Макетарство - хоби со голем влог

This browser does not support the video element.
Драган Цветиќ е еден од ретките макетари во Македонија. За 34 години изработил над 1000 макети на воздухопловни модели.
„Мене најинтересно ми е кога ги фарбам макетите и кога ги остарувам и правам ефекти за тие да бидат што поточни и поверни на оригиналот, кој ми е како референца. Исто така, многу интересен дел е и истражувањето, бидејќи за да се направи една макета потребно е многу да се истражува. Треба да се најдат фотографии, видеа.. Многупати читам и книги.“
За една макета потребно е најмалку една недела интензивна работа:
„Има макети, што јас се шегувам, ги викам дека се макети од камен. Додека тоа се изработи, за да се донесе до некое ниво, има многу фрустрации. Кога е лоша макетата, седнувам, стискам заби, болат рацете и кичмата, очи и врат, ама на крај мора да изгледа како што треба“, вели Драган.
Во Македонија нема пазар за макети. Тоа го прави макетарството - скапо хоби. Една макета може да чини од 3 до 3000 евра:
„99 отсто од работите ги купувам од странство. Дали кога одам по натпревари, по роднини, по шетање или одмор. Нарачувам и на интернет. Порано кога бев дете имаше многу повеќе [макети]. Имаше на секој ќош, во секоја трафика на времето. Луѓето правеа макети, но ова на 99 отсто од луѓето им е минливо хоби“, вели искусниот макетар Цветиќ, кој има освоено регионални и меѓународни награди. Тој се надева дека ова хоби нема да замре.