Со звуците на „Тешкото“ до срцата на публиката

This browser does not support the video element.
Звуците на „Тешкото“ од Глигор Смокварски одекнаа во прекрасната Бетовенхале во Бон. Под диригентската палка на Десар Сулејмани, македонските уметници ја освоија германската публика.
„Со оваа програма патуваме низ повеќе земји, како од Западниот Балкан, така и европски културни центри, за низ музиката, низ програмата и настапот да придонесеме за соработка и разбирање меѓу народите“, изјави за ДВ Десар Сулејмани.
Ова е прв настап во Германија во 80-годишната историја на Македонската филхармонија. Сулејмани вели дека ваквите концерти се исклучително важни за културно поврзување на државите:
„Треба повеќе да се слушаме еден со друг. Мора да разбереме какви се другите, какво е нивното потекло и тогаш ќе можеме заеднички да градиме иднина и да соработуваме. “
Настапот на Македонската филхармонија предизвика емоции и беше награден со аплаузи. Дел од присутните на концертот велат:
„Воодушевена сум. Имаше неверојатна енергија, а тоа беше прекрасно.“
„Целиот оркестар, диригентот беше фантастичен, многу ни се допадна.“
„Македонската филхармонија е секогаш добра и тоа го потврди и овојпат. Репертоарот беше прекрасен. ‘Тешкото’ беше најдобро парче од сите. Се надевам дека во блиска иднина повторно ќе имам можност да присуствувам на ваков настап.“
Концертот на Македонската филхармонија се одржа во знакот на посебен јубилеј - пет години партнерство помеѓу германската покраина Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија во рамките на кое се спроведуваат низа успешни проекти. На приемот во Старото градско собрание во Бон, по тој повод, министерот за Европа на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, порача:
„Особено во вакви времиња како денес, интернационалната соработка ни е потребна. Треба да им покажеме на луѓето: ‘Посилни сте, ако сте отворени кон светот’.“
Во јуни треба да биде потпишан нов договор за соработка во наредните пет години. Ева Марија Дурстевиц-Маршал, одговорна за европски прашања во Кабинет на премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, вели: „Нова сфера ќе биде полициската соработка, за тоа согласност веќе постигнаа Министерствата за внатрешни работи, но сигурно и засилената економска соработка, која тече, но може да се надгради.“
Овој прилог е направен во рамки на соработката на владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија со Северна Македонија @MBEIM.NRW