1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска „храна“ за бугарските наративи

24 ноември 2025

Неединството меѓу политичките субјекти во Македонија во однос на условите од „францускиот предлог“, ги цементира наративите на Софија дека владата во Скопје бара изговори.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Неединството во Македонија за „францускиот предлог“ ги храни наративите на Софија дека владата во Скопје бара изговори - македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување, Марта КосФотографија: Petr Stojanovski/DW

Критиките од опозициски кругови во Македонија, особено во албанскиот опозциски блок, ја хранат позицијата на Софија за непроменливоста на условите под кои земјава треба да ги почне преговорите со  ЕУ,  односно ги цементираат тамошните наративи дека владата во Скопје си бара изговори. Таква „линија“ открива и прашањето што вчера му беше поставено на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во интервју на БНТ: „Албанците крај Вардар тврдат дека редица влади во Скопје реално не сакаат членство во ЕУ и како оправдување ја користат политиката и позицијата на Софија - вие гледате ли таква тенденција?“

„За жал, има многу дејствија од страна на нашите југозападни соседи кои ни даваат основа да се сомневаме во нивната искреност во однос на нивниот евроинтеграциски процес“, одговори Георгиев.

„Се сеќавам дека во 2018 година, токму Бугарија ја започна темата за проширување кон Западен Балкан, па затоа не можеме на никаков начин да бидеме обвинети за нашите намери и за почитување на важноста на ова прашање. Но, неисполнувањето на консензусот од 2022 година, фактот дека  Република Северна Македонија  и властите таму категорично одбиваат дури и да започнат со реформите, со промената на Уставот, со вклучувањето на Бугарите во него, во сите негови делови, покажува дека дури и во многу рана фаза, имено во првичното почнување на процесот на пристапување, тој е поткопан од политичка неактивност“, оцени шефот на бугарската дипломатија.

Тој изрази надеж дека тие, како што ги нарече „наметнати негативни стандарди“, ќе бидат надминати, и дека ќе се премине кон работата врз суштината.

„Затоа што само тогаш  Бугарија може да биде корисна, само тогаш можеме да зборуваме и за вистинско добрососедство и соработка по патот на проширувањето. Затоа што гледаме контрапункт на однесувањето на Скопје - што се случува во Албанија и Црна Гора - држави многу посветени на нивниот евроинтеграциски процес, кои активно работат, кои прават реформи и кои ја демонстрираат нивната волја“, рече Георгиев.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев: За жал, има многу дејствија од страна на нашите југозападни соседи кои ни даваат основа да се сомневаме во нивната искреност во однос на нивниот евроинтеграциски процесФотографија: BGNES

На прашањето - зошто не разговара со колегата  Тимчо Муцунски -  Георгиев рече дека многу пати разговарал со него.

„Тој многу добро и категорично ја знае нашата позиција, но оттука натаму негова улога е да ја убеди владата дека таа мора да ги земе работите во свои раце и единственото што се очекува да го направи - е  да го почитува консензусот од 2022 година.  Од наша страна направивме многу сериозно барање - и тука му благодарам на Народното собрание - кое со 209 гласа во мај донесе одлука со кое ја задолжи владата да ги прифаќа само барањата предвидени во консензусот и ништо друго. Сè уште не сме добиле позитивен одговор од Скопјe“, истакна и министерот Георгиев.

Во Бугарија секогаш консензус

Станува збор за едногласно поддржана резолуција од сите пратеници (предложена од партијата Има таков народ - ИТН), во која се реафирмира ставот дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија строго да ги спроведуваат обврските што ги презеле. Истата беше донесена во пресрет на дебатата со која бугарски европратеници подготвуваа одговор против терминот „македонски идентитет и јазик“, кој во изминатото лето се спомнуваше на неколку места во нацрт-  извештајот на Европскиот парламент  за напредокот на Македонија. По бугарски лобирања и притисоци, од финалната верзија беа отстранети формулациите во Извештајот кои директно се однесуваат на „македонскиот јазик и идентитет“. Бугарските европратеници од сите групи во ЕП,  демонстрираа единствен став на таа тема.

Но, поранешниот бугарски премиер Кирил Петков како да заборави на таа „ситница“. Во разговор за ТВ Телма - на забелешката дека барањата на бугарските европратеници за бришење на терминот „македонски јазик“ од извештајот на ЕП ја зголемуваат недовербата -Петков одговори: „Она што мислам дека македонското општество треба да го прифати - е дека може да има секакви политичари и во Македонија во Бугарија“.

„Секакви политичари може да зборуваат секакви работи, но она што е ‘црно на бело’ е францускиот предлог. И според мене, место да се бара вина што би направила едната страна ако другата направи нешто, двете страни треба да почитуваме францускиот предлог“, изјави вчера Петков.

Во Македонија - внатрешни сопки

Премиерот  Христијан Мицкоски  и пред десетина дена повтори дека ставот на Владата е многу јасен во врска со  црвените линии во спорот со Бугарија.

„Се знае кои се нашите црвени линии. Подготвени сме да седнеме и да разговараме, ама не е коректно некој да очекува дека оваа влада, додека сум јас премиер наеднаш ќе рече, е добро, ова што досега го зборувавме не важи,  сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени.  Вакви предавства и капитулации додека сум јас премиер - нема да се случат“, порача Мицкоски.

Од Влен истакнуваат: Неверојатно е да се слушне ДУИ, партија чие половина раководство е на црната листа за корупција, да зборува за европски стандардиФотографија: Vlen

Опозициската  ДУИ,  која деновиве критикуваше за назадување или стагнација во сферата на владеење на правото, борбата против корупцијата, слобода на медиумите и основни права, јавната администрација и економијата, порача дека Македонија не може да отвори нови поглавја без решавање на основните проблеми.

„Непреземањето на чекорите за уставните измени и застојот во демократските и правните реформи го замрзнаа процесот на преговори. Извештајот е институционална црвена тревога. Тој покажува дека актуелната влада го има изгубено стратешкиот правец на државата и сериозно го има загрозено нашиот европски пат“, обвинија од ДУИ.

„Партијата што го уништи владеењето на правото, денес држи предавања пред ЕУ? Иронијата има име: ДУИ!“, реплицираа од владејчката коалиција ВЛЕН.

„Неверојатно е да се слушне партија, чие половина раководство е на црната листа за корупција, да зборува за европски стандарди кога ДУИ е главната причина зошто со години земјата не напредувала ниту еден чекор во основните обврски од Кластер 1. ДУИ, која 20 години го претвори заробувањето на државата во уметничка форма, денес се преправа дека е моралист и тврди дека го брани владеењето на правото. Но, граѓаните ги знаат фактите: судството беше трансформирано во подружница на ДУИ, одлуките не беа донесени во судовите туку во партиските ходници, промените во Кривичниот законик беа донесени за амнестија за корумпираните, а денес зборуваат за владеењето на правото?“, реагираа од ВЛЕН.

Од Коалицијата посочија дека владеењето на правото е токму областа каде што ДУИ оставила најдлабоки траги, а тоа не го кажува политиката, туку самата ЕУ.

„Извештајот на Прибе ја опиша владата на Груевски-Ахмети како класичен пример за заробување на државата: со измислени политички случаи, системска неправда и како резултат на тоа илјадници Албанци протерани од земјата. ВЛЕН е за финансирање и вистинска независност на судството, но и за силни механизми за одговорност, така што правдата ќе им служи на граѓаните и на никој друг“, порачаа од владејачката ВЛЕН.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми