала Ни Аолаин рече дека земјите како Германија и Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практичнаФотографија: Bianca Otero/Zuma Wire/dpa/picture alliance

Колку борци на ИСИС се вратиле во Македонија?  

Проценките се дека од Северна Македонија на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјата се вратиле 83. На дел од нив им се изречени затворски казни. Владата во 2018 година донесе Национална стратегија за борба против тероризмот, како и Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства. Во 2014 година се направија измени во Кривичниот законик со кој како кривични дела се воведоа учество во странски војски и терористички организации како и врбување и обука на лица на учество во странски војски за кои се предвидени казни од три до пет години затвор.

Во октомври 2022 година Владата објави листа на 15 македонски државјани коишто учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската држава. За нив се предвидени финансиски мерки и замрзнување на имот и средства поради учество во војната во Сирија. 

Во извештајот подготвен за Европската комисија „Справување со жените повратници на Западен Балкан“ објавен минатата година се наведува дека напорите за репатријација во Северна Македонија на лицата кои заминале во Сирија и Ирак започнале во 2018 година, кога се вратени седум лица. Потоа продолжија со репатријација на 3 жени во 2019 година, додека во 2021 година се вратени 5 жени, 14 деца и четворица мажи. 

Официјалните проценките се дека од Северна Македонија на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјата се вратиле 83. На дел од нив им се изречени затворски казни. Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Dairieh

Пред процесот на репатријација, македонските владини агенции иницирале подготвителната фаза со обезбедување инфраструктура и приемни објекти, обуки и координација со разни државни и недржавни чинители. Во 2020, македонскиот парламент зазема холистички пристап кон репатријација и реинтеграција за жените и децата повратници, кој ги интегрира централните и локалните општини во поединечни интервенции по мерка за повратниците.

При пристигнувањето, вратените жени и деца се задржани во приемните центри на границата за првичните медицински и психолошки прегледи, по што следува 14-дневна карантинска фаза во која се спроведуваат проценки за ризик и потреба како и понатамошни кривични истраги за секое потенцијално криминално дејство на вратените жени. По карантинската фаза, вратените жени се префрлени во локалните заедници и семејства, додека вратените мажи се задржани и префрлени во притвор, се наведува во извештајот. 

Тешки услови во камповите 

Експертката на ОН, Фионула Ни Аолаин посочува на тешките услови во камповите и затворите во североисточна Сирија каде овие лица масовно и произволно се затворени, особено нагласувајќи ги тешките последици по ранливите деца коишто и понатаму се затворени без пристап до образование, здравствена заштита, безбедност и други основни права.

„Ги поздравувам напорите на Германија за поттикнување на енергичен и стручен ангажман на граѓанското општество во процесите на откажување, дерадикализација и реинтеграција, што покажува колку е важно да се има пристап што го вклучува 'целото општество' за враќањето на овие лица, како и пристап кој е заснован на човековите права и кој овозможува сеопфатна и нестигматизирачка реинтеграција во општеството“, рече таа.

Специјалниот известувач истакна дека Северна Македонија започна со изработка на модел за реинтеграција во заедницата врз основа на мултидисциплинарна експертиза со вклучување на социјални работници, клинички психолози и претставници од безбедносниот сектор со цел семејствата, особено жените и децата, целисходно да се реинтегрираат во нивните заедници.

Експертот истакна дека е важно гонењето за меѓународните злосторства со разорно дејство извршени од страна на ИСИС во Сирија и Ирак да се врши во согласност со начелата за владеење на правото. Таа го поздрави иновативниот и уникатен пристап на Германија во постапувањето по меѓународните кривични дела и видливата подготвеност на земјата за премостување на огромниот јаз во неказнивоста на злосторствата извршени од страна на ИСИС.

„Изречно повикувам на репатријација на мажите и жените од Германија и Северна Македонија, за да се осигуриме дека напорите за враќање и отчетност и понатаму ќе продолжат“, рече таа. 
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми