1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли надеж за економски раст на македонската економија?

ДТЗ
14 април 2023

Економијата е отпорна и е во позитивна зона, оценува првиот финансиер,Фатмир Бесими, откако ММФ неодамна објави прогнози кои не се оптимистички, ниту за земјата, ниту за светската економија

паричник
Има ли надеж за економски раст на македонската економија?Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Неизвесноста и предизвиците од кризата се сѐ уште присутни во глобални рамки, а се чувствуваат и во Северна Македонија. Земјата е решена да одговори на тие предизвици на краток рок и да опстои на среднорочните определби за фискална консолидација и забрзување на економскиот раст. Оваа порака ја пренесе министерот за финансии, Фатмир Бесими на пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон. Средбата доаѓа само неколку дена откако ММФ ги објави прогнозите дека македонската економија годинава ќе забележи раст само од 1,4 отсто, а во наредната од 3,6 проценти.

По двоцифрените стапки во 2022, годинава инфлацијата во земјата ќе забави и ќе изнесува 9,2 отсто. Прогнозите на ММФ не се оптимистички ниту за светската економија, откако во вторникот (11.04) беа објавени најслабите среднорочни очекувања за глобален раст по повеќе од 30 години. ММФ ја намали прогнозата за глобалниот раст годинава, бидејќи зголемувањето на каматните стапки ја намали економската активност и предупреди дека натамошните превирања во финансискиот систем би можеле да го намалат производството на речиси рецесиско ниво.

ММФ прогнозира дека македонската економија годинава ќе забележи раст само од 1,4 отсто, а во наредната од 3,6 проценти.Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Xinhua/B. Dandan

Има ли простор за оптимизам?

На средбата со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли и директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, првиот човек на македонското Министерство за финансии потенцирал дека мерките што ги презема земјата за справување со ценовната криза, веќе покажуваат ефект со намалување на стапката на инфлацијата пет месеци последователно - од 19,8 проценти лани во октомври во март таа изнесуваше 14,7 проценти.

„Мерките и политиките што ги спроведува Северна Македонија ја задржаа макроекономската стабилност, буџетскиот дефицит забележа намалување, јавниот долг е на одржливо ниво и во рамки на Мастришките критериуми, инфлацијата покажува тренд на намалување, економијата е отпорна и е во позитивна зона“, оценува првиот финансиер во земјата.

Како аргументи, тој го наведува тоа што буџетскиот дефицит од почетокот на годинава е понизок за околу 16 проценти во однос на остварениот дефицит во тој период од 2022 година, а јавниот долг е на ниво од 57,1 отсто, заклучно со декември 2022 година. Државниот долг на крајот на февруари изнесува 44,9 отсто од БДП, вкупните приходи во буџетот од почетокот на годината бележат раст од околу 15 проценти.

Отпорност и раст

„Економската активност покажува отпорност и бележи раст, извозот бележи раст од 10,2  отсто во првите два месеца од 2023,стапката на невработеност се намали и е на историски најниско ниво од 14 проценти“, потенцира Бесими.

Здравите и одржливи политики, тој смета дека беа препознаени од ММФ минатата година со одобрување на средства од Инструментот за ликвидност и претпазливост – ПЛЛ. „Тоа е поддршка на политиките што ги спроведуваме за справување со кризата и да поставиме основа за натамошен долгорочен раст. Поддршка во време на криза кога финансиските средства на пазарите стануваат скапи и ограничени е сигнал до инвеститорите за здравост на политиките“, вели Бесими.

Потврда за политиките беше и изразениот голем интерес од инвеститорите на аукцијата за 9-тата еврообврзница што беше издадена во текот на март 2023 година, потврдениот кредитен рејтинг од агенциите Фич и Стандард и Пурс, како и интересот за странски инвестиции во земјата, кои во минатата година достигнаа над 750 милиони евра, што е за над 60 отсто повеќе во споредба со 2021 година. Позитивно влијание се очекува да има реализацијата на капиталните проекти за кои во Буџетот за 2023 година се проектирани 800 милиони евра, како и инвестициите во индустриските зони.

Економијата е отпорна и е во позитивна зона, оценува првиот финансиер во земјата, по песимистичките прогнози на ММФФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

„На дното во регионот“

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го потсетува Бесими дека според најновите прогнози на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) објавени на почетокот на април, Македонија ќе има најнизок економски раст од 1,4% во 2023 година споредено со сите земји од регионот. Косово се очекува да оствари повеќе од двојно повисок раст (3,5%) како и Црна Гора (3,2%), Албанија да има раст од 2,3%, БиХ од 2%, исто колку и Србија.

„На дното на очекувањата на монетарците е македонската економија, што ја става во групата на економии кои директно се погодени од војната во Украина. Руската и белоруската економија се оценува дека ќе пораснат за 0,7% во 2023 година, Унгарија се очекува да има раст од 0,5%, Полска од 0,3%, додека Украина ќе има пад на БДП од 3%“, посочуваат од партијата. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, „неуспешните економски политики на Владата ја сместија македонската економија во воена состојба“. „Неуспешна борба со високата инфлација ги закотви прогнозите за домашната инфлација во 2023 година на високо ниво од 9,2%, повисоко од очекуваната инфлација во Албанија и Косово (5% и 5,5%), БиХ од 6%, Русија и Белорусија (7% и 7,5%)“, реагираат од партијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми