1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот пат меѓу „микс од идеи“ за проширувањето на ЕУ

18 октомври 2023

По неодамнешниот француско-германски експертски предлог за реформирање и проширување на ЕУ, во Брисел ќе се разгледува и балтичко-скандинавски предлог, но и од експерти од други држави

Влада Северна Македонија
Знаме на ЕУ и на Северна Македонија пред зградата на владата во СкопјеФотографија: DW/F. Schmitz

Ставот на Франција е недвосмислен и за Северна Македонија и за Албанија, и оптимист сум дека ако успеат уставните измени, нема да се случи одвојување на двете земји на патот кон ЕУ, изјави вчера  министерот за надворешни работи Бујар Османи.  Овој одговор на новинарско прашање уследи откако францускиот претседател Емануел Макрон во Тирана изјави дека неговата земја ќе ја поддржи Албанија во  процесот на европска интеграција,  без да ја спомне Северна Македонија.

„Мислам дека не треба да извлечеме некаква порака од изјавата на претседателот Макрон, бидејќи тој беше и во билатерална посета на Албанија, и оттука пораките беа за Албанија, а не за регионот. Ставот на Франција мислам дека е недвосмислен во однос на двете држави. Дали ќе има одвојување веќе треба да ги прашате од нашата опозициска партија во моментот, бидејќи топката е кај нас. Уставните измени се моментот којшто ќе одлучува дали ќе има одвојување или продолжување на процесот на преговори заедно со Албанија. Така што, тоа прашање засега е за опозицијата, а за кратко време ќе биде за сите нас“, рече Османи.

Во рацете на Скопје и Софија

Каков е ставот на Франција, во чие претседателство минатата година беше деблокиран пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија, открива  француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун.  Во интервју за бугарски „Дневник“ од 16-ти октомври, на прашањето што прави Париз за да се раздвижи процесот на одлучување во Скопје за уставните измени, Бун одговорноста ја лоцира на релација Скопје - Софија.

„Сметам дека е важно да се напомене, дека договорот од 22-ри јуни е меѓу Бугарија и Северна Македонија. Франција помогна и бевме многу среќни да помогнеме, но ова е договор меѓу Северна Македонија и Бугарија. Се разбира, многу сме среќни да дадеме поддршка и ова е една од причините зошто сум овде (во минатата недела -н.з.), како сведоштво за нашето пријателство со Бугарија. Бев и во Северна Македонија со моите колеги од Германија и Полска, за да ја поддржиме Северна Македонија за реформите кои се дел од тој договор. Но, тоа е во рацете на Северна Македонија и Бугарија, а не на Франција“, вели Бун.

На прашањето дали очекува позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Северна Македонија годинава, таа вели: „Не можам да ги читам мислите на Комисијата, би сакала да можам“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕУ во Гранада, ШпанијаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Варијанти за размислување

Она што станува извесно, според Бун, е дека во Брисел ќе стигнат повеќе предлози во однос на реформирањето и проширувањето на ЕУ. Околу француско-германскиот експертски предлог за реформирање и проширување на ЕУ (со идеја за ЕУ во четири брзини/кругови) кој беше презентиран во септември годинава, француската државна секретарка за Европа е децидна дека тоа не е официјален став ниту на Париз, ниту на Берлин.

„Тоа воопшто не е официјална француско-германска позиција“, вели Бун, и одговара на прашањето зошто тогаш за тој предлог два пати било разговарано во Советот.

„Така е, но знаете ли зошто? Тоа што го направивме со мојот германски колега, е да ангажираме неколку независни експерти да размислуваат за иднината на ЕУ, на една проширена ЕУ. Тоа што го побаравме од нив се варијанти - варијанти кои ќе не натераат нас да размислиме што би сакале за ЕУ. И кога велам ‘нас’, мислам на 27-те. И ги добивме. Затоа што, на пример, има и предлог од балтичките и скандинавските земји. Данска организира конференција во јуни. Балтичко-скандинавскиот предлог ќе го разгледува Советот за општи работи. Мислам дека се подготвува предлог и од група експерти од неколку други држави. Тоа што ни треба се свежи идеи од сите во ЕУ за типот на Унија што ја сакаме. Така што, документот (предлогот на француско-германскиот експертски тим - н.з) е само еден дел од големиот микс на идеи кои ќе ни помогне да размислуваме“, вели Бун.

Шолц: Го цениме она што го прави владата на С. Македонија

00:44

This browser does not support the video element.

Околу дилемата -  како ЕУ ќе ги привлече државите  кои сакаат да влезат во Унијата, ако тие немаат пристап до сите политики, Бун е децидна дека „никој не вели оти таков ќе биде крајниот резултат, бидејќи тоа е само предлог од неколку истражувачи, а не и владин предлог“. Но, објаснува дека и сега постојат разлики.

„Видете, денес некои земји го користат еврото, други не сакаат - Шведска, Данска. Вратата е отворена и тие можат да се присоединат, ако сакаат, но не сакаат. Така што, тоа веќе суштествува на некој начин. Мислам дека е многу важно секоја политика да биде отворена за сите и кога тие ќе посакаат да се приклучат да може да го направат тоа, исполнувајќи некои услови, но да може да го направат“, објаснува француската државна секретарка за Европа.

Безбедноста во прв план

Во однос на неодамна медиумски објавена сума - колку би чинело пристапување на Украина во ЕУ, и дали при сегашните околности Унијата воопшто може да си дозволи проширување според сегашните правила, Бун вели дека „тоа не е официјален документ, туку протечена информација за која никој не е сигурен од каде потекнува, па затоа мора да се биде многу внимателен кога се разговара за тоа“.

„Но, сакам да кажам дека ние имаме потреба од проширување заради безбедноста на нашиот континент. Имаме потреба државите-кандидатки да бидат закотвени за ЕУ, со целосно придржување кон европските вредности за владеење на правото, демократија, социјално-пазарна економија, зелена транзиција. И за да се случи тоа имаме потреба од проширување. Францускиот претседател рече дека прашањето не е ‘дали’ или ‘кога’, туку ‘како’ ќе го направиме тоа. Второ, ние знаеме дека кога земјите се приклучуваат, и самата ЕУ се менува.  И затоа треба да ја реформираме ЕУ. Треба да направиме преглед на политиките на ЕУ, на буџетот, и знаете дека Европската комисија веќе го прави тоа. Така што, тие бројки (за Украина -н.з.) не се релевантни за тоа каква ќе биде ЕУ во иднина, каде што ќе бидеме сите заедно“, вели Бун.

Во однос на реформата на системот за гласање во Советот, открива дека „не се напреднало многу“.

„Има група на држави - пријатели на гласањето со квалификувано мнозинство во одредени области како што е надворешната политика. Отворени сме да разговараме за ова прашање и во однос на даночната политика. Но, има многу држави во ЕУ на кои оваа идеја не им се допаѓа многу“, вели француската државна секретарка за Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми