1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратеници од РСМ под кинески „ургенции“ да не одат во Тајван

29 јули 2024

АП имала увид во пораки од кинески дипломати до неколку пратеници, меѓу кои и до Антонио Милошоски. ИПАК го осуди мешањето на НР Кина во одржувањето на самитот во Тајван.

Знамиња на Кина и Тајван
Знамиња на Кина и ТајванФотографија: picture alliance/SULUPRESS

Осум пратеници од најмалку пет земји, меѓу кои и од Северна Македонија, примале е-пошта и/или телефонски повици од дипломатски претставници на НР Кина, со цел да бидат убедени да не патуваат на самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК) што се одржува во Тајпеј, Тајван.

Дел од пратениците откриле дека било контактирано дури и нивното партиско раководство, со цел да им се изврши дополнителен притисок. Еден пратеник, пак, специјално бил поканет да патува во НР Кина само за да не патува во Тајван.

Притисокот врз состанокот на ИПАК предизвика многу реакции. На веб-страницата на оваа Интерпарламентарната алијанса се изразува жалење и се осудува обидот на НР Кина да се меша во четвртиот Годишен самит на ИПАК на 30-ти јули, на кој ќе учествуваат 48 пратеници од 24 земји од 5 континенти. Според домаќините, тоа ќе биде најголемата парламентарна делегација што некогаш го посетила Тајван во институционален капацитет.

Јас сум Ву...

На листата делегати на самитот на ИПАК се и двајца пратеници од РСМ - Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Битиќи од СДСМ. Агенцијата Асошиејтед прес имала увид во порака испратена до пратеникот Милошоски.

„Jaс сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека сте добиле покана од ИПАК, ќе присуствувате ли на конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван?“, гласела пораката што ја добил Милошоски.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ е еден од пратениците кои добиле порака во врска со конференцијата во ТајванФотографија: MIA

Слични пораки биле испратени до пратеници од Босна и Херцеговина, Словачка, Боливија, Колумбија... Според нив, во некои случаи имало нејасни прашања околу нивните планови да патуваат во Тајван, а во други случаи, контактот бил позаканувачки.

„Тие стапија во контакт со претседателот на мојата политичка партија и го замолија да ме спречи да патувам за Тајван“, обелоденува Санела Клариќ, член на парламентот во Босна и Херцеговина.

„Тие се обидуваат, во мојата земја, да ме спречат да патувам. Ова навистина не е во ред. Навистина се борам против земји или општества каде што алатката за манипулирање и контрола на луѓето е стравот“, потенцира Клариќ.

Тоа ја потсетило на заканите и заплашувањата со кои се соочила додека страдала низ војните во БиХ во 1990-тите.

„Навистина го мразам чувството кога некој те плаши“, изјавила таа објаснувајќи дека притисокот бил непријатен, но само ја зголемил нејзината решеност да оди на патување.

Грубо странско мешање

Како што наведува АП, Кина редовно се заканува дека ќе им возврати на политичарите и земјите кои изразуваат поддршка за Тајван, кој има само неформални односи со повеќето земји ширум светот поради кинескиот дипломатски притисок.

Директорот на ИПАК, Лук де Пулфорд, во изјава за АП го нарекол притисокот „грубо странско мешање“. Според него, се чини дека цел биле пратеници од помали земји, веројатно затоа што Пекинг „чувствувал дека може да се извлече со тоа“, но оти тактиката на принуда само ги направила учесниците порешителни да учествуваат на самитот.

Директорот на ИПАК, Лук де Пулфорд зборува за „грубо странско мешање“Фотографија: Hesther Ng/SOPA Images/ZUMA Press Wire/picture alliance

И Миријам Лексман, словачка пратеничка во Европскиот парламент, на чиј партиски шеф исто така му се обратиле кинески дипломати, потенцира дека притисокот ја нагласил нејзината причина за доаѓањето во Тајван.

ИПАК одамна е подложена на притисок од страна на кинеските власти, некои членови биле санкционирани од Пекинг, а во 2021 година, а во 2021 година била објект на напади од страна на кинески хакери поддржани од кинеската влада, според обвинение објавено во САД во март годинава. 

Координиран обид

Според директорот на ИПАК, притисокот од страна на официјални кинески лица во последните неколку години бил без преседан. За време на претходните средби на ИПАК, одржани во други места, кинески дипломати се обраќале кон пратеници по завршувањето на средбите. Но оваа година, кога за првпат средбата се одржува во Тајван, имало координиран обид да се спречи учесниците да присуствуваат.

Боливиската сенаторка Чента Рек веќе поднела протестно писмо откако ѝ се јавил кинески дипломат и ѝ рекол да не оди во Тајван, велејќи дека островот е управуван од „претседател измамник“ и дека домаќин на состанокот била организација „неприфатена во рамките на условите на политиката на континентална Кина“. Кога Рек одбила, дипломатот ѝ рекол дека ќе ја пријави нејзината одлука во неговата амбасада.

„Му реков дека тоа е неприфатлив упад, дека нема да прифатам наредба или упад од која било влада“, рекла Рек, споделувајќи го впечатокот дека тој ги надминал сите меѓународни политички норми.

Како одговор на заплашувањето на НР Кина, ИПАК одлучи да ја објави својата најава за нејзиното најголемо проширување досега, поздравувајќи шест нови земји во Алијансата: Колумбија, Ирак, Малави, Соломонските Острови, Гамбија и Уругвај.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми