1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската економија и годинава ќе крпи за леб

Костадин Делимитов
2 јануари 2023

Енергетската и ценовната криза во 2022 ги исцедија граѓаните и стопанството. Желбите се големи, но колкави се реално и можностите 2023 да биде подобра на економски план?

Дали 2023 ќе биде година на празни џебови?
Дали 2023 ќе биде година на празни џебови?Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Осиромашени граѓани, депримирани стопанственици, полетни политичари. Лош е амбиентот во кој македонската економија влегува во нова етапа која е поплочена со стари предизвици. Скапата струја, рекордната инфлација, слабата ликвидност, правната несигурност, се само некои од проблемите кои ќе тежат и годинава и ќе бараат многу труд, волја и знаење, за ефикасно да се надминат.

Ценовни шокови

Ударот од кризата го чувствуваат сите, но најмногу обичните граѓани кои веќе се отрпнати на ветувањата за постабилна и попросперитетна иднина:

„Остаревме веќе со желба за подобар и повисок стандард, а всушност постојано тонеме. Сакам да верувам дека имаме сила за подобро, ама со кого? Гледаме каде не донесоа оние кои што ни ја кројат судбината. Од прв до последен. Народов трпи за леб, а политичариве се борат за власт и си тераат бизнис“, коментира скопјанецот Петар со кого разговаравме на еден од пазарите.   

Минатата година помина во знакот на енергетскиот и ценовниот шок, кој ако се суди според актуелните случувања многу лесно може да се случи да продолжи и годинава. Живеачката драматично поскапе и покрај мерките на Владата која инфлаторниот шок го амортизираше и се` уште се обидува да го смири преку замрзнување, односно ограничување на маржите за дел од основните прехранбени производи. Ударот од енергетската криза е огромен, посебно во делот на струјата, која ќе продолжи да ги шокира граѓаните ако не бидат штедливи и внимателни во потрошувачката и балансирањето на дневната со евтината тарифа. Од Регулаторната комисија за енергетика соопштија дека за цената на струјата која од почетокот на годинава се пресметува по поинаква тарифа ќе има поскапување. Но тоа нема да се случи за 99,2% од домаќинствата кои рационално ја користат електричната енергија. Граѓаните се збунети од ваквите објаснувања и стравуваат од нови шокови: 

Драматични поскапувања на основните прехранбени производи во 2022 годинаФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

„Не знам веќе колку и од каде да штедам. Ова со новите тарифи по кои ни се пресметува потрошувачката на струја ми е тотално нејасна и ме плаши да не ни се удри од глава“, реагира скопјанката Наде.   

Задоцнети мерки

Загрижени од состојбите во економијата и потезите кои ги влече актуелната власт не се само граѓаните туку и стопанствениците кои исто така плаќаат сериозен цех. А цела година тие постојано алармираа дека е потребна итна помош за да нема прелевање на енергетската криза. Сепак тоа се случи и покрај интервенцијата на државата која реагираше со одредени мерки, но кои во добар дел се покажаа како задоцнети.

„Колку да внимаваш и колку и да штедиш, какви цени и да ставиш, се` е веќе прескапо оти трошоците за производство се енормно зголемени, а стандардот е нула. Продаваме, ама колку да се каже дека продаваме. Вака не било никогаш. Многу е тешко, но ајде да се надеваме дека ќе биде подобро оти само тоа ни преостанува“, се жали еден од продавачите на бели пецива на пазарите.

Колкава е ефикасноста на владините мерки против кризата?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поддршката која Владата уверува дека успешно ја менаџирала кризата помогна во амортизирање на шокот, но во голем дел и дојде предоцна за многу фирми, пред се помали. Податокот за дури 11.000 затворени правни субјекти од октомври лани покажува колкав е ударот од кризата и каков реално е ефектот од владините мерки за поддршка во справување со шоковите. Дел од бизнис заедницата се надева дека лекцијата е научена и годинава нема да се повторат грешките од лани: 

„Потребни ни се паметни политичари да сфатат што значи економија и на што се базира таа, вклучително и во делот на политичкиот и општествениот живот. Водиме економија, ама за таа дека е добра слушаме само преку Фејсбук или Инстаграм. Доста е со тоа. Затоа најголемиот предизвик годинава ќе биде стекнување на доверба виза ви политичарите за паметни политики кои навистина ќе донесат економски раст и благодет за граѓаните и стопанството. Политичарите и креаторите на политиките ќе треба да не уверат дека имаме шанса за подобра година. Преку глава ни е постојано, секој момент, во секоја секунда да зборуваме за погрешните политики и никаквата јавна одговорност“, реагира Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата.

Нови мерки

Но што ако политиките останат по старо? Овој луксуз според упатените може да не чини уште поскапо и подраматично. Посебно ако не се реагира и не им се излезе во пресрет на поголемите производствени капацитети кои ја одржуваат економијата во живот. Тие стравуваат од дополнително продлабочување на енергетската криза:

„Важен дел од економијата ни трпи многу штети и мора да се најде начин како тие компании да се поддржат. Иако имаше помош од државата тоа беше недоволно за компаниите и тоа се рефлектираше. Дури и кај средните производни компании имаше потешкотии заради енормната цена на електричната енергија. Тие привремено или делумно затвораа капацитети за да не трпат штети. За нив е допрва предизвикот, останува да се види што ќе се направи од вториот квартал годинава кој ќе биде многу тежок заради високата цена на електричната енергија“, коментира Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Во неизвесноста која ја создава цената на струјата, извесно е од каде и како државата ќе набавува природен гас за потребите на домашните топлани и индустријата. Либерализацијата на пазарот по овој основ од стартот на годинава, донесе и нов снабдувач од Бугарија. По многу контроверзи, кавги, препукувања и реакции, државата го прекина снабдувањето преку домашната компанија Макпетрол и склучи договор државната А.Д: „ЕСМ“ да купува гас преку бугарски „Балкан Утилитис“. По фиксна цена до 1 Мај годинава, наспроти домашната понуда за набавка по променливи цени кои би биле диктирани од движењето на берзите. 

Нов бугарски снабдувач со гас за МакедонијаФотографија: Trans Adriatic Pipeline

Системски проблеми

Но не е само енергетската криза проблемот кој ја тишти македонската економија. Освен поддршката во овој сегмент, дел од стопанствениците укажуваат дека е крајно време да почне да се делува и во елиминирање на системските проблеми кои традиционално го кочат бизнисот:

„Енергетската криза можеби ќе ја преживееме, ама ако не ја решаваме системската, тогаш ќе биде тешко нас. Не смее веќе да се толерира основното незнаење за водење бизнис. Погледнете ни ја јавната администрација каде имаме луѓе кои не само не знаат како да работат во функција на подобра бизнис клима, туку не знаат воопшто каде се и што треба да прават. Да не зборуваме за правната несигурност која исто така создава непредвидливост за инвеститорите. Најтрадиционална болка е дали ние воопшто ќе бидеме на агендата на мултинационалните, мултиекономските и геополитичките слушувања. Оти ние веќе немаме што да понудиме. Нашите возови, камиони, автомобили, трактори постојано доцнат на Богородица и Табановце. Инфраструктирно сме тотално заобиколени, сите прават коридори, а ние инфрастуктурно и геоекономски стануваме небитни и сме заглавени. И да, вината за тоа е исклучиво кај нас оти со ништо не се наметнавме да бидеме важни“, реагира Миле Бошков. 

Нов данок за нови мерки

Она што дополнително револтира според овој стопанственик е потегот на власта која во вакви услови спроведува план за нови даноци. Конкретно преку нов данок за екстра профит во износ од 30% кој еднократно ќе треба да го платат фирмите кои направиле екстра добивка во 2022 година:   

„Ако на владата и требаат повеќе пари за антикризни мерки нека ги искористи своите механизми за наплата на даноци од оние кои не плаќаат, нека се прошири даночната база, да се зголеми даночната дисциплина. Имаме сива економија од дури 28% и тоа се сериозни средства. А вака што се прави, се сака да се земе од успешните и тоа не е во ред. Скоро три години трпиме штети, се справуваме со кризата со наши заштедени средства, ги поддржавме работници да не останат без работа и ако некоја фирма успеала да се трансформира во криза со нови технологии, освојување на нови пазари, тогаш тие успешните сега некако се казнуваат. Ние сме против тоа принципиелно и велиме дека пристапот не може да биде хоризонтален. Затоа наш став е дека треба да се пролонгира оваа мерка и да се види друг начин за собирање на средства и бизнисот да има придобивка од тоа“, реагира Дриљон Исени.

Фотографија: Colourbox

Од Владата пак сметаат дека ударот од екстра оданочувањето ќе биде поднослив за фирмите, а со него ќе се обезбедат средства кои би се употребиле за поддршка во кризата.

„Не ги добиваме овие пари за што било. Ќе ги користиме за справување со кризата. На крајот на денот можеби ќе ги користиме токму за поддршка на инвестиции на компаниите за да им помогнеме во нивните напори за справување со кризата“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Сива економија

Битна улога во полнењето на рекордно високиот буџет од безмалку 5,3 милијарди евра според власта ќе игра и битката против сивата економија. Министерот за финансии уверува дека таа ќе биде бескомпромисна:

„Борбата со сивата економија ќе биде бескомпромисна, а планирани се мерки и активности во насока на намалување на даночната евазија. Наша цел е дигитализација и поедноставување на процесите, оттаму предвидовме и мерки за воведување напредни технологии во наплатата на јавните давачки, како и модернизација и автоматизација на работните процеси. Ќе се работи на зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање приходи, зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во неодамнешното интервју за Дојче веле.

Неизвесност околу Украина

За неизвесноста или извесноста околу состојбите на македонската економија, многу нешта ќе зависат и од развојот на случувањата со војната во Украина и состојбите на пазарите во земјите од Европската унија која е клучен трговски партнер. Стопанствениците се надеваат дека состојбите на овој план нема подраматично да ескалираат.

„Се надеваме дека нема да се продлабочи кризата во Украина, оти многу работи зависат од тој конфликт, цената на енергенсите, а сообено синџирите на снабдување. Ние зависиме од нашите партнери, пред се оние во ЕУ, каде состојбите се отсликуваат кај нас“, укажува Дриљон Исени од стопанската комора на северозападна Македонија. 

Рекорд: Буџетот за 2023 ќе тежи 324 милијарди денариФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Дополнителен проблем или предизвик според него е состојбата со работната сила која станува се попроблематична за домашните, но и за странските компании кои работат во државата:

„Проблемот со работната сила ќе продолжи да биде актуелен и во иднина. Сега  почнаа да се отвораат економиите, нашата сила е атрактивна за Европската унија и мислам дека треба нешто да се преземе за ова да се надокнади“, укажува Исени.

За полесен излез од кризата и побезболно враќање во помирни економски води, многу нешта според упатените зависат и од политичките процеси. Пред се околу клучниот, преговорите за членство на земјата во ЕУ. Овој процес во моментов е во фаза на скрининг, како составен дел на преговорите кои реално може да запрат, односно да не продолжат доколку не пројдат потребните уставните измени. Во моментов на политички план, владиното мнозинство ја нема потребната поддршка за да го истурка овој процес. Во вакви услови расте притисокот од опозицијата за организирање на предвремени парламентарни избори кон средината на годината. Од Владата пак засега не гледаат потреба за такво нешто пред редовниот изборен термин во наредната 2024 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми