1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаЕвропа

Макрон: Европа мора да има свои мисии со астронаути

10 септември 2026

Европа треба да развие сопствен капацитет за мисии со астронаути во рок од една деценија, порача францускиот претседател Емануел Макрон на самитот за вселената во Париз.

Францускиот претседател Емануел Макрон покрај знаме на ЕУ
Европа мора да биде конкурентна во вселенските летови, вели францускиот претседател МакронФотографија: Amanuel Sileshi/AP Photo/picture alliance

Францускиот претседател  Емануел Макрон  во четвртокот ја повика Европа да развие сопствен капацитет за летови со астронаути во рок од една деценија, како дел од пошироките напори за зајакнување на европскиот вселенски сектор.

Макрон го упати повикот за време на меѓународниот самит за вселената што оваа недела се одржува во Париз, во организација на  Франција  и   Германија, а на кој и покрај поканата не присуствуваа неколку американски компании, меѓу кои и „СпејсЕкс“ и „Блу Ориџин“.

„Сакаме Европа да ја потврди својата амбиција во областа на летовите со астронаути“, изјави тој.

„Нашата европска вселенска програма и понатаму е ранлива и мора да ги засилиме нашите напори.“

Неговиот повик следува по апелот на генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, кој доцна во средата, на затворена средба со министри и високи претставници, побара повеќе средства за развој на независен европски вселенски сектор.

„Дали ќе бидеме патници или пилоти?“, праша Ашбахер во говорот чија копија била доставена до АФП.

Тој посочи на брзиот  развој на вселенските технологии  ширум светот, од развојот на сателити до истражувањето на Месечината и Марс.

„Во овој нов контекст, Европа мора да се позиционира како незаменлив партнер, со сопствени капацитети“, нагласи Ашбахер.

Европа сака поголема независност во вселената

Во последните години Европа се стреми кон поголема независност во вселенскиот сектор, но досега никогаш нема испратено сопствена мисија со астронаути, туку се потпираше на ракетите и капсулите на  Русија и  Соединетите Американски Држави.

Францускиот претседател во четвртокот претстави серија цели што сака Европа да ги постигне во текот на следната деценија.

„За две години сакам да ја видам првата европска товарна капсула ‘Никс’ како се приклучува на Меѓународната вселенска станица; за пет години првиот европски лунарен лендер ‘Аргонаут’ да слета на површината на  Месечината“,  рече Макрон.

„А за десет години првата европска капсула со екипаж да полета од Куру со европски астронаути и астронаути од други земји на бродот“, додаде тој, мислејќи на европскиот космодром во Француска Гвајана.

Инвестиции од милијарда евра годишно

Развојот на овој сектор носи значителни финансиски трошоци.

Ашбахер процени дека за тоа ќе бидат потребни инвестиции од околу една милијарда евра годишно во текот на следните десет години.

Сепак, според него, и понатамошната зависност од други партнери има висока цена.

„Купувањето летови за европски астронаути од странски компании би чинело пет милијарди евра во период од десет години“, изјави тој, посочувајќи дека тие средства би поддржувале странски индустрии наместо европскиот сектор.

На тој начин Европа би ја пропуштила можноста за отворање нови работни места, развој на технолошки капацитети и зајакнување на својата автономија.

Земјите членки на Европската вселенска агенција се очекува да одржат министерски состанок во декември, на кој ќе одлучуваат за следните чекори.

Минатата година ЕСА обезбеди рекорден буџет од 22,1 милијарда евра за финансирање на своите програми во наредните три години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми