1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско-бугарскиот спор се прелева и во Албанија

ДТЗ
23 август 2022

Бугарите во Албанија бараат помош од бугарскиот претседател Румен Радев, поради притисок од Македонците. На притисок се жали и македонското малцинство, кое се чувствува загрозено од Бугарија

Бугарија Знаме
Расте притисокот за признавање и на бугарско малцинство во Албанија, во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Фотографија: BGNES

По барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, што стана и предуслов за напредување на евроинтеграциите, расте притисокот за признавање и на бугарско малцинство во Албанија, во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Последните најави се дека „Бугарите во Албанија бараат помош од бугарскиот претседател Румен Радев, поради притисок од Македонците“. На притисок се жали и македонското малцинство, коешто се чувствува загрозено, а однесувањето на Бугарија го оценува како внатрешно мешање во работите на Албанија. Од Тирана, пак, нема никаква реакција за проблемот.

Прелевање на спорот 

Како што пренесуваат бугарските медиуми, нивните сонародници во Албанија бараат итна средба со Радев, изразувајќи жалење штобугарско-македонскиот спор се пренесува и кај нив.  „Нивната загриженост произлегува од евентуалното одвојување на два региони во Албанија - Голо Брдо и Гора, во посебна општина. Таму е концентрирано бугарското малцинство, признато од парламентот во Тирана во 2017 година. Организации блиски до Скопје, пак, тврдат дека населението на овие простори е македонско“, наведува „24 часа“.

Според софиските медиуми, бугарската заедница во Албанија со векови живее во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Како што се наведува,  поделбата на Голо Брдо и Гора во посебни општини ќе му овозможи на тамошното компактно бугарско население полесно да привлекува инвестиции, да го докаже своето бугарско потекло и да побара помош од Бугарија.

„Нашата територија е полна со земјени патишта, нема ниту еден пат со асфалт. Многу е тешко да се влезе на нашите територии. Немаме ниту еден заменик. А, во општините немаме ниту еден наш претставник“, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Хаџи Пируши од здружението „Просперитет“ во Голо Брдо.

Освен недостигот на претставници во владата, во ниту еден албански официјален документ не е посочено каде живее оваа заедница, поради што тие тврдат дека им е се потешко да го докажат своето потекло врз основа на изводи од матична книга на родените.

„Голо Брдо во минатото била самостојна општина, односно во изводот на родените било запишано дека личноста е родена таму, а бидејќи се работи за збиено бугарско население, односно нема други таму освен Бугари, било многу лесно да се утврди бугарското потекло на кандидатот. Деновиве кога се ликвидирани овие општини ни се губи секаква трага чисто административно“, вели професор Спас Ташев од Институтот за население и хуманитарни истражувања при БАН. Тој смета дека на Бугарите им треба поддршка - најмногу за бугарските училишта.  

Бугарите во Албанија бараат помош од бугарскиот претседател Румен Радев, поради притисок од МакедонцитеФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Притисок пред пописот 

Ваквиот притисок доаѓа во пресрет на октомври, кога треба да се одржи пописот во Албанија. Паралелното прашање за поделба на општините, според бугарските медиуми, е загрозено од тамошните организации на Македонците кои имаат свој пратеник. Притоа се посочува на Васил Стерјовски, лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ. Тој во интервју за албанската телевизија „Еуроњуз Албанија“, деновиве изјави дека Бугарија ја смета за бугарска, не само македонската заедница во Албанија, туку и во балканските земји и тоа е поврзано со политиката на Софија кон Скопје.

„Во Албанија нема бугарско малцинство. Сета оваа е поврзано со политиката и односот на бугарската држава, што таа го има воопшто со македонската нација и со Македонија, но и секаде каде што има македонско малцинство во другите балкански земји, Бугарија тврди дека тие се Бугари. Бугарија ја прошири својата пропаганда и во областите каде што живее македонското малцинство во Албанија, во областа Гора, Преспа и Голо Брдо“, вели Стерјовски. 

Ветото како закана 

Тој смета дека, искористувајќи го членството во ЕУ, Бугарија, заканувајќи се со вето извршила притисок врз Албанија да признае непостоечко малцинство. „Искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија, изврши притисок врз Албанија и така беше признато во 2017 година непостоечко бугарско малцинство, кога не се исполнуваше ниту еден критериум за признаено на вакво малцинство затоа што од сите пописи направени во Албанија од создавањето на албанската држава до денес нема ниту едно лице кое се изјаснило за Бугарин“, вели тој.

Во сите извештаи што Албанија ги прави за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство. Токму под притисокот на Бугарија во 2017 година и заканата со вето на членството на Албанија во ЕУ беше признаено непостоечко бугарско малцинство, посочува Стерјовски.

И тој се жали дека македонското малцинство се чувствува загрозено, а однесувањето на Бугарија со оценува како „внатрешно мешање во работите на Албанија, од каде пак нема никаква реакција за проблемот“

„Како пратеник во Парламентот на Албанија, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено работата на бугарската амбасада и сите активности што ги спроведува за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Побарав реакција од албанските институции, но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија и ја остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда и за жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство“, посочува Стерјовски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми