1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Макрон бара прекин на бомбардирањето во Газа

ЖА / агенции
11 ноември 2023

Францускиот претседател ги смета цивилните жртви на израелската воена акција во Појасот Газа за неприфатливи и бара прекин на огнот. Израелскиот премиер пак истакнува дека одговорноста треба да се лоцира кај Хамас.

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон побара прекин на огнот во Појасот ГазаФотографија: Ludovic Marin/REUTERS

За да запрат страдањата на цивилното население за време на израелската воена операција против исламистичкиот Хамас, францускиот претседател Емануел Макрон побара прекин на огнот во Појасот Газа.

„Се бомбардираат и убиваат цивили, бебиња, жени и стари луѓе. Не постои никакво оправдување за напаѓањето цивили. Бараме од Израел да прекине со ова. Сакам сите да ги потсетам на меѓународното право, барам прекин на огнот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во денеска (сабота) објавеното интервју за британската телевизија Би-Би-Си.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш реагираше и ги отфрли обвинувањата на Макрон. „Одговорноста за страдањата на цивилите е во рацете на Хамас, не кај Израел. Додека Израел прави сѐ што е во негова моќ за да ги поштеди цивилите и им упатува повици да ја напуштат зоната на  воени дејства, Хамас ги злоупотребува како живи човечки штитови и презема сѐ можно за да ги спречи да заминат на побезбедна територија. Злосторствата кои Хамас ги врши денес во Газа, утре ќе ги извршува во Париз, Њујорк и целиот свет. Шефовите на држави треба да го осудат Хамас, а не Израел“, напиша Нетанјаху на социјалната платфома Х (поранешен Твитер).

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху: одговорноста за вивилните жртви треба да се лоцира кај Хамас Фотографија: imago images/Xinhua

Од почетокот на војната, според Министерството за здравство во  Појасот Газа,  контролирано од Хамас, во Газа биле убиени повеќе од 11.000 луѓе, најголем дел  палестински цивили.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адханом Гебрејсус пред Советот за безбедност на ОН изнесе податок дека на секои десет минути во Газа се убива едно дете. Според СЗО, 20 од 36 болници во Појасот Газа  веќе не работат поради оштетувања во бомбардирањата и недостиг од медицински материјал. Преостанатите болници се борат со преоптовареност, иако исто така страдаат од недостиг на лекарства и помагала.

Израелското Министерство за надворешни работи во меѓувреме го коригираше бројот на жртви во терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври на 1200 наместо 1400, со укажување дека е можна промена откако ќе бидат идентификувани сите тела. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми