Грижите на ЕП: „Колбасот не може да биде вегански“
9 октомври 2025
Вегетаријанските производи што го заменуваат месото во иднина повеќе нема да смеат да се нарекуваат со имиња кои традиционално подразбираат дека станува збор за месо, одлучи Европскиот парламент со мнозинство гласови. На пример – „бургер“ или „колбас“. Тешко е да се каже дали ова ќе важи и за изрази кои можат да означуваат исечен дел од било што. Но, затоа, „шницлите“ треба јасно да покажуваат дека никако не се вегански.
За соодветната законска измена, во средата на 8 октомври во Стразбур гласаа 355 пратеници, додека 247 беа против. Одлуката сè уште не е конечна, бидејќи за неа треба да се усогласат сите 27 земји-членки на Европската Унија.
Предлогот го поднесе француската конзервативна пратеничка Селин Имар. „Се работи за транспарентност и јасност за потрошувачите, како и за признавање на трудот на нашите земјоделци“, рече Имар во расправата во Европскиот парламент. Според нејзиното мислење, називите што се користат при продажба ги доведуваат купувачите во заблуда.
Веќе се знае што е што
Организацијата на потрошувачи БЕУЦ не се согласува со тоа и се повикува на сопствени истражувања. „Поголемиот дел од потрошувачите не се збунети од тие називи“, напиша експертката на организацијата Ирина Попеску на нивната веб-страница. „Носителите на одлуки треба да се фокусираат на тоа пакувањата да бидат јасни и разбирливи, со ознаки во кои може да се има доверба“, порача таа.
Заедничко писмо до германските пратеници во Европскиот парламент, со кое се спротивставуваат на забраната на постоечките називи на месни алтернативи, потпишале и големи прехранбени концерни. Меѓу потписниците се, меѓу другите, Алди, Лидл и Бургер Кинг. Тие веќе во својата понуда имаат цела палета производи како замена за месо.
Сепак, германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) и министерот за земјоделство Алојз Рајнер (ЦСУ) ја поддржаа забраната на ваквите ознаки. „Колбас е колбас. Колбасот не е вегански“, изјави Мерц во неделата навечер за јавниот сервис АРД. Сепак, мнозинството германски пратеници од редовите на демохристијаните на Мерц, гласаа против предлогот. „Штета што мнозинството во Европскиот парламент, во време кога имаме вистински проблеми, се занимава со вакви глупости“, рече пратеникот на ЦДУ, Петер Лизе.
Судир на светогледи
Слично реагираа и пратениците на социјалдемократите, Зелените и Либералите. „Изрази како веге-бургер или тофу-колбас одамна се секојдневие“, смета пратеничката на СПД, Марија Нојл. А, забраната, како што додава, нема да ги реши проблемите во земјоделството: „Ниту еден земјоделец поради тоа нема да има повеќе пари во џебот“.
Сепак, прашањето дали да се биде веган или да се јаде месо сè почесто не е само одлука за исхраната, туку и израз на личен светоглед – па така и општествена поделба. Додека се води битка околу „веге-бургерите“, уште е понејасно дали „млеко без лактоза“ смее да се нарекува млеко.
Бидејќи, строго гледано, тоа не е млеко. Станува збор главно за смелена овесна смеса измешана со многу вода, на која ѝ се додаваат ензими (најчесто амилаза) за скробот да се разгради во шеќер. Во прехранбената индустрија амилазата се добива со микробиолошка ферментација (на пример од бактеријата Bacillus subtilis или од мувлата Aspergillus oryzae). За подобра текстура, се додава и одредено количество маст – инаку никогаш не би добиле пена во вашиот веге-капучино. Подобро ли е тоа од кравјото млеко? Некои велат - да.
Пакет мерки за заштита на земјоделците
Гласањето за називите на бургерите во Стразбур беше дел од законодавниот пакет со кој ЕУ всушност сака да ја зајакне положбата на земјоделците во преговорите за цени со трговските ланци. Во тоа спаѓа и обврската за склучување писмени договори меѓу производителите и нивните купувачи – што засега не е вообичаено во млечната индустрија.
Европскиот парламент во средата начелно застана зад тој пакет. Сепак, мнозинството се изјасни и за можноста за изземање од обврската за договори, ако тоа го побара стручна организација. Освен тоа, Парламентот се заложи и за низа олеснувања за земјоделците во спроведувањето на мерките за заштита на климата.
За сите реформи треба дополнително да се договорат сите 27 земји-членки на ЕУ. Ќе видиме дали ќе се согласат и околу забраната на називи како „веге-бургер“.