1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската кујна може да биде „хит“ за Германците

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
17 јули 2023

Македонските специјалитети би можеле да бидат добро прифатени од германските љубители на медитеранската кујна, доколку стопанствениците станат свесни колку успешен „бренд” би била медитеранската кујна од Македонија.

Германците ја сакаат медитеранската кујнаФотографија: picture-alliance/ZB

Германскиот медитерански стил на живеење

Пред речиси четириесет години, кога од летниот престој во Скопје првпат донесовме една голема лубеница и за нашата германска фамилија, некои зачудено ме прашаа како се јаде. Кога ја пробаа, ми рекоа дека имала вкус на краставица. Јасно, не беа многу восхитени, затоа што вкусот им беше непознат. Веројатно и затоа што лубеницата е највкусна во горештите лета. А тогаш германските лета уште имаа умерени, континентални температури, а не како денес, медитерански горештини. За мене, пак, лубеницата беше станала речиси симбол за Македонија. Дури имав и едно платно во акрилик, со наслов „Лубеница и маслинки“. Двете нешта беа за мене шифра за медитеранскиот начин на живот.

Иако Македонија нема море, нејзината кујна и начинот на животот може со право да се сметаат за медитерански. Зборот „Медитеран” потекнува од латинскиот и значи, „Средоземје“. Тој ги опфаќа земјите и културите кои се наоѓаат околу Средоземното, Јадранското и Егејското Mоре. Всушност, се работи за географскиот простор во кој настанале најраните европски високоразвиени култури. Долгата историја и традиција на Медитеранот во себе обединува многу различни влијанија, затоа што во овој простор се вкрстувале многу култури, јазици и обичаи. Тоа е особеноста и богатството на тоа што се нарекува медитеранска култура на живеење, но и медитеранска кујна. Во таа кујна има јадења кои првобитно биле грчки, арапски, еврејски и.т.н. На пример, прочуената македонска „мусака” се смета за особен белег и во грчката и во израелската кујна, притоа името има арапско потекло. Античка Грција имала „колонии” во Јужна Италија и Јужна Франција (Magna Graecia). Затоа многу познати градови во тој регион имаат имиња чиј корен е грчки, како Марсеј (Massilia) или Неапол (Неаполис). А потоа и Рим основаше „колонии” сѐ до Германија, за што сведочи името на Келн (Colonia). Источното римско царство (Византија) го прошири своето културно влијание во уште поголем географски простор. Османлиското царство, кое уследи по пропаста на Византија, остави траги не само во кујната на балканските земји, туку и во градбите и начинот на живот. Балканот, особено Македонија, беше раскрсницата на различните културни традиции, па токму затоа често се истакнува дека во Македонија се вкрстуваат менаталитетот и традицијата на Ориентот и на Оксидентот. Додуша во македонскиот менталитет и начин на живеење почесто другите го препознаваат само Ориентот, иако Македонија била долго и римска колонија, така што со право може да се рече дека во неа има траги и од римската култура. Ако не повеќе, барем во археологијата, за што сведочи прочуениот римски аквадукт во Скопје.

Кица КолбеФотографија: Privat

Вкусот на Медитеранот

Денес медитеранската култура на живеење го освојува западот и северот на Европа на поинаков начин од оној на големите империи во историјата. Туризмот направи во последните три децении Германците да ги откријат благодетите на медитеранската култура на живеење. Пред три децении секој Германец кој првпат летниот одмор го беше поминал во Тоскана, се враќаше дома како траен вљубеник на италијанската кујна, но и на италијанскиот начин на живот. Тој тогаш омилените италијански специјалитети, како пршутата, саламата, виното, маслиновото масло и моцарелата, уште ги носеше од Италија. А потоа ги канеше барем на една вечера своите германски пријатели и роднини, за да ја вкусат и тие убавината на медитеранскиот начин на живот. 

Ако беа вљубеници во чудесната италијанската природа, но и во италијанските градини, тие Германци од одморот во Италија со себе во автомобилот носеа и садници од рузмарин, лаванда, лимон, маслинки и кипариси. Садниците од рузмарин, маслинки, лимон, олеандри, буганвилија, лаванда и кипариси денес може да се купат во речиси секој германски расадник, дури, понекогаш, по многу пристапни цени и во познатите супермаркети. Како што и најголемиот број медитерански прехранбени производи ги има во секој поголем супермаркет. Во Келн постојат неколку специјализирани супермаркети кои ги нудат сите италијански прехранбени производи кои се омилени и во германската кујна.

Тавче-гравче, македонски специјалитет

Јасно, понудата е толку разновидна затоа што медитеранската кујна и медитеранската култура на живеење одамна ги има освоено модерните Германци. Италијански ресторани има на секој агол, а дури и во менито на прославите во германските фамилии доминираат медитеранските деликатеси. Рецептот за салатата со паста (макарони) „Farfalle“, со рукола, сушени домати, свежи домати, сирење и задолжителното маслиново масло, стана речиси задолжителен за секоја роденденска прослава. За многу германски деца пастата, односно, шпагетите со сосот „болоњезе” или тортелините, се најомилените јадења. Овчото сирење, кое кај Германците е најпознато по грчкото име „фета”, е исто толку омилено како и италијанската „моцарела” или „пармеџано”. Друг омилен медитерански рецепти е оној за салатата од лубеница, овчо сирење и црни маслинки.

Медитеранскиот начин на живот како филозофија

Притоа, љубовта за медитеранската култура на живеење кај многу Германци се препознава и во тоа како тие ја уредуваат градината или терасите. Јас и сопругот пред дваесет години првите саксии од теракота ги донесовме од Италија. Тие денес се нудат насекаде, а често се произведени во Италија. Во интернетот специјалисти за градинарство и внатрешен дизајн нудат совети како да ја уредите вашата градина, тераса или балкон на медитерански начин. Всушност, медитеранскиот начин на живот е омилен затоа што се поврзува со здрава и вкусна исхрана, но и со животен стил во кој се ужива во јадењето, во прославите со фамилиите и со пријателите. Откако кардиолозите ја прогласија медитеранската кујна и медитеранскиот начин на живот како најпријатни за срцевото здравје, многу самосвесни Германци од тоа направија своја филозофија на животот. Тоа важи особено за младите генерации Германци, кои фокусот во животот уште во младоста го положија врз здравата исхрана и избегнувањето на преголем стрес. Нивната кујна не е веќе онаа на нивните баби и дедовци, во која обично доминираа компирите и кнедлите, свинските и говедските печења со сос, но и тортите со путер и слатка павлака.

Така медитеранската култура на живеење го промени сензибилитетот и чувството за животот на многу Германци. Верувам дека  влијанието особено на италијанската кујна е сѐ повидливо и во македонскиот начин на живот. Тоа може само да ја збогати постоечката традиционална ризница од македонски јадења. Меѓутоа, македонските специјалитети би можеле исто толку добро да бидат прифатени и од германските љубители на медитеранската кујна, доколку македонските стопанственици би станале свесни колку успешен „бренд” би била медитеранската кујна од Македонија и би се обиделе да ја пласираат на пазарите во Западна Европа. Засега во ретки германски супермаркети може да се купат само теглички со многу вкусна лутеница, ајвар и пинџур, кои ги нуди некоја фирма од Келн.  Сѐ уште нема голема понуда на квалитетно македонско вино, ниту пак македонски калинки. Оние највкусните и најсочните, од Демир Капија. За тоа македонската држава треба само да направи план за извоз на најтипичните македонски медитерански производи. Секако, планот треба да се сфати сериозно и да се спроведе. Еден стар келнјанин, кој наспроти катедралата имаше прочуен дуќан за тутун, за цигари-пури и за лулиња, пред неколку децении ми раскажа дека од Македонија пред војната стигнувал во Германија најквалитетниот тутун и памук. Тоа значи дека денес во германските супермаркети од Македонија би можеле да стигнуваат барем најслатките лубеници, дињи и калинки, кои инаку доаѓаат од Турција или од Шпанија. Лубениците, дињите и калинките се одамна омилени кај Германците. Треба само на македонските стопанственици да им текне дека и тие би можеле да ги снабдуваат германските пазари, затоа што Македонија е поблиску до Германија отколку, на пример, Турција. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми