1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската „резилиентност”

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
26 јануари 2026

Македонското општество опстојува во сите кризи и катаклизми не затоа што има мудри и способни политичари. Напротив! Македонија опстојува во кризите поради резилиентноста на обичниот народ. Пишува Кица Колбе

Македонија опстојува во кризите поради резилиентноста на обичниот народФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Поимот „резилиентност” потекнува од латинскиот збор „resilire“, а се применува во физиката за отпорноста на материјалот да издржи притисок, без да се скрши. Во модерната психологија тоа е менталната способност на личноста успешно да ги надминува кризите. Првите примери за резилиентноста во науката биле луѓето кои го преживеале Аушвиц. Тие и потоа имале големи ресурси на резилиентност за да се справат со нови предизвици и загуби, иако би се очекувало страдањето да ја „убило” во нив надежта и довербата во себе и во човештвото.

Кај народите и општествата резилиентноста се пројавува во начинот на кој тие ги надминуваат промените, политичките и општествените пресврти. Резилиентни се народите кои со своја сила се „креваат од пепелта”, постигнуваат брзо стопански чуда и градат стабилни заедници. Затоа што се адаптираат на новите услови и извлекуваат од нив поуки за иднината. Всушност, резилиентните личности или народи ги одликува довербата во социјалната поврзаност, чувството на припадност на нешто поголемо, но и способноста кризите да се доживуваат како шанса за преобразба и можност да се тргне по нов пат.

Македонците се научени на кризи и загуби

Денес многу луѓе во германското општество се загрижени поради политичкта состојба во светот, зашто долго живееја во политичка и стопанска стабилност. Си реков, а што да кажат Македонците кои живеат во „вонредна состојба” речиси четири децении? Од распаѓањето на Југославија до денес тие се навикнаа да живеат во перманентната криза. Речиси исто толку долго, колку што живееја во првата македонска република во Југославија, Македонците живеат во самостојна држава. Ако од 1945-та до 1990, предците ги поставуваа темелите, денес наследниците ги разградуваат. Порано постоеше релативно добро функционирачко здравство, просветни установи, пошта и железница. Во преобразбата во повеќепартиски систем, тие институции беа првите што се распаднаа. Додека во југословенскиот период политичарите, просветните работници поседуваа заедничка визија и самопрегор, денешните се ситни трговци кои примарно се грижат за својот приватен просперитет.  Правосудството е во колапс,  стопанството едвај преживува, иако сите нови влади ветуваат „мед и млеко”. Македонските граѓани доживеаја и преживеаја атентат на првиот македонски претседател, друг претседател изгубија во авионска несреќа, но го надминаа и меѓуетничкиот конфликт 2001-та. Како Македонците ја издржуваат таа низа од порази и загуби? Дали во сиве катастрофи и конфликти македонското општество пројави голема ментална и социјална сила, чувство за заедништво и одговорност за иднината?

Мојата прва мисла е дека македонското општество опстојува во сите кризи и катаклизми не затоа што има мудри и способни политичари. Напротив! Уверена сум дека Македонија опстојува во кризите поради резилиентноста на обичниот народ. Тој не ја губи брзо вербата дека ќе ги преживее сите неволји. Затоа што Македонците се научени на кризи и загуби. Затоа што и нивните предци преживеале, наспроти сите историски искушенија. Самодовербата од овој вид е еден значаен фактор на резилиентноста. Таа не е наивност, туку поука од нашата колективна и фамилијарна меморија. Од долгото историско искуство на преживување на нашите предци во услови кои не ги одредувале самите, се чини дека македонските граѓани и денес се отпорни на неволјите и на несреќите.

Политичка пасивност

И кога Македонците немале своја држава  младите заминувале на „печалба”,  во потрага по подобар живот. Нивните родители останувале во земјата. Покрај сите разочарувања, покрај сите изгубени надежи, покрај сите болни порази од политиката, домашната и европската, генерацијата на родителите останува и денес во земјата и го „чува” барем тоа што остана од изграденото од нив и од предците. Тие луѓе се оние кои го одржуваат тој невидлив стабилен темел на македонското општество. Тие се оние кои вистински веруваат и се надеваат дека и во  Македонија  е можно да се променат работите на подобро. Веруваат и за  нивните деца, заминати во светот.

 За жал, таа силна верба дека, ако преживеале во „турско”, Македонците ќе преживеат и денес, е изворот и за нивната политичка пасивност, а тоа, пак, сведочи дека нивната резилиентност уште не е таа на храбри, одговорни и самосвесни граѓани. Имам впечаток дека македонската политичка критика е најпродуктивна во хуморот и вицот на сметка на политичарите, но не и во политичкиот и граѓанскиот активизам. Секој гледа да се снајде на свој начин, со свои врски, за да преживее. Тоа е наследен урнек на однесување. Дури и кога се случуваат  катастрофи, како таа во Кочани,   тагата и солидарноста не ги обединува сите во силен протест, како во други модерни општества. Затоа уште многумина веруваат дека ќе преживеат и без граѓански отпор, без протести и демонстрации.

Тоа бездруго се должи на долгото историско искуство во времиња во кои Македонците немале своја држава. Тогаш тие научиле дека може да се преживее во секакви услови и под секакви „господари” – со наведната глава,  молчење и трпение. Тоа говори дека во македонското општество уште нема доволно политичка и граѓанска обединетост за успешно надминување на сите предизвици и кризи. Во пасивноста, трпението и вербата дека некако ќе се преживее и во скудни времиња, македонското општество ги губи се‘ повеќе младите.

За да се изгради вистинска македонска резилиентност е неопходно тоа што небаре е впишано во нашата македонска историска меморија, имено, дека Македонците поминале низ толку судбоносни состојби, војни, промени на граници и на политички системи, но никогаш не ја изгубиле надежта, да се преобрази во активност. Тоа сознание треба да стане силен стремеж да се надмине пасивноста и летаргијата. Од историското искуство на предците можеме да направиме извор за самодоверба, одговорност и обединетост, само доколку не чекаме другите, моќните во светот, да дојдат и да ни ја суредат државата. Македонската резилиентност може само така да се развие во силно чувство за одговорност на секој граѓанин за првата македонска држава во историјата. Пребрзо заборавија денешните македонски граѓани дека имаат историска одговорност пред предците за првата македонска држава. Ова важи особено за македонската политичка елита. Зашто  македонското општество  опстојува не поради големата совесност, чесност и одговорност на политичарите, туку поради достоинството, чесноста и самодовербата на обичните македонски граѓани, кои паметат дека нивните предци преживеле и полоши времиња.

За жал, тоа напати се доживува како „судбина”, како немоќ пред политиката, светска или домашна. Меѓутоа граѓаните во резилиентните општества не чекаат друг да им ги реши проблемите. Тие не се доживуваат како пасивна маса, туку се свесни дека промената на подобро е секогаш можна, но само кога ќе се потрудиме самите. Во заедништво, обединети околу една цел.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми