1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погрешниот пат на Македонија

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
9 јануари 2023

Македонија е како полигон на беспоштедна борба на три парадржави, кои се пресметуваат меѓу себе за тоа која повеќе да кине од неа. И точно меѓусебно се етикетираат како криминални. Пишува Димитар Димитров

Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Димитар Ковачевски (СДСМ)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Благодарам, ИРИ.

Ако анкетата по дефиниција е израз на јавното мислење, а мислењето е израз на субјектот, ИРИ нѝ посредува една мислечка Македонија, т.е. Македонија како субјект. Таа Македонија се пројавувала през целата година по разни поводи и во разни видови, но била пригушувана со плевел и плева од партиски соопштенија и контрасоопштенија, медиуми и „аналитичари" на политичката репрезентација на една поинаква, обесмислена и обездушена Македонија како предмет на експлоатација. Во анкетата тие две Македонии се јасно разграничени и спротивставени - едната сублимирана во систем од искази, другата посредувана со тие искази. 

Испитаниците во целина се паталци, нивните искази издаваат лично негативно искуство, кое го преточиле во копнеж по високи вредности и во строги критериуми. Затоа во нив не поминува актуелното политичко лидерство на Македонија и темелните институции на државата. Но тоа нив не ги прави гола критика. Тие се повеќе лелек за достоинство и човекување. Протегање кон идеалното. Тоа нив ги прави не само патоказ за Македонија, туку општ принцип. Треба само да се преведат на програмски јазик, и ќе се отвори простор за безброј конкретизации за отворање процес за трансцендирање на Македонија од предмет во субјект.

Оценката на мнозинството (58 проценти) дека земјата се движи во погрешна насока го содржи горчливиот биланс на запретената економска политика.

Имено, ова прашање е вододелница меѓу системот на корупцијата и системот на демократијата. Неопходни се личности со широка култура и суверени во своите професии, отворени за страдањата и радостите на сите сограѓани, за посветеност на каузата на општото добро. За таквите личности, Македонија не е посед за ексклузивно располагање, за да се има. Македонија се македонските граѓани - од сите вери, етноси и раси. И Симон Трпчевски, и Ти, и јас, и мајката која тагува по иселените деца, и пребарувачот по контејнерите. 

„Револуционерни“ традиции 

За жал, уште при крајот на комунизмот во Европа, се проговори за криза на личноста. Не успеа „социјализмот со човечко лице". На сцената настапија циници од комунистичката номенклатура и нивните потомци, кои го вулгаризираа поимот на политиката („политиката не е етика“) и воспоставија капитализам со дивјачко лице. Тие не се потрудија да обезбедат ни номинално исходување од македонската демократија, туку се надоврзаа на револуционерни традиции: на ВМРО од движењето на отпорот односно на СК од „НОБ и револуцијата“. ДУИ, пак, директно се испили од револуцијата која војната од Косово ја прелеа како „специјална воена операција" во Македонија! Вакви партии немаат капацитет да се идентификуваат со општото добро и нужно транзицијата ја деградираа во организиран криминал и корупција. Довербата на нивото околу статистичка грешка во сите видови на власта, во политичките партии и во лидерите, зборува за драматичен расцеп на македонското битие на тенок клиентелистички слој корумпиран од власта, но недоволен да ја легитимира; и, од друга страна, на мнозинство во состојба на „внатрешна емиграција", кое се топи во буквална емиграција. 

Димитар Димитров: Вакви партии немаат капацитет да се идентификуваат со општото добро и нужно транзицијата ја деградираа во организиран криминал и корупцијаФотографија: privat

Тоа е погрешниот пат на Македонија. Не - Македонија „поле за културен натпревар" на партиите за нејзината благосостојба како врховна цел, туку како полигон на беспоштедна борба на три парадржави, кои се пресметуваат меѓу себе за тоа која повеќе да кине од неа. И точно меѓусебно се етикетираат како криминални. Кога така ќе се испревртат целта и средствата, местото на човекот го зазема волкот: "Homo homini - lupus". 

Власта мува не ја лази. Ни од прочуената изјава на Агелер, ни од анкетата на ИРИ. Божем овчарот на нападнатото стадо му се обраќа на волкот: „Не е добро ова што го правиш!", а волкот продолжува да си ја следи својата посебна логика и етика! Правосудната лакрдија продолжи со нови и нови местенки, со „епохалната" пресуда на Апелација за најголемиот криминал во државата, со „државната тајна" Онишченко како удбашки трик за покривање на корумпирани функционери, од кои најодговорниот упорно се турка во амбасадор; со антиуставна Мкартичка. 

Наместо да се замисли над образот во огледалото, премиерот удри по огледалото. Тој се обиде да ги релативизира наодите од анкетата доведувајќи ги во корелација само со еден елемент - со односот кон „францускиот предлог". За негова голема жал, тоа е делумно точно, но е далеку од целосно објаснение. И самиот си е виновен за тоа. Тој уживаше тридневна слава со големото НЕ на тој предлог, па после кажа ДА! Кој ја кандиса момата? Изговорот со „модифицирана” верзија на предлогот го фрли во вода неговата коавторка, француската амбасадорка во Софија, која недвосмислено изјави дека нема модифицирана верзија и изјави чудење зошто во Скопје се измислува тоа. Останува дека Владата била под притисок, па или не била сигурна во својот став, или се покорила, та НЕ-то го заменила со ДА. Премиерот можел да си остане на зборот, а да си замине од постот! 

Евтин софизам 

(Силно ми се внушува да споделам тука едно слично искушение на нашата експертска Влада. Ни се понуди од највисоката инстанца на државата напишана изјава со предлог јавно да ја проследиме како владин став. Во изјавата се осудуваше сецесијата на Словенија и на Хрватска. Владата не го прифати тој предлог, напротив, зазеде став регрутите да не се одзиваат на мобилизацијата што ја бараше сојузното МО. Владата падна, но веројатно придонесе да се обесхрабри Милошевиќ да поведе војна на сите страни.)

После тоа лично salto mortale, премиерот почна етички и софистички да се струполува така што позицијата ЗА „францускиот предлог" ја идентификува со ЕУ-интеграција, па сите кои не се на таа позиција, туку се на позицијата на која и тој претходно стоеше, ги кодоши како противници на евроинтеграцијата: опозицијата, личности и здруженија со несомнена европска определба, илјадници граѓани кои заедно со опозицијата учествуваа на масовни протести. Анкетата му го ничкоса овој евтин софизам: мнозинството не е за „францускиот предлог", но е со фантастични 73 проценти за евроинтеграција!

И сега? Ништо, си продолжува волчјата логика и етика, со повикувањето на „масовната хистерија" околу „францускиот предлог". Се тера операцијата собирање двотретинско мнозинство во Собранието, иако тоа имаше изгласано нешто поинаков однос кон ветото.

Ваквото постапување е образец за функционирање на парадржавата, олицетворен во премиерот. „Ем втесен, ем бесен", екстремно некомпетентен за предметот, како „булдожер гази по сѐ што му се испречува на патот": Уставот и граѓаните според анкетата, клиентелите од другите парадржави, дури и дел од сопствената клиентела, зашто членството на СДСМ е поголемо од неговата поддршка. Епа таква несреќа можеше да пристане на колаборација со чин (ветото) што во суштина значи не само прекршување на Договорот за пријателство, туку го анулира и признавањето од Желју Желев и Филип Димитров.

Од почеток до крај, ветото/„францускиот предлог" е кукавичко јајце на корупцијата. На Каракачанов и на Борисов им затреба за да си го поправат рејтингот поради „славата" со корупцијата, на Радев за да си ја засили президентската власт, на Макрон за да го добие путинистот Радев на страната на Европа наспроти Русија во врска со војната во Украина. Макрон барем имаше доблест да каже дека предлогот не е фер за Македонија. Затоа определувањето спроти такви хетерономни игри во кои таа се употребува како предмет, покажува дали Македонија е држава (демократија) или парадржава (организиран криминал). 

Пресуда за системот

Не е лесен патот кон идеалното што го навестува анкетата, но тоа е патоказ кон добрата насока. Кон тој пат ќе ни треба помош и од Агелер, и од Ковеши, но главниот товар останува на нас дома. Примерот на Бугарија е доволна поука за тоа дека и повикувањето на европските вредности се злоупотребува за корупција, па државата останува заложник на децениско коруптивно владеење на ГЕРБ и ВМРО-БНД, од чии канџи и по четири последователни избори не може да крене глава. Борисов се сликал со Меркел, но си терал антибугарска и антиевропска политика. Така и „наши" лидери, побрзаа да се сликаат со Агелер, дури и кога се дел од криминал за кој САД, по сведочење на македонски државјанин, имаат правосилна судска пресуда за давателите на милионскиот поткуп, а тие како приматели, остануваат скриени по судските фиоки, та уште и сведокот го дадоа на суд!

Имам полно разбирање за големата една третина разочарани и повлечени апстиненти. Но, тие се пасивни поддржувачи на коруптивниот систем. Од друга страна, за восхит е што мнозинството граѓани му изрече таква строга идејна и етичка пресуда на тој систем. Во нив се крие надежта за Македонија. За да (нѐ) биде. А не (некој) да ја има. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми