Загадочното укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“ на Апелацискиот суд од Скопје предизвика неверојатна дебата околу тоа зошто судиите одлучиле така; дали може да се фрли сомнеж за корупција, дали треба да се фрли сомнеж за политички притисок, дали има зделка за политички аванси, дали судиите немале друга можност да одлучат поинаку поради лошо (или намерно) образложената пресуда од Кривичниот суд, дали намерно се одолговлекувала пресудата...? И уште многу други „дали“.
-повеќе од авторот: Викнете полиција... Нешто чудно се случува во Апелацискиот суд
Меѓу сите тие „дали“ од различни потоци дотекуваше водата која ја носеше дилемата за тоа што значат реакциите на врвните политичари, вклучувајќи го претседателот и премиерот, дека се шокирани, загрижени, вчудоневидени од таа пресуда во клучниот предмет за случајот на масовното прислушување. Важен дел од експертите, новинарите и други луѓе што се занимаваат со судството велеа дека ваквите политички изјави би можеле да се протолкуваат како притисокот врз судството. Можеби е така, ако судиите навистина се подложни на притисок. Во една идеална пуританистичка ситуација судиите би требало да бидат оставени настрана, да не падне ни една политичка раска на нив за да може да проучуваат, проучуваат и да ја стокмат пресудата. Без оглед дали таа му се допаѓала некому или не. Но ваков пуританизам, каков што се мисли дека треба да има во Македонија, нема никаде. Нема општество каде сите ги дочекуваат судските пресуди во став мирно. Не е тоа прашање дали е добро или лошо, туку дека таква ситуација има само во некаква недостижна утопија. А кога некои судски решенија внесуваат огромен немир во општеството, тогаш е нелогично, па дури и неприродно, политичките и другите актери само да слегнат со рамениците и да речат - „Тоа е тоа“. А немирот да се зголеми за уште две-три точки погоре.
Ова општество беше навлезено во ужасна опсесија да дознае кои се тие луѓе од Америка за спроведување санкции кои дошле во Македонија да направат рентгенска снимка на тоа што се случува и ако треба да придодат уште некој на нивната црна листа. Ангажманот на Американците се сметаше за некаков претпоследен спасоносен чекор затоа што доаѓа не само од нашиот најважен сојузник и партнер, туку и поради тоа што доаѓа од најсилната светска демократија каде независноста на судството е светост. И дека таму никој од политичарите не би се осмелил да ги коментира или да зборува против судски одлуки. Како и за многу нешта, и за тоа сме во длабока заблуда, намерна или од незнаење, сеедно.
Во јуни оваа година Врховниот суд на САД донесе одлука со која ја поништи пресудата од 1973 наречена „Ро v. Вејд“. Тогаш беше одлучено дека уставот на САД им го дозволува правото на абортус на жените. Од 1973 година наваму не прекинаа обидите на конзервативната Америка да се поништи оваа пресуда која беше прифатена како врв на правата на жените. Тоа беше безуспешно сѐ до овој нов состав на Врховниот суд, во кој Доналд Трамп како претседател постави тројца конзервативни судии. Во март американски „Политико“ го објави протеченото мислење на судијата известител, прилично конзервативниот Семјуел Алито, што беше прв таков случај во модерната историја на судот. Само по себе тоа беше скандал од невидени размери кој предизвика бура меѓу политичарите и борците за правата на жените. Кога во јуни Врховниот суд ја донесе пресудата како што беше мислењето на Алито, таа бура се претвори во ураган.
Понатаму во текстот ќе ги пренесеме реакциите на политичарите и по протеченото мислење во март, а потоа и по конечната пресуда во јуни, па сами проценете дали политичарите коментираат или оценуваат судски одлуки.
Март 2022
Демократските конгресмени беа длабоко вознемирени од предлогот на судијата Алито. Сенаторот Берни Сандерс, заедно со голем број конгресни демократи, вклучувајќи ги сенаторите Тами Болдвин, Џеф Меркли, Еми Клобучар, Пети Мареј, како и членовите на Претставничкиот дом Питер Велч и Александрија Окасио-Кортез, го повикаа Конгресот да ја кодифицира пресудата „Ро против Вејд“ во закон, а ако е потребно да се елиминира филибастерот за тоа.
Некои републиканци, вклучувајќи ги сенаторите Марко Рубио, Тед Круз и Рик Скот го осудија протекувањето како обид за „заплашување“ на судот, додека други, како конгресмените Марџори Тејлор Грин, Пол Госар и Мајк Кели, го поздравија нацрт-мислењето на Алито.
Јуни 2022
По донесувањето на пресудата на Врховниот суд за укинување на правото на абортус, претседателот Џо Бајден даде подолга специјална изјава. Еве поголеми делови од неа:
„Врховниот суд на САД денеска експресно му одзеде уставно право на американскиот народ што веќе го призна. Не го ограничија. Едноставно го одзедоа. Тоа никогаш не е направено за право толку важно за толку многу Американци.
Но, тие го направија тоа. И тоа е тажен ден за Судот и за земјата.
Пред педесет години, ‘Ро против Вејд’ беше одлучен и оттогаш е закон на земјата.
-повеќе од авторот: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во тајниот клуб на агентите на хаосот?
Овој значаен случај го заштити правото на жената на избор, нејзиното право да донесува интензивно лични одлуки со својот лекар, без мешање - од мешање на политиката.
Верувам дека ‘Ро против Вејд’ беше правилна одлука во однос на уставното право, примена на основното право на приватност и слобода во прашањата на семејната и личната автономија.
‘Ро против Вејд’ беше одлука 7 спрема 2 напишана од судијата назначен од републиканскиот претседател, Ричард Никсон. Во петте децении што следеа ‘Ро против Вејд’, судиите назначени од републиканските претседатели - од Ајзенхауер, Никсон, Реган, Џорџ Х.В. Буш - беа меѓу судиите кои гласаа за поддршка на принципите наведени во ‘Ро против Вејд’.
Токму тројца судии именувани од еден претседател - Доналд Трамп - беа суштината на денешната одлука да се поништи вагата на правдата и да се елиминира основното право на жените во оваа земја.
Не правете грешка: оваа одлука е кулминација на намерниот обид со децении да се наруши рамнотежата на нашиот закон. Според мене, тоа е реализација на екстремна идеологија и трагична грешка на Врховниот суд.
Судот го направи она што никогаш досега не го направи: експресно одзеде уставно право што е толку фундаментално за толку многу Американци кои веќе беа признати.
Одлуката на Судот да го стори тоа ќе има реални и непосредни последици. Државните закони за забрана на абортусот автоматски стапуваат на сила денес, загрозувајќи го здравјето на милиони жени, некои без исклучоци. Толку екстремно што жените би можеле да бидат казнети за заштита на своето здравје.
Всушност, Судот ги постави државните закони за криминализирање на абортусот кои се враќаат во 1800-тите - Судот буквално ја врати Америка 150 години назад.
Ова е тажен ден за земјата, според мене, но тоа не значи дека борбата е завршена.
Дозволете ми да бидам многу јасен и недвосмислен: единствениот начин на кој можеме да го обезбедиме правото на жената на избор и рамнотежата што постоеше е Конгресот да ја врати заштитата на ‘Ро против Вејд’ како федерален закон.
Ниту една извршна акција од претседателот не може да го направи тоа. И ако на Конгресот, како што изгледа, му недостига гласот да го стори тоа сега, избирачите мора да направат да бидат слушнати нивните гласови.
Оваа есен, мора да избереме повеќе сенатори и конгресмени кои ќе го кодифицираат правото на жената на избор во федералниот закон уште еднаш, да избереме повеќе лидери на државите за да го заштитат ова право на локално ниво.
Треба да ја вратиме заштитата на ‘Ро’ како закон на земјата. Треба да избереме функционери кои ќе го направат тоа. Оваа есен, ‘Ро’ е на гласачкото ливче. Личните слободи се на гласачкото ливче. Правото на приватност, слобода, еднаквост, сите тие се на гласачкото ливче.
Додека одлуката на Судот фрла темна сенка врз голем дел од земјата, многу држави во оваа земја сè уште го признаваат правото на жената на избор. Како што јасно кажа Јавниот обвинител, жените мора да останат слободни да патуваат безбедно во друга држава за да ја бараат грижата што им е потребна. И мојата администрација ќе го брани тоа право.
Но, екстремистичките гувернери и државните законодавци кои сакаат да ја блокираат поштата или да претресат во шкафот за лекови на некоја личност или да ги контролираат постапките на една жена со следење на податоците на нејзините апликации што ги користи - се во грешка и се екстремни и не се во контакт со мнозинството Американци.
Со оваа одлука конзервативното мнозинство на Врховниот суд покажува колку е екстремно, колку се оддалечени од мнозинството во оваа земја. Тие ги направија Соединетите Американски Држави да бидат надвор од развиените земји во светот. Но, оваа одлука не смее да биде последниот збор.
Мојата администрација ќе ги искористи сите нејзини соодветни законски овластувања. Но, Конгресот мора да дејствува. И со вашиот глас можете да дејствувате. Можете да го имате последниот збор. Ова не е готово“.
Ако македонскиот претседател или премиер кажеше барем една третина извонредно политички срочени зборови како овие по повод одлуката за „Таргет-Тврдина“ ќе беа распнати од многумина. Во десетиците страници на одлуката за поништувањето на „Ро против Вејд“ има правни образложенија, но тие не го спречија претседателот на најсилната демократија во светот да каже дека „тоа е реализација на екстремна идеологија и трагична грешка на Врховниот суд“.
-повеќе од авторот: На Западниот фронт сѐ по старо
Поранешниот претседател Барак Обама рече дека одлуката на судот да го собори „Ро“ „не само што го врати речиси 50-годишниот преседан, туку и најинтензивната лична одлука што некој може да ја донесе поради каприците на политичарите и идеолозите - напаѓајќи ги суштинските слободи на милиони Американци“.
Републиканците идеолошки ја поздравија одлуката на судот. Поранешниот претседател Доналд Трамп рече: „Мислам дека, на крајот, ова е нешто што ќе работи за сите. Ова враќа сè во државите каде што отсекогаш припаѓало“, а сепак, приватно, Трамп изјавил дека мисли оти одлуката ќе им наштети на Републиканците.
Неговиот потпретседател, Мајк Пенс, рече дека одлуката „исправила историска грешка“. „Сега кога ‘Ро против Вејд’ е предаден на пепелта на историјата, се појави нова арена во делот на животот и на сите што ја негуваат светоста на животот им е должно да решат дека ќе ја преземеме одбраната на нероденото и поддршка за жените во кризна бременост во секој државен капитол во Америка“, рече Пенс во изјава.
Демократски политичари беа многу силно против одлуката на Судот.
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, рече дека „американските жени денес имаат помалку слобода од нивните мајки“.
Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, го нарече петокот кога се објави одлуката „еден од најтемните денови што нашата земја некогаш ги видела“. Тој рече дека конзервативните судии „го украле основното право да имаат абортус“ и дека „намерно биле назначени од Републиканците за да го отфрлат ‘Ро против Вејд’“.
-повеќе од авторот: Човекот од Флорида
Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон рече дека „мислењето на Врховниот суд ќе живее во срам како чекор назад за правата на жените и човековите права“.
Вака оценуваат значајни судски одлуки американските политичари од двете страни на ужасно поделениот спектар. И тоа се прифаќа како нормална борба на политичките визии. Во крајна линија, можеби не е лошо македонските судии, од чии одлуки понекогаш се ужаснуваат едните или другите од политичкиот и граѓанскиот сектор, да почувствуваат јавно дека тие не се отуѓена сила во ова општество кои сите треба да ги остават на мир за да можеле да донесат одлука. Тие се независни, но се дел од ова општество и ако сега нешто треба побрзо да направат е да го објават образложението на нивната одлука. Во овој момент тоа е најмалку што може да го сторат. Освен ако не мислат дека и тоа би бил „притисок“ врз нив.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.